Рецензија : Жерновски упорен да ги дислоцира спомениците, иако тоа е незаконски

netpress_com_mk_zhernovski-uporen-da-gi-dislocira-somenicite-iako-toa-e-nezakonski-crop-resize

Текстот што го рецензираме со нагласена претенциозност  пренесува  фрагмент од  интервјуто на градоначалникот на Центар дадено за друг медиум. Особена тенденција се забележува во насловот: „Жерновски упорен да ги дислоцира спомениците иако тоа е незаконски“  и во поднасловот, напишани во еден критизерски тон. Оваа спинерска кобинација ја турка тезата дека на градоначалникот му се „врзани рацете“  за  спомениците поствени во централното граско подрачје за време  на мандатот на неговиот претходник. И, наводно, секој негов потег во однос на нивното поместување од територијата на Општината ќе биде во спротивност со Законот.

netpress_com_mk_zhernovski-uporen-da-gi-dislocira-somenicite-iako-toa-e-nezakonskiЛинк до оригиналниот напис: Жерновски упорен да ги дислоцира спомениците, иако тоа е незаконски

 Датум и време на објавување: 15.06.2014, 11:15

Датум на рецензирање: 16.06.2014

Рецензент: Оливера Војновска

 

ТЕКСТОТ „ВИСИ“

Написот се темели на изјавата на градоначалникот на Центар,  таа е точно пренесена и  е нотиран изворот, само без да се наведе линкот. Меѓутоа, проблемот е во тоа што кажаното наменски се користи за да се прави конструкција со која во јавноста се креира атмосфера дека градоначалникот е, всушност, немоќен во однос на проектот „Скопје 2014“. Притоа, се излегува со децидно тврдење дека спомениците се законски поставени и дека градоначалникот ќе постапи спротивно на законот. Сепак, за тоа не се  нудат никакви аргументи.  Во текстот воопшто не се споменува за кој закон се работи, ниту, пак, се цитираат одредбите кои се однесуваат на оваа тема. Нема ниту правничко толкување на законот,  а не се пренесуваат ниту експертски мислења. Практично, сите изнесени наводи висат.

Во изминатиот период  во јавноста можеа да се слушнат различни мислења за оправданоста на спомениците и за законитоста на постапката во која се спроведени. Професорката Мирајана Најчевска, на пример, во повеќе наврати досега јасно го искажа својот став  дека со поставувањето на спомениците  е прекршен  Законот за меморијални споменици и спомен обележја. Таа смета дека Програмата на општина Центар за одбележување на значајни настани и истакнати личности со спомен обележја од 2009 година, е спротивна на Законот за меморијални споменици и спомен обележја, „ заради тоа што ниту еден од личностите спомнати во програмата не е на никаков начин поврзан со општина Центар и нема локално значење“. Најчевска уште на 23 април минатата година (кога Жерновски и официјално беше прогласен за градоначалник на Општина Центар),  на нејзиниот блог „Квадратура на кругот“ во колумната „Како да се тргнат спомениците во Центарот на Скопје со примена на важечките закони “, напиша:

Новиот градоначалник треба веднаш да ја преиспита законитоста на Програмата

 

 Доколку се утврди прекршување на законот да се поведе кривична постапка против претседателот на Советот, градоначалникот, министерот за локална самоуправа и министерот за финансии за злоупотреба на службената должност  со барање за враќање на сите средства кои се противзаконски потрошени

 

Да започне постапка за отстранување на спомениците со тоа што трошоците ќе паднат на сметка на прекршителите на законот, а никако не на граѓаните на општина Центар

 

Онака, пак, како што е пласиран текстот, читатателите  се оставени да  веруваат исклучиво на субјективниот став на неименуваниот автор.  Што навистина е претенциозно.

 

КОМЕНТАТОРСКИ ТОН

Во овој целосно необјективен  напис само навидум е дадена втората страна. Изјавата на Жерновски  не е пренесена  за да се информира јавноста, туку за да се нападне градоначалникот  и неговата идеја граѓаните од Општина Центар на референдум да одлучат за судбината на спомениците од проектот „Скопје 2014“.

Пристрасноста е видлива во самата конструкција на текстот, а ваквиот впечаток дополнително го засилуваат коментаторските елементи од типот „негова главна „мантра“ во предизборната градоначалничка кампања“ со кои е зачинета веста.  Ваквиот пристап се коси со 13 и 14 амандман на новинарскиот Кодес.

Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот.(член 13)

 

Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти. (член 14 – вториот став)

 

Насловот и поднасловот, кои всушност се најпроблематични во текстот,  исто така, се напишани во коментаторски манир:

Желбата на градоначалникот на Центар да ги дислоцира спомениците звучи прилично опортунистички, особено поради фактот што и тој добро го знае,  дека изгработката и поставувањето на спомениците од проектот „Скопје 2014“ се спроведени во законска процедура.

А, во таков тон е и заклучокот на текстот:

Објектите се легално поставени и како такви Жерновски нема силни аргументи на негова страна да ги помести и постави на сосема други места.

 

НЕШТАТА ПОСТАВЕНИ НАОПАКУ

Со ваквата комбинација на насловот и подналсовот, всушност, нештата се поставуваат наопаку. Па, не се доведува под прашалник дали Законот го прекршил тој што дозволил да се постават спомениците, туку експлицитно се тврди дека противзаконски ќе постапи тој што гласно размислува да ги отстрани!

Манипулативната порака која им се испраќа на читателите се надополнува и со фотографијата со која е илустриран овој материјал и која е прилично впечатлива. На неа е прикажан Жерновски со израз на лицето кој асоцира на жестокост, лутина.

Во преамбулата на Кодексот на новинарите е прецизно наведено дека новинарите имаат улога да пренесуваат информации, идеи и мислења и право да коментираат. Но, дека при пренесувањето на информациите  ќе ги почитуваат етичките вредности и професионалните стандарди и дека ќе бидат чесни, објективни и точни. За жал, во материјалот што е предмет на оваа  рецензија затаиле принципите кои значат стандард во новинарската професија.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција