Сè уште нема независна и ефикасна Антикорупциска комисија

 

Ќе предложиме нов формат за вистинска Антикорупциска комисија, со пристап до сите институции и информации, силен мандат и независен состав.

[Извор: Изборна програма на СДСМ, (2016), „План за живот во Македонија“ (стр. 233)]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

За предвремените парламентарни избори (декември 2016 г.) СДСМ вети дека во првите шест месеци од мандатот ќе предложи нов формат за вистинска Антикорупциска комисија, со пристап до сите институции и информации, со силен мандат и независен состав. Ова изборно ветување на социјалдемократите досега (19.04.2018 г.)  не е исполнето.

Споменатото ветување на СДСМ е дадено во нивната изборна програма: „План за живот во Македонија“ , во  „ПЛАНОТ 180 – ИТНИ РЕФОРМСКИ ПРИОРИТЕТИ НА НОВАТА ВЛАДА ВО ПРВИТЕ 6 МЕСЕЦИ“,  во делот „Правда, сигурност, контрола на власта“ ( стр. 233).  Што значи, според рокот за реализација наведен во програмата (првите шест месеци од мандатот), реформата на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за таа да има „силен мандат и независен состав“, требаше да биде барем започната најдоцна до крајот на ноември 2017 година – со оглед на тоа што новата Влада на премиерот Зоран Заев беше избрана на 31 мај 2017 година. Сепак, наспроти ваквите планови, иако се поминати повеќе од десет месеци од формирањето на Владата, досега (19.04.2018), тоа не се случи.

 

ПЕТМИНА АНТИКОРУПЦИОНЕРИ ПОДНЕСОА ОСТАВКИ

На почетокот на март (2018) петмина членови на Антикорупциската комисија (која брои седум члена) си поднесоа оставки,  по објавувањето на ревизорскиот извештај за работата на ДКСК,  во кој се изразени сомневања за исплата на фиктивни патни налози на дел од антикорупционерите. Како што беше објавено во медиумите, внатрешната ревизија направена од УЈП, покажала дека дел од членовите на ДКСК неодговорно трошеле буџетски средства, а за овој случај Основното јавно обвинителство поведе постапка за можна корупција. Од ДКСК отпрвин ги отфрлија обвинувањата и тврдеа дека случајот со наводните злоупотреби на патните трошоци е инструиран со цел да се оцрни нивната работа. Но, само по неколку дена петмина членови на ДКСК поднесоа оставки.

Премиерот Заев на 06.03.2018 година одговарајќи на новинарско прашање ја поздрави одлуката на дел членовите на ДКСК да поднесат оставки.

Можеме да ги ослободиме институциите доколку бидеме транспарентни, отчетни и доколку преземеме одговорност, макар и етичка. Убеден сум дека на Македонија и треба сериозна Антикорупциска комисија, која ќе почива на сите потребни меѓународни пракси и ќе биде будното око на следење на извршната власт и на се што има допир со народните пари, рече тогаш Заев.

На 19 март 2018 година Собранието на РМ  ја донесе Одлуката за разрешување на петмината членови на ДКСК  кои си поднесоа оставки – Игор Тантуровски, Горан Миленков, Жаклина Дамчевска, Сејди Халили и Фарие Алиу. Претходно ваквата одлука беше утврдена и на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, на чија седница членот на Комисијата Артан Груби од ДУИ ги повика и преостанатите двајца антикорупционери Сузана Тоскова Аџикотарева и Најдо Спасевски, да си поднесат оставки.

На веб-страницата на Државната комисија за спречување на корупцијата последната информација е од 29 март (2018), а во неа се соопштува дека поради  фактот што „се разрешени од функцијата пет членови на ДКСК,  Комисијата во претстојниот период нема можност да одлучува и решава по однос доставените барања и пријави од странките.“

Во смисла на наведеното, известуваме дека Секретаријат како стручна служба на ДКСК, ќе постапува и ќе ги врши административните и техничките работи на ДКСК и преку архивата и службената електронска пошта на ДКСК ќе ја прима и администрира целокупната документација што ќе пристига на адреса на ДКСК.

 

ПОСЛЕДНИТЕ ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ НАПРАВЕНИ ВО 2015

Организацијата на работата и надлежностите на ДКСК, како и изборот и разрешувањето на нејзините членови, се уредени со Законот за спречување на корупцијата, донесен во 2002 година, а во изминатите 16 години  неколкупати е менуван. Како што може да се види на сајтот pravo.org.mk, последните измени на Законот за спречување на корупцијата се направени во август 2015 година, односно во времето на претходната Влада – предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

На 19.03.2018 година премиерот Заев одговарајќи на новинарско прашање по завршување на рочиштето за „Поткуп“, рече:

Прашањето за докомплетирање на составот за Антикорупциската комисија е на Собранието, а јас од тоа што го прочитав од медиумите знам дека неколку луѓе поднеле оставка и познато е дека се подготвуваат измени и дополнување на Законот. Мене ми е важно да има апсолутно експертска, независна и професионална комисија

Сепак, актуелната Влада предводена од СДСМ, досега (19.04.2018), официјално не излегла со законски предолг за  „нов формат за вистинска Антикорупциска комисија, со пристап до сите институции и информации, силен мандат и независен состав“.

 

ИЗВЕШТАЈ НА ЕК – НЕОПХОДНИ СЕ РЕФОРМИ ЗА НЕЗАВИСНА ДКСК

Според Фактографски извештај за имплементацијата на План 3-6-9, од 4 јули 2017 – 17 април 2018 година (МК), објавен на веб-страницата на Владата, реформата (зајакнувањето) на Антикорупциската комисија допрва треба да се прави.

На стр. 41 од овој Извештај, во поглавјето „Борба против организираниот криминал и корупција“, во врска со Државната комисија за спречување на корупција е наведено само дека Извештајот на (ДКСК) за сите покренати постапки и истраги за корупција, за последните пет години, „ќе биде земен предвид при дефинирање на натамошните мерки за нејзино зајакнување“, како и тоа дека „од 7 членови на ДКСК, 5 поднесоа оставки како резултат на јавната информација за неправилно користење на буџетски средства“

Според она што е запишано во Прогрес извештајот за Република Македонија 2018 година за напредокот на земјата кон стандардите на ЕУ, корупцијата останува еден од виталните проблеми. Во Извештајот се констатира дека „е неопходно да се реформира општата институционална рамка, така што ДКСК ќе има чиста моќ, доволно ресурси и ќе може да работи целосно независно“.

 

ГРАЃАНСКАТА ПЛАТФОРМА БАРА ДЕПАРТИЗАЦИЈА НА АНТИКОРУПЦИСКА

Минатиот месец (март 2018 година) Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата (Платформа), излезе со иницијатива за депаризација на Антикорупциската комисија  и побара воспоставување професионално тело за антикорупција кое ефективно, независно и со висок интегритет ќе иницира и ќе ги спроведува законските надлежности и политиките за спречување на корупцијата во Република Македонија. Платформата ваквото барање го упати  до Собранието, како надлежен орган за избор на членовите на ДКСК, до Владата и до политичките партии, при што  повика на промена на актуелниот модел за избор на членовите на  Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) кој ќе се базира на компетентност и интегритет, без партиски влијанија, преку јавен распит на кандидатите во Собранието на РМ.

Бараме претставници на граѓанското општество активно да учествуваат во распитот и да влијаат на одлуката за избор на членовите на ДКСК. Исто така бараме како приоритет да се поведе постапка за преиспитување на моделот на институција за борба против корупцијата, и формирање на институција која ќе ги задоволи меѓународните стандарди за независност, ефикасност и неселективност во работењето. (Платформа)

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција