Седум години стара фотографија од Сирија, прикажана како сегашна од Газа

Фото: Принтскрин ФБ пост

Фотографијата споделена во оваа објава на Фејсбук, а на која се прикажани починати деца, нема никаква врска со Израел. Оваа фотографија циркулира на интернет најмалку од август 2013 година и таа е поврзана со граѓанската војна во Сирија.  Според тогашните медиумски написи, децата починале како резултат на труење со отровен гас. Споделената фотографија може да се најде во архивата на АФП

Фотографијата споделена во оваа објава на Фејсбук, а на која се прикажани починати деца, нема никаква врска со Израел. Оваа фотографија циркулира на интернет најмалку од август 2013 година и таа е поврзана со граѓанската војна во Сирија. Според тогашните медиумски написи, децата починале како резултат на труење со отровен гас. Споделената фотографија може да се најде во архивата на АФП

 

Анализираме објава на Фејсбук која споделува стара фотографија од Сирија и ја поврзува со актуелниот конфликт на Израел со Хамас.

Треба коментар, прашува објавата која споделува две фотографии.

На едната фотографија се прикажани починати деца завиткани во бели чаршафи, а на другата е прикажан израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху облеан во крв, алудирајќи на тоа дека Израел е виновен за смртта на прикажаните деца.

Коментарите под објавата се во таа насока, дека ова е тежок геноцид и масакр, злосторство од најтежок вид па дури и се повикува на смрт за Нетанјаху.

Речиси 5.100 Палестинци се убиени во Појасот Газа, откако Израел започна немилосрднo бомбардирање против опколената енклава, по нападот на Хамас во Израел пред повеќе од две недели, според здравствените власти.

Околу 40 отсто од 5.087 убиени луѓе се деца, соопшти Министерството за здравство на Газа во понеделникот, денот кога израелската армија соопшти дека извршила повеќе од 300 нови воздушни напади во рок од 24 часа. Палестинските власти соопштија дека во тој период биле убиени повеќе од 400 луѓе, пренесе деновиве Ал Џезира.

Но, фотографијата споделена во објавата нема никаква врска со Израел и на неа не се прикажени убиени палестински деца. Нашата проверка покажа дека фотографијата е од 2013 година и таа е поврзана со напад со хемиско оружје во Сирија.

Споделената фотографија која покажува тела на најмалку седум деца завиткани во бела ткаенина, може да се најде во архивата на АФП. Според описот на самата фотографија, таа била објавена од сириската опозициска мрежа Shaam News Network и покажува тела на деца завиткани во чаршафи легнати на земја, за кои сириските бунтовници тврдат дека се убиени на 21 август 2013 година во предградието на Дамаск, во напад со отровен гас од страна на провладините сили.

Фотографијата се појавува и во написи од 2013 година за Сирија и хемиското оружје.

Ројтерс објави дека стотици луѓе биле убиени во напад со гас сарин на 21 август 2013 година во предградието на Дамаск Гута.

Од ова можеме да заклучиме дека фотографијата на која се прикажани починати деца, циркулира на интернет најмалку од август 2013 година и таа е поврзана со граѓанската војна во Сирија. Според тогашните медиумски написи, децата  починале како резултат на труење со отровен гас. Така што, фотографијата што сега се шири во објави на Фесјбук нема никаква врска со Израел. Онака споделена без соодветен контекст за времето и локацијата каде што е направена, и прикажана во комбинација со монтирана фотографија од израелскиот премиер Нетанјаху облеан во крв, таа испраќа сосема погрешна порака дека злосторството се случило сега, за време на последниот израелско-палестински конфликт и дека за него е одговорен Нетанјаху.

 


 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција