Сатирична снимка претставена како вистинска: СЗО не одобрила производство на човечко месо

Фото: Принтскрин видео

Видеоснимката споделена во оваа објава на Фејсбук прикажува дел од британскиот мокументарец насловен The British Miracle Meat. Тоа е сатирична псевдо-документарна комедија емитувана на британскиот телевизиски канал „Channel 4” на 24 јули оваа година. Така што, не станува збор за вистинско производство на човечко месо во Велика Британија. Јазичните корени на зборот мокументарец се во спојот на зборовите на англиски јазик „mock” (исмевање) и „documentary” (документарец), овој жанр, всушност е еден вид на лажен, исмејувачки документарец

Видеоснимката споделена во оваа објава на Фејсбук прикажува дел од британскиот мокументарец насловен:„The British Miracle Meat“. Тоа е сатирична псевдо-документарна комедија емитувана на британскиот телевизиски канал „Channel 4” на 24 јули оваа година. Така што, не станува збор за вистинско производство на човечко месо во Велика Британија. Јазичните корени на зборот мокументарец се во спојот на зборовите на англиски јазик „mock” (исмевање) и „documentary” (документарец), овој жанр, всушност, е еден вид на лажен, исмејувачки документарец

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се вели:

За некои што не веруваат, да ги увериме дека СЗО го одобрила производството на човечко месо.

Во склоп на објавата се споделува видеоматеријал во кој се појавува Грег Валас, водител на популарната емисија за кулинарство Masterchef во Велика Британија, кој промовира нови „шницли“ направени од  „модификувано човечко месо“. Снимката прикажува дел од британскиот мокументарец.

Мокументарец е вид на телевизиско шоу кое претставува фиктивни настани презентирани како да се документарец. Овие продукции често се користат за да се анализираат или да се коментираат настани кои се актуелни во фиктивен сетинг или за пародија. Мокументарците вообичаено се комични.

Во конкретниот случај, видеоснимката прикажува дел од британскиот мокументарец насловен The British Miracle Meat. Тоа е сатирична псевдо-документарна комедија емитувана на британскиот телевизиски канал „Channel 4” на 24 јули оваа година. Во Велика Британија не постојат фабрики кои произведуваат човечко месо.

Во описот на мокументарецот се вели:

Со порастот на цената на храната Грег Валас истражува нов евтин месен производ создаден во лабораторија за која неговите произведувачи тврдат дека би можел да биде решение за кризата со трошоците за живот.

Проверувачите на факти на српски Истиномер пишуваат дека мокументарецот е заснован на сатиричниот есеј „A Modest Proposal” од Џонатан Свифт од 1729 година. Тоа го објаснил самиот Грег Валас за британскиот весник Сан.

Во написот се говори за тоа дека сиромашното општество во Ирска треба да ги продаде своите деца на богатите како храна, за некако да би се справило со гладот.

Грег Валас во текстот на Сан наведува дека мокументарецот ги позајмува идеите на Свифт за да ги осуди трошоците за храна во Велика Британија и дека целта била да се постават важни прашања во односот на нацијата кон храната и што се очекува од оние кои се борат со трошоците за живот за да можат да преживеат.

И проверувачите на факти од Шпанија, од Малдита, дојдоа до слични сознанија.

Британски Би Би Си во својата анализа за мокументарецот, исто така, е дециден дека не станува збор за вистинско производство на човечко месо.

Програмскиот директор Том Кингсли за Би Би Си кажува дека шоуто имало многу здрава и трезвена цел, а тоа е сатира за начинот на кој мизеријата поради трошоците за живот станува нормална работа. Тој додава дека сакале да ја направат публиката лута за тоа колку е нефер третманот во државата и колку е ужасно што таа состојба мора да биде прифатена.

Реакцијата на гледачите ја докажува нашата поента. Ако луѓето можеа да поверуваат дека е вистина, тогаш тоа ви покажува какви се работите. Нашата намера не беше да создадеме измама туку мислевме дека сатирата ќе биде помоќна ако ги изненади луѓето. Сакав да го почитувам стилот на мејнстрим телевизиски документарец, но никогаш не мислев дека луѓето ќе веруваат во него подолго од пет минути, вели Кингсли за Би Би Си.

Јазичните корени на зборот мокументарец се во спојот на зборовите на англиски јазик „mock” (исмевање) и „documentary” (документарец), иовој жанр е всушност еден вид на лажен, исмејувачки документарец. Филмските режисери го користат овој формат за да критикуваат и исмеваат различни теми низ сатира.

Во врска со делот од објавата во кој се тврди дека СЗО одобрила производство на човечко месо, тоа исто така, е невистина.

Поради сите горенаведени факти објавата што рецензираме ја оценуваме како сатирична.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција