Шпекулации и произволни тврдења за двојното убиство пласирани како факти

Од пресот на Спасовски на 4 декември Фото:mvr.gov.mk

За случајот со двојното убиство има приведени и осомничени, најдени се телата на убиените и подготвена е кривична пријава. Не е точно дека осомничените за убиствата сами се предале, дека полицијата не реагирала веднаш по пријавите за исчезнувањето на Вања и Панче, дека возилото на Панче слободно се движело до денот кога била грабната Вања. Во врска со автомобилот на велешанецот, тој не бил пријавен за исчезнат и затоа по него не се трагало. Возилото не се движело од 22 ноември (кога исчезнал Панче) до 27 ноември, кога првпат било регистрирано на Сејфсити дека се движи во Скопје

За случајот со двојното убиство има приведени и осомничени, најдени се телата на убиените и подготвена е кривична пријава. Не е точно дека осомничените за убиствата сами се предале, дека полицијата не реагирала веднаш по пријавите за исчезнувањето на Вања и Панче, дека возилото на Панче слободно се движело до денот кога била грабната Вања. Во врска со автомобилот на велешанецот, тој не бил пријавен за исчезнат и затоа по него не се трагало. Возилото не се движело од 22 ноември (кога исчезнал Панче) до 27 ноември, кога првпат било регистрирано на Сејфсити дека се движи во Скопје

 

 

Анализираме објава на Фејсбук која шири дезинформации и манипулации во врска со двете грозоморни убиства (на Вања и Панче) кои изминативе недели ја потресоа македонската јавност.

Полицијата водена од Оливер Спасовски, не ги реши случите со двојните убиства ниту ги спречи, барем едното, не па брзо. Еден, првиот “фатен” од осомничените, всушност сам се пријавува, значи не се работи за успешно работење по кое би следело приведување, туку за самопредавање и тоа по извршеното второ убиство кое би можело и да не се случи доколку по пријавата за исчезнување на велешанецот и неговото возило, полицијата навистина БРЗО би реагирала.
По се изгледа или воопшто не се отворила истрага за прво-исчезнатиот и неговото возило или токму тоа возило е посочено да не се чепка, оти на ниеден друг начин не може да се објасни неговото слободно движење и тоа 60 часа по пријавата, при камери кои работат/снимаат и пуштен налог(ако воопшто постои нели) за потрага по него.
Слободното, храбро де возикање во возило на веќе пријавен исчезнат( всушност убиен) не е карактеристика на исклучително глупав човек кој сака да биде фатен при рутинска проверка додека оди кон целта-втората жртва надевајќи се дека патните камери низ најобезбедуваниот град во Европа во тој миг не би работеле, туку е карактеристика на човек кој има 100% доверба во полицијата( некој де глауч таму) која му овозможува пропусност.
Без разлика дали осомничените го извршиле делото самостојно или се согласиле да се пријават како извршители, тие имаат сериозна заштита, соучесници и/или шефови, токму во полицијата, стои меѓу другото во објавата.

Објавата изнесува неколку невистини и произволни толкувања на настаните, извлекувајќи заклучоци кои не се базирани на факти, пласирајќи ги истите како вистина.

Прво, објавата уште на самиот почеток тврди дека полицијата не ги решила случаите со двојното убиство, ниту ги спречила. Не е точно дека полицијата не го решила случајот со двојното убиство. За убиството на Панче и Вања, приведени се пет лица на кои им е одреден притвор, а првосомничениот кој е во бегство, е уапсен во Турција од каде Министерството за правда побара екстрадиција.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на 2 декември 2023 година, соопшти дека во врска со исчезнувањето на 14-годишната Вања, на 1 декември доцна вечерта биле приведени пет лица и било обезбедено едно возило.

Синоќа доцна во ноќта се работеше исто така интензивно, имаме приведено 5 лица и обезбедено едно возило со коишто се продолжува понатаму работењето. Тоа е нешто плус што го преземавме во однос на сето она како доказ или трага, со цел да дојдеме до целосно расчистување на овој случај, рече министерот.

Веќе наредниот ден, на 3 декември, еден ден по приведувањето на осомничените за киднапирањето и нивното испрашување, Обвинителството, по добиените сознанија, соопшти дека било најдено телото на 14-годишната Вања.

Истиот ден, на 3 декември, полицијата соопшти дека во околината на Скопје е пронајдено безживотното тело на малолетната Вања, а во околината на Велес е пронајдено и телото на Панче од Велес.

Во врска со двата случаи, осомничени се пет лица, од кои за три се бара мерка притвор, едно е надвор од државата, а едно лице во моментов е во полициска станица. Претходно, во врска со кривичните дела беше пронајдено опожарено возило „цитроен“ и по извршени вештачења обезбедени се материјални докази за инволвираност на лицата, за што по целосно документирање на случаите, во координација со Јавен обвинител ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави. Од спроведените истражни дејствија утврдено е дека и двете убиства се извршени од истите лица, чиј мотив е „користољубие“, соопшти полицијата.

Значи, во врска со двете убиства, има осомничени, има приведени, а подготвена е и кривична пријава. Откриени се телата на убиените, што значи дека полицијата го решила случајот. За тоа дали полицијата можела да спречи некое од убиствата, може само да се претпоставува или да се шпекулира, но никако не може да се тврди дека полицијата можела да спречи некое од убиствата, како што тврди објавата.

Понатаму, објавата го тврди следното:

Еден, првиот “фатен” од осомничените, всушност сам се пријавува, значи не се работи за успешно работење по кое би следело приведување.

Во ниту еден момент од истрагата не беше спомнато дека некој од приведените се предал. Како што пишавме и погоре, осомничените беа приведени, не се предале, така што ова е лажно тврдење кое не е засновано на никакви докази.

Потоа објаватa тврди дека второто убиство (се мисли на Вања) можело да се спречи ако полицијата веднаш почнала потрага по првоубиениот, Панче, и вели дека „по сè изгледа“ полицијата воопшто не работела на исчезнувањето на велешанецот и на неговото возило, односно не отворила истрага. Објаватa тврди дека возилото на Панче слободно се движело и тоа 60 часа по пријавата. Па во таа смисла пишува:

… второ убиство кое би можело и да не се случи доколку по пријавата за исчезнување на велешанецот и неговото возило, полицијата навистина БРЗО би реагирала. По се изгледа или воопшто не се отворила истрага за прво-исчезнатиот и неговото возило или токму тоа возило е посочено да не се чепка, оти на ниеден друг начин не може да се објасни неговото слободно движење и тоа 60 часа по пријавата, при камери кои работат/снимаат и пуштен налог(ако воопшто постои нели) за потрага по него.

Не е точно дека полицијата не отворила истрага за исчезнувањето на 74-годишниот Панче од Велес. Истрагата била отворена веднаш откако тој бил пријавен за исчезнат на 24 ноември, соопшти министерот Спасовски. По возилото не се трагало, бидејќи, како што рече министерот, немало пријава за него дека е исчезнато.

Во однос на случајот со велешанецот, во однос на пријавата, мора да кажеме дека шпекулации се дека од 22 ноември, па дека не се постапувало итн. Значи, пријавувањето на исчезнување на лицето е извршено на 24 вечерта и тоа за исчезнување на лице коешто живеело само, коешто фамилијата, семејството го бара и не го наоѓа и пријавува дека исчезнува лицето. Секако дека нема пријава во којашто се вели дека е украдено моторно возило итн., туку исчезнато е лицето, а возилото не било тука, па се претпоставува дека лицето заминало со возилото некаде, објасни Спасовски во „Само интервју“, посочувајќи дека од тој момент започнуваат и сите постапки во однос на истрагата во Велес, од страна на СВР Велес.

А за случајот во Скопје, веднаш после првата пријава на телефонскиот број, се активираат сите механизми во однос на пронаоѓањето на девојчето, вели првиот човек на МВР.

Не е точно и дека возилото на Панче се движело слободно 60 часа по пријавата и дека тоа било регистрирано на камери, како што тврди објавата. Имено, министерот Спасовски, на заедничката прес-конференција со скопскиот обвинител Гаврил Бубевски, одржана на 4 декември, даде објаснување за возилото.

Ние колата (цитроенот) ја наоѓаме на ’Сејфсити’ на 27 ноември дека се движи во Скопје. Таа не се движи од 22 до 27 ноември. Таа се движи на 27 ноември во Скопје, кога се утврдува дека возило цитроен и возило рено кангу коишто се движат заедно и тука практично доаѓа до спојувањето на двете активности. Поради тоа се утврди дека тој цитроен е запалениот цитроен којшто се наоѓа во непосредна близина на Скопје. Тоа е причината и за поврзувањето, рече Спасовски.

Објавата тврди и дека осомничените имале соучесници во полицијата, без притоа да понуди докази за вака сериозно обвинување.

… Без разлика дали осомничените го извршиле делото самостојно или се согласиле да се пријават како извршители, тие имаат сериозна заштита, соучесници и/или шефови, токму во полицијата…

Ваквото тврдење е само обична шпекулација.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека не е точно оти полицијата не го решила случајот со убиството на Вања и Панче. Напротив, случајот е решен, има приведени и осомничени, најдени се телата на убиените и подготвена е кривична пријава. Не е точно и дека осомничените за убиствата сами се предале. Не е точно дека полицијата не реагирала веднаш по пријавите за исчезнувањето на Вања и Панче. Не е точно дека возилото на Панче слободно се движело до денот кога била грабната Вања. Во врска со автомобилот на велешанецот, тој не бил пријавен за исчезнат и затоа по него не се трагало. Возилото не се движело од 22 ноември (кога исчезнал Панче) до 27 ноември, кога првпат било регистрирано на Сејфсити дека се движи во Скопје.

Објавата неосновано и без никакви факти тврди дека убиството на Вања можело да биде спречено, а исто така и шпекулира дека осомничените за убиството имале соработници во полицијата. Објавата содржи низа дезинформации и поради тоа истата ја оценуваме како неточна.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција