Сѐ поизвесно е дека Ковачевски нема да ги намали функционерските плати

Димитар Ковачевски/Белград, ноември 2023.Фото: Влада на РСМ/веб

Со повторената изјава на премиерот Димитар Ковачевски дека парите од зголемувањето од 78 отсто на платите на функционерите (15 милиони евра на годишно ниво), нема да бидат доволни за да се покријат моменталните синдикални барања, дека треба да се постигне правичност во плаќањето на трудот за секој во државата и дека материјата била сложена – имало 7 закони за менување, сето тоа само ја покажува недоследноста во однос на ветувањата дека оваа Влада ќе го реши тоа прашање во насока да се намалат зголемувањата од 78 отсто

 

Со повторената изјава на премиерот Димитар Ковачевски дека парите од зголемувањето од 78 отсто на платите на функционерите (15 милиони евра на годишно ниво), нема да бидат доволни за да се покријат моменталните синдикални барања, дека треба да се постигне правичност во плаќањето на трудот за секој во државата и дека материјата била сложена – имало 7 закони за менување, сето тоа само ја покажува недоследноста во однос на ветувањата дека оваа Влада ќе го реши тоа прашање во насока да се намалат зголемувањата од 78 отсто

 

 

Претседателот на Владата на РСМ, Димитар Ковачевски даде изјава во врска со „функционерските плати“, во која може да се детектира недоследност:

Во однос на функционерските плати треба седум закони да се менуваат при што кај дел од функционерите постојат законски одредби дека не може да се намалува платата. Постојат такви одредби. На пример кај платите на судиите. Во тие делови од законите. Делот кај пратениците е регулиран со Закон за пратеници, а пратениците се над тие кои ги бираат, а тоа е Владата, затоа велам дека се работи за комплексно решение. Тоа, на крајот на денот, треба да донесе правичност во плаќањето на трудот, согласно одговорностите што секој ги има во државата. Ние бевме во ситуација во која претседател на држава имаше помала плата од секретарка во Агенција за електронски комуникации, на пример. Сметам дека тоа е, исто така, дисбаланс кој треба да се адресира на соодветен начин, рече премиерот Ковачевски.

[Извор: МИА-Видео сервис/Изјава на Д.Ковачевски;, датум: 23.11.2023]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Премиерот Димитар Ковачевски, кога станува збор за намалувањето на платите на избраните и именуваните лица, останува недоследен во делот кога тоа ќе се стори и дали е одбрано решението на кој начин.

Освен што вчерашната изјава на Ковачевски е недоследна во однос на времето на реформата, што како таква е оценета и објавена од „Вистиномер“ уште во јули, таа е на иста линија и со неговата изјава на оваа тема дадена во октомври во којашто што, пак, се препознава извртување на вистината, т.е. спин.

Но, суштината е во тоа што ако се компарираат двете изјави (вчерашната и таа од октомври каде зборува декатреба да се најде фер решение за сите“, па да го видела Владата, па со тоа да се согласеле и пратениците…), се стекнува впечаток како премиерот да се залага да остане ова законско решение за плати од 2 и 2,5 илјади евра за првиот ешалон на избрани и именувани лица, а да се пресметуваат различни плати кај сите други ешалони, посебно на именуваните лица и посебно кај агенциите, инспекторатите, независните тела, правосудството, итн…

И не само таму, една скорешна изјава на вицепремиерот Фатмир Битиќи, а и други изјави на Ковачевски, укажуваат дека платите во јавниот сектор генерално тие би ги врзале за квалитетот на испорачаните услуги. Арно ама, тоа се коси со други политики на Владата (пораст на минималната и просечната плата), а се коси и со реалните потреби на секторите какви што се, особено здравство, образование, дигитална трансформација на државата, итн. Но, тоа е друга, многу посложена тема од корпусот на реформи во администрација со аспект „плати во јавен сектор“(Види „Администрирањето“ со администрацијата – клучен предуслов за реформите,стр.12).

Значи, недоследноста на премиерот е во тоа што тој не сака јавно да каже дека го преферира овој став и дека се залага за ова постојно решение, а се затскрива зад работната група, која и утре да излезе со решение, до негово законско преточување нема да може да решава оваа Влада.

Вака, кажувајќи како вчера дека „тие финансиски средства не можат да ги покријат барањата што постојат“ (демек 15 милиони евра годишно не биле доволни за други што во моментов штрајкуваат) и дека „работната група сè уште нема излезено со предлог“…се чини дека во прашање е волјата за менување на состојбата, на што укажува и споменатата изјава на Битиќи во која тој де факто кажува дека времето недозволиво тече.

Значи премиерот не сака јасно да каже дека ако се имало волја работната група и Владата во целина досега можела на еден, друг или трет начин да го реши ова прашање. А решенијата се три – делумно решение, со намалување на коефициентите на избраните или именуваните лица, што беше најавувано уште пролетта 2023 г., амандманска измена на седумте закони за кои зборува Ковачевски, зашто тоа е надлежност исто така на Владата, вклучувајќи го дури и Законот за плати на судиите (чл.2/став 3), или со Закон за платите на вработените во јавен сектор, системско решение за кое колку и да треба време, досега можеше барем една работна верзија да се пушти на јавна расправа, па да се опипа пулсот и на стручната јавност (универзитетските професори), експертите од невладиниот сектор и на засегнатите – вработените претставени преку синдикатите.

Вака, останува впечатокот дека платите на избраните и именуваните лица, вклучувајќи ги и пратениците, им се многу важни на сите политички партии, вклучувајќи ги и сегашниве, како и на безмалку целата опозиција, парламентарна или вонпарламентарна.

Оттука и недоследноста како факт и во вчерашната изјава, која може да се види ако се направи преглед на сите позначајни изјави што ги забележал „Вистиномер“ уште во април, како и спинови што ги забележал и во јули. Премиерот е недоследен кога кажува дека не сакал популистичко решение, зашто пак, со такво системско решение де факто се задржува зголемувањето на платите на сите избрани и именувани лица до крајот на мандатот на оваа власт.

Останува само да се види како ќе се исполни уверувањето дека колективните договори и новата методологија која треба да стапи во сила од 2025 година, нема да предизвика и зголемување на платите на 1.260 избрани и именувани функционери макар за 10 отсто.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценил:Теофил Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција