Сите пријавени за вакцина, сепак не добија термин до 15 мај

Фото: Принтскрин видео (Фејсбук профил на министерот Венко Филипче)

Министерот за здравство Венко Филипче во интервју за „Радио Слободна Европа“ вети дека сите пријавени за вакцина до 30 април ќе добијат термин за вакцинација до 15 мај. Досега (17.05.2021) термини добија главно граѓаните на возраст над 40 години, но не и лицата помлади од 40 години, така што ова негово ветување го сметаме за делумно исполнето

Министерот за здравство Венко Филипче во интервју за „Радио Слободна Европа“ вети дека сите пријавени за вакцина до 30 април ќе добијат термин за вакцинација до 15 мај. Досега (17.05.2021) термини добија главно граѓаните на возраст над 40 години, но не и лицата помлади од 40 години, така што ова негово ветување го сметаме за делумно исполнето

 

 

Во неделното интервју за „Радио Слободна Европа“, емитувано на 9 мај 2021 година, министерот за здравство Венко Филипче, меѓу другото,  го даде и следното ветување:

Решивме да се стави приоритет на тие кои што се пријавиле. Затоа се направи пресек на 30 април. Сите граѓани кои се пријавени на сајтот Вакцинација.мк, а тоа се невакцинирани близу 160 илјади, во период од две недели, некаде до 15 мај ќе добијат термин за вакцинација, преку смс порака или мејл со точно време и пункт каде ќе треба да се јават.

На дополнителното прашање кое гласи ,,Тоа значи и помлади ќе добијат?”, Филипче одговара:

Апсолутно, тоа значи дека ставаме приоритет на тие кои што покажале интерес за вакцинација и затоа апелирам граѓаните да се пријават на сајтот за да ги има во системот, за да може понатаму да се креираат тие приоритети.

[Извор: Радио Слободна Европа (од 3,28 минута до 4,12 минута од видеото); датум: 09.05.2021]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Неколку дена откако министерот за здравство, Венко Филипче најави дека сите пријавени за вакцина до 30 април ќе добијат термин за вакцинација до 15 мај, тој ретерираше од ваквиот став. На 14 мај, на прес- конференција пред Клубот на пратеници во Скопје, Филипче беше прашан:

Останувате ли на ставот, односно на изјавата дека до 15 мај односно до утре, сите пријавени ќе добијат термин за вакцинација, бидејќи бројни се реакциите на граѓаните особено на помладата популација. Иако уште пред неколку месеци закажале термин преку вакцинација.мк, уште не добиваат термин. Утре е тој рок што вие го предвидовте како став.

Одговорот на Филипче на ова прашање, во коешто се бара да ја верификува својата изјава – дека до 15 мај сите пријавени граѓани за вакцина преку интернет порталот ќе го добијат својот термин, е следниот:

Да, или утре, или можеби ќе биде понеделник, меѓутоа сите пријавени, со тоа што сега ставаме малку и акцент на новопријавените граѓани над 70 години, со цел да се заштити таа најкритична категорија граѓани. Што значи дека можно е помладите нешто подолго време да почекаат, зашто сепак сметаме дека приоритет е да се заштитат постарите граѓани. И затоа ги кажав овие бројки согласно пријавените. Апелирам буквално сите граѓани да се пријават на сајтот Вакцинација.мк. (од 5,29 минута  до 5,46 минута од видеото).

Од овој одговор јасно се гледа дека министерот ретерира од првично даденото ветување, односно дека нема сите граѓани што се пријавиле на сајтот вакцинација.мк до 30 април, да добијат термин до 15 мај, како што самиот најави во интервјуто за „Радио Слободна Европа“.

Исто така, новинарско прашање коешто следува во продолжение на истото видео, (од 6, 28 минута), обелоденува дека има реакција на граѓаните за тоа по кој критериум се добива термин за вакцинација, бидејќи има лица на 20 до 30 години кои се вакцинирани, а нема приоритет за хронично болните и лицата со ретки болести.

Во одговорот Филипче повторно потенцира дека помладите од 40 години ќе треба да почекаат: 

Помладите биле вакцинирани зашто на пунктот веќе била исцрпена бројката за вакцинирани постари граѓани, меѓутоа повторно, со новопријавените ставаме акцент на вакцинација на постарите (7,29 минута од видеото).

Во јавноста голем број граѓани реагираат дека не добиле термин за вакцинација до 15 мај, иако се пријавиле меѓу првите. Меѓу нив и директорката на одборот на Националната алијанса за ретки болести на Македонија, Весна Алексовска, која по оваа изјава на министерот на својот профил на Фејсбук напиша:

Гледам вести и на прашањето како се вакцинирале млади луѓе министерот Венко Филипче одговара дека тоа се случувало само во некои општини. Реакција натаму никаква околу фактот. Ниту една вакцинација не треба да зависи од општината во која живееме. Тоа е неправеден систем. Тоа не е систем на кој верувам. Зарем е в ред да добиеш вакцини ако си од Кавадарци или Гевгелија, ама не ако си од Битола или Прилеп? Зарем е в ред да добиеш вакцини ако имаш врски да те стават од позади? Тоа не треба да се случува никаде ако системски сте решилe прво постарите да ги вакцинирате. На овој начин се дискриминираат младите во другите општини каде за нив нема вакцини, старите од други општини кои уште не добиле вакцини, семејствата со ретки болести кои чекаат вакцини, хронично болните кои чекаат вакцини… Новинари ве молам реагирајте. Пациенти и семејства, мислам дека на наредна прес конференција на министерство за здравство треба и ние да се појавиме и лично да прашаме кога планира да вакцинира ретки луѓе.

Во меѓувреме, во текот на вчерашниот ден (16.05.2021) министерот Филипче во објава на Фејсбук  соопшти дека термини за вакцинација добиле сите граѓани на Скопје на возраст над 40 години, кои до 30 април изразиле желба за вакцинирање преку веб-страницата „www.vakcinacija.mk”. Исторемено, тој  известува дека во следните три дена термини ќе добијат и останатите граѓани во земјава кои се над 40 годишна возраст. Во истата обојава Филипче информира дека од завчера (15.05.2021) почна вакцинацијата и на пациентите кои се на дијализа, како и пациентите со трансплантација.

На бројните реакции под постот на Филипче на граѓани над 40 години кои се пријавиле на vakcinacija.mk, а не добиле порака за термин, минисетрот во коментар појаснува дека :

Тие треба да проверат кај матичниот лекар за терминот за вакцинација, бидејќи имаат искреирано термин, но најверојатно поради некакви технички причини (погрешен телефонски број, или меил) не добиле смс или електронска порака дека имаат термин за да се вакцинираат.

Инаку, исто така, граѓаните  можат да креират свој профил на веб-страницата vakcinacija.mk, да се логираат и така самите да видат дали имаат закажан термин за вакцинација.

Па, имајќи предвид дека министерот Филипче вети оти сите пријавени за вакцина до 30 април ќе добијат термин за вакцинација до 15 мај, а досега (17.05.2021) термини добија главно граѓаните на возраст над 40 години, но не и лицата помлади од 40 години, ова негово ветување го сметаме за делумно исполнето.

 Оцени: Миролава Бурнс

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција