Руска специјална војна на интернет – 50.000 лажни профили
Околу 50.000 лажни сметки на германски јазик го поттикнуваат незадоволството од германската влада и ја поткопуваат поддршката за Украина, според анализата на германското МНР
Германското Министерство за надворешни работи откри руска кампања за дезинформации на платформата Х (поранешно Твитер). Околу 50.000 лажни сметки на германски јазик го поттикнуваат незадоволството од германската влада и ја поткопуваат поддршката за Украина, според анализата на Министерството.
Истражувањето се однесува на периодот од 20 декември до 20 јануари, објави Шпигел, а пренесе германската новинска агенција ДПА.
Во тој период имало повеќе од милион твитови на германски од лажните сметки. Твитовите често содржеле обвинувања дека германската влада го запоставува сопственото население за да ја поддржи Украина.
„Разочаран сум затоа што владата повеќе работи за други земји отколку за сопствените граѓани“, гласел еден од највиралните твитови.
Лажните сметки биле поврзани со истите веб сајтови кои шират лажни вести, како на пример дека Украина е на пат да биде поразена.
Изостанувале твитови единствено за време на викендите и руските државни празници.
Како што е наведено во извештајот, актуелниот бран напади ги таргетира и другите европски земји. Постојат индикации дека голем дел од кампањата е автоматизирана и контролирана од алгоритми.
„Дезинформациите станаа глобална закана“, изјави портпаролот на Министерството за „Шпигел“.
Целта на дезинформациите, додаде тој, е дестабилизација на цели општества, „не само во западните демократии, туку и насекаде“.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар