Се сoздаваат услови за обесштетување во политички монтираните случаи

Фото: Pixabay

 

Владејачката партија СДСМ во предизборната програма во декември 2016 го даде следното ветување за кое оценуваме дека за преземени чекори за делумно исполнување:

Ќе воведеме законска основа за преиспитување на судските одлуки кои беа донесени врз основа на политички диктат и обесштетување на жртвите.

[Извор: СДСМ – План за живот во Македонија (стр.30), рок: декември 2016 г.]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Владејачката партија СДСМ во предизборната пограма вети дека врз законска основа што ќе ја воведат ќе се преиспитаат судските одлуки што биле носени врз основа на политички диктат и дека ќе ги обесштетат жртвите.

Ова прашање се отвори за време на политичката криза, особено по „бомбите“ објавувани од СДСМ од делови од прислушуваните телефонски разговори каде што имаше јасни индиции за злоупотреби. Веќе во 2017 година, повеќе десетици граѓани што се сметаат за жртви на монтирани политичко-полициски судски случаи се обединија и во Комитет за заштита на правата – Скопје. Комитетот, исто како и другите сродни граѓански здруженија, активно учествуваа со предлози при изготување на Стратегијата за реформи во правосудството, во која се очекуваше вградување на посебно законско решение (најчесто се споменуваше со времена важност од една година), при што граѓаните ќе можеа веднаш да ги обноват постапките доколку се убедени или поседуваат докази дека биле жртви на монтирани судски случаи со политичка позадина.

Ваквото законско решение не беше донесено и не е предвидено во Стратегијата, па, ако стриктно се гледа ветувањето, би го оцениле како неисполнето. Меѓутоа, Комитетот освен законско решение, побара од Владата на РМ носење на подзаконски акт – заклучок со кој би се овозмозжило олеснето прибирање на податоци за таквите неправди:

Комитетот се залага Владата на Република Македонија да донесе подзаконски акт односно заклучок со мерки и работна група која ќе ја следи имплементацијата на мерките. Во заклучокот се очекува да биде констатирано постоењето на погоре наведените состојби кои се причина за донесувањето на мерките. Со мерките, со цел целосно почитување на слободите и правата на граѓаните учесници во судските постапки, ќе им се овозможи, согласно постојната регулатива, пристап до документи, факти и докази во институциите кои можат да им послужат при користењето на вонредните правни лекови.

На седница на Владата на РМ одржана на 15.05.2018 година, Владата го усвои ваквото барање на Комитетот. Од владината прес служба го добивме следниот одговор на прашањето како прецизно гласи заклучокот:

На 68-мата седница Владата на Република Македонија ја разгледа Информацијата за Барањето на Комитетот за заштита на правата и сродните здруженија на граѓани кои се залагаат за преиспитување на политички мотивираните случаи. Притоа Владата донесе и неколку заклучоци:

  1. Да се формира работна група за следење на постапувањето по барањата, претставките и предлозите до органите на државната управа преку проверка и прибирање факти и докази, составена од претставник на Владата на Република Македонија, државните секретари во Министерството за правда и Министерството за внатрешни работи, директорот на Државниот Управен инспекторат, претставник на Народниот правобранител на Република Македонија и претставник на Комитетот за заштита на правата и сродните здруженија на граѓани.

  2. Работната група се формира за период од една година и таа е задолжена квартално да доставува информации до Владата за целите за кои е основана.

  3. Се задолжува Работната група особено да го следи постапувањето по барањата, претставките или предлозите во кои е индицирана повреда на некои од основните слободи, права и начела во постапките, како што е пресумпција на невиност, правото на правично судење, каде се користени заштитени сведоци, постојат материјали кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, кои заедно со податоците за злоупотребите на автоматизираниот систем за управување со судските предмети (АКМИС) упатуваат на евентуална политичка мотивираност и пристрасност при постапувањето.

  4. Се задолжуваат органите на државната управа да постапуваат по доставените барања, претставки и предлози одговорно, ефикасно и ажурно да ги доставуваат бараните списи и докази, а таму каде што има евидентни повреди на слободите и правата да постапат согласно уставниот принцип на итност и приоритет.

  5. Подносителите на барањата, претставките и предлозите, добиените списи, докази и наоди можат да ги користат во институциите каде сметаат дека можат да им помогнат во остварувањето на нивните права и интереси, како преиспитување на постоечки или како нови факти, докази и околности.

  6. Се задолжуваат надлежните инспекциски органи да вршат редовен и вонреден надзор, по свое наоѓање и по понесени иницијативи и претставки за надзор и за тоа квартално да ја известуваат Владата.“

Со ваквиот заклучок на Владата, кој спаѓа во подзаконски акт, на граѓаните членови на Комитетот и на другите сродни граѓански организации, им се олеснува патот за собирање на докази, а државните органи и другите институции се задолжени „каде што има евидентни повреди на слободите и правата да постапат согласно уставниот принцип на итност и приоритет.

Поради ваквата фактичка ситуација може да се даде оценка дека предизборното ветување на владејачката партија, наведено на почетокот од текстот, е делумно исполнето. Навистина нема посебно законско решение, но затоа има подзаконска регулатива со која се овозможува обновување на постпаките преку вонреден правен лек – нови докази, а со тоа и за обесштетување на жртвите на незаконските судски постапки.

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција