Сексуалното образование не значи секс за деца

Фото: Сексуално образование Designed by Wannapik, 2015

Сексуалното образование не значи секс за деца, напротив научно е докажано е дека значи  едукација и заштита на младите од сексуално преносливи болести и несакана бременост. Во текот на изминатите 20 години, бројни студии покажаа дека воведувањето сеопфатно сексуално образование во училиштата, во голем број земји во светот не ги охрабрува децата да почнат да имаат секс порано или почесто, напротив сексот се случува поретко и со помалку партнери, намалена е несакана бремост, болести и неволен секс

 

Сексуалното образование не значи секс за деца, напротив научно е докажано е дека значи  едукација и заштита на младите од сексуално преносливи болести и несакана бременост. Во текот на изминатите 20 години, бројни студии покажаа дека воведувањето сеопфатно сексуално образование во училиштата, во голем број земји во светот не ги охрабрува децата да почнат да имаат секс порано или почесто, напротив сексот се случува поретко и со помалку партнери, намалена е несакана бременост, болести и неволен секс

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која авторот сексуалното образование го преставува како секс за деца. Ова е дезинформација. Авторот пишува: „Секс деца…“, а воедно споделува сопствен пост од пред неколку години години.

Во него стои:

СЕКС ЗА НАШИТЕ ДЕЦА

Какво ке бидит сексуалното образование за децата од 5г кое го најави СДС со поддршка од ДПНЕ конструктвно, МПЦ, Исламската Верска Заедница, Левица од Димчета и другите организации за заштита на децата.

Ваквото сексуално образовани за деца од 5г. е веке пракса во ЕУ, САД, Канада.

Сексуалното образование не значи секс за деца, напротив, науката има покажано дека тоа значи поголема едукација, заштита и безбедност за младите.

Во постот се споделуваат и фотографии кои авторот сака да ги претстави како дел од сексуалното образование.

Првата фотографија е од скандалозниот театар на швајцарскиот театарски режисер Мило Рау и нема никаква врска со сексуално образование на деца.

Втората фотографија е од учебник во Германија, кој бил издаден во 2013 година, а бил повлечен и не е во употреба.

Третата фотографија е извадок од скандалозната сликовница „Секс за почетнике“ од авторката Јасминка Петровиќ, но таа не е дел од образовната програма.

Четвртата фотографија е од истиот учебник од Германија од 2013 година, насловен „Од каде доаѓаш“, кој, како што веќе кажавме, беше веднаш повлечен од употреба, бидејќи се сметаше дека е несоодветен за првачиња.

Петтата фотографија е од Паркот на пенисот во Јужна Кореја и таа нема допирни точки со сексуално образование.

Последната фотографија е илустрација на picture-alliance.com, компанија за изработка на визуелни елементи во сопственост на германската информативна агенција – ДПА на тема „Мажите имаат пенис, а жените имаат вагина – всушност не е толку едноставно“, но нема ништо заедничко со сексуално образование или со деца.

Од потеклото на фотографиите може да заклучиме дека тие немаат допирни точки од сексуалното образование, кое го има во светот.

Прво, сексуално образобвание  не е предвидено за учениците на возраст од  5 години. Вистината е дека Сеопфатно сексуално образование (ССО) како изборен предмет е предвиден за учениците од 9-то одделение.

Воведување на сеопфатното сексуално образование како изборен предмет за учениците од 9-то одделение во основното образование, темелено на научни и медицински факти и соодветно на возраста на децата, а кое е во согласност со принципите на Концепцијата за основно образование за родово-сензитивно и инклузивно образование, стои во Декларацијата за поздрава и побезбедна младина.

Истражувањата во земјава покажале поразителни податоци. Бројот на малолетнички породувања во земјава е трипати поголем во споредба со европските земји, младите релативно порано стапуваат во сексуални односи и не користат современа контрацепција.

Во рамките на воспитно-образовниот процес, важно е да се има предвид фактот дека децата треба да бидат упатени и подготвени за соодветните промени поврзани со нивниот сексуален развој пред тие да се случат (на пример: девојките треба да бидат информирани за менструацијата пред да им се случи за првпат; треба да бидат запознати како да се заштитат од несакана бременост и сексуално преносливи инфекции пред да започнат со сексуална активност итн). Важно е да се истакне дека е неопходно и видот на информациите како и начинот, на кој тие се испорачуваат да бидат адаптирани на возраста, односно на развојните капацитети на децата и на нивните потреби, стои во Рамката за сеопфатно сексуално образование.

Сексуалното образование во државните училишта има за цел да обезбеди достапни, точни, инклузивни и позитивни информации за децата и адолесцентите. Целта е да се научат младите како да имаат здрави сексуални односи и да избегнуваат сексуално преносливи инфекции (СПИ) и непланирана бременост.

Во текот на изминатите 20 години бројни студии покажаа дека воведувањето сеопфатно сексуално образование во училиштата не ги охрабрува децата да почнат да имаат секс порано или почесто. Студиите, исто така, покажаа и дека обезбедувањето кондоми во училиштата не ги прави децата попромискуитетни.

Истражувањата од 87 студии покажаа бројни бенефити од сексуалното образование кај младите.

Апсолутно нема докази дека сексуалното образование ги поттикнува младите да имаат секс порано. Всушност, сексуалното образование ја зголемува веројатноста дека првиот секс ќе се случи подоцна, кога младото лице ќе се почувствува подготвено. И – што е најважно – првиот секс е поверојатно да биде консензуален, што значи дека се сака и дека постои согласност, пренесува Здружението за семејно планирање.

Накусо кажано, студиите покажаа дека:

  • Сексот се случува поретко кај младите;
  • Имаат помалку партнери;
  • Поверојатен е побезбеден секс со употреба на кондоми;
  • Има помалку бремености;
  • Има помалку сексуално преносливи инфекции;

Има помалку „неволен“ секс, што значи дека сексуалната активност е помалку веројатно да биде несакана и неконсензуална

Во Меѓународниот технички водич за сексуално образование, издаден од УНЕСКО, чии наоди се базираат врз докази добиени од стручни истражувања, се вели дека примената на сексуалното образование води кон подоцнежно започнување на сексуалните односи кај младите, намалена фреквенција на сексуалните односи, намален број на сексуални партнери, намалено ниво на преземени ризици, зголемена употреба на кондоми и контрацепција.

Сексуалното образование како суштинска компонента на добро квалитетно образование што е сеопфатен и базиран на животни вештини; и кој ги поддржува младите да развијат знаења, вештини, етички вредности и ставови што им се потребни за да направат свесен, здрав и почитуван избор за врските, сексот и репродукцијата, стои во водичот.

Истражувањата покажуваат дека просечната возраст на која децата сега се изложени на порнографија е 13 години, а некои деца се изложени на возраст од 7 години. 93 отсто од момчињата и 64 отсто од девојките под 18 години свесно и со намера пристапувале до порнографија. Сите овие статистики се во корелација со сè поголема употреба на паметни телефони кај младите луѓе.

Токму затоа, сексолозите велат дека сексуалното образование е потребно, тоа не поттикнува секс, напротив, ги едуцира младите како да имаат здрави сексуални односи.

Повеќе од потребно е сексуално образование во основните училишта кај адолесцентите. Тоа е пракса во светот, а целта не е да се учат на секс, туку како да се заштитат. За жал, во нашата земја сè уште владеат стереотипи, тоа е забранета тема и срамно е да се говори за тоа. Денес со достапниот интернет младите знаат многу повеќе и од тоа што треба, вели проф. д-р Миќун Миќуновиќ, сексолог, во изјава за Вистиномер.

Кога станува збор за тоа кога треба со децата да се разговара за сексот, Мејо клиниката од САД, една од најпознатите светски медицински установи и најголемата непрофитна медицинска групација во земјата, вели дека сексуалните истории на своите пациенти почнуваат да ги креираат на 12 години кај девојчињата и на 13 години кај момчињата. Докторот од клиниката вели кога станува збор за првите разговори околу телото на детето, значи не за сексот, туку за личната телесна автономија на децата, тие се препорачуваат на 5 години, додека првите претпубертетски разговори за идните пубертетски промени што треба да се случат кај децата се препорачуваат на 7-9 години.

Во истражувачкиот документ на УНЕСКО, во кој се говори за профилите на сексуално образование во 50 земји ширум светот, во 100 отсто од нив сексуалното образование се изучува во јавните училишта, а во 50 отсто во приватните училишта. Во 68 отсто од овие земји, сексуалното образование се изучува во првите 6 години од образованието, а во 76 отсто од нив во следните 4 години од образованието.

Поради горенаведените факти оваа објава ја оценуваме како дезинформација.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција