Скопје доби четири еколошки автобуси, најавени уште 30 нови за наредната година

Фото: skopje.gov.mk

Нудиме ново системско, функционално, еколошко и модерно решение за јавниот градски превоз. По сериозна длабинска анализа, ќе димензионираме јавен превоз со електрични автобуси и со станици за полнење. Постојните дизел-автобуси ќе ги конвертираме во еколошки автобуси на гас. Значително ќе ја намалиме употребата на стари дизел-автобуси.

[Извор: Изборна програма на Петре Шилегов (2017-2021) – „Живот во Скопје за сите“ (стр.18) , датум: октомври 2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Во предизборието за локалните избори (октомври 2017 г.), градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, вети  „еколошко и модерно решение за јавниот градски превоз со  електрични автобуси и со автобуси на гас“. Споменатото ветување е дел од проектот: „Комбиниран јавен превоз сврти го градот без автомобил!“,  посочен во изборната прграма на Шилегов: „Живот во Скопје за сите“ (стр.18),   и неговата реализација е во тек.

Во изминатите три месеци  низ улиците на Скопје  сообраќаат  четири еколошки автобуси (три  на гас и еден електричен), а во тек е постака за набавка на уште 30 -тина автобуси на гас, кои според планот на градските власти би биле пуштени во сообраќај идната година.

На  почетокот на април  на линијата „5“, на релација од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, почна пробно да вози автобус на гас произведен од „Мерцедес Бенз“ , со капацитет за 92 патници.  На 28 март медиумите информираа дека  градоначалникот Петре Шилегов и директорот за продажба на комерцијални возила на „Мак аутостар“,Михаило Зографски,  потпишаа договор за пробно користење автобус „мерцедес“ на гас во градскиот превоз. По тој повод Шилегов изјави:

Скопје заслужува автобуски превоз кој нема да загадува, ќе биде енергетски ефикасен и кој во целост ќе излезе во пресрет на потребите на граѓаните коишто го користат. За таа цел потпишавме договор со ‘Мак аутостар’ за пробно користење автобус на гас од производителот ‘Мерцедес бенз’ за период од два месеца. Автобусот е направен по последните технолошки трендови во оваа индустрија. Станува збор за енергетски ефикасен автобус, наменет исклучиво за јавен превоз, со намалена потрошувачка на гас.

Како што беше тогаш кажано, споредено со потрошувачката на старите дизел – автобуси, овој автобус троши речиси 50 отсто помалку гориво, а најголемата предност е тоа што емитува значително помалку ЦО2 и речиси воопшто не го загадува воздухот. Исто така, во оваа прилика беше соопштено дека претходниот месец (февруари 2018) бил потпишан договор за пробно користење електричен автобус за период од шест месеци, наменет за линија „15“.

На 20 април (2018)  во главниот град почна да сообраќа уште еден автобус на гас,  овојпат на линијата „2“. Автобусот е производство на полската компанија „Соларис“ , едноподен е и има капацитет од седумдесетина патници.

Третиот еко-автобус на гас  беше пуштен во употреба на 20 мај (2018), откако  еден ден претходно, ЈСП Скопје  потпиша договор со компанијата „МАН Импортер Македонија“, за пробно користење автобус од типот Lion`s City A21, кој користи природен компримиран гас т.н. CNG. Овој автобус има капацитет за превоз на 85 патници и сообраќа на линијата со број „5“.

Првиот електричен автобус во Скопје почна да сообраќа на 04.05.2018 година на линијата „15 “ од Карпош до Ново Лисиче, а на овие крајни постојки се наоѓаат и станиците за полнење. На презентацијата на новиот електричен автобус, производство на израелската фирма „Челиот моторс“,  градоначалникот Шилегов рече:

Автобусот е направен во согласност со последните технолошки трендови во оваа индустрија. Станува збор за енергетски ефикасен автобус кој троши минимално количество електрична енергија и е опремен со систем за брзо полнење. Најголемата предност е тоа што воопшто нема емисија на издувни гасови што го загадуваат воздухот

 

Електричен автобус на линијата број „15“ - Фото: Мета - принтскрин
Електричен автобус на линијата број „15“ 
Фото: Мета – принтскрин

Деновиве (03.07.2018)  градските власти најавија дека од идната година по скопските улици ќе се возат триесетина нови автобуси на еколошко гориво и ќе ги заменат старите дотраени дизел-возила на ЈСП, без клима и дополнителна опрема. Наесен би требало да се распише тендерот, а до крајот на годинава да се потпише договорот со фирмата што ќе ги испорача автобусите. Тие ќе бидат нископодни, а планот е две третини од нив да бидат зглобни, а една третина единечни.

Деталите за набавката на новите автобуси на прес-конференција  ги соопштија градоначалникот Шилегов и директорот на ЈСП, Кристијан Чушков.

ЈСП Скопје за набавка на нови еко-автобуси донесе одлука за задолжување кон меѓународна кредитна институција во износ од 10 милиони евра, со каматна стапка од еден отсто, три години грејс-период и седум години отплата, без вклучен грејс-период. За обезбедување на задолжувањето е потребно да се добие државна гаранција … Автобусите на гас се енергетско ефикасни. Споредено со потрошувачката на старите дизел- автобуси, овие автобуси трошат речиси двојно помалку гориво, што дополнително ќе ги намали трошоците на ЈСП. Најголемата предност е тоа што емитуваат значително помалку ЦО2 што речиси воопшто не го загадуваат воздухот– рече  Шилегов

Имајќи предвид дека  досега ( 05.07.2018)  низ Скопје сообраќаат четири нови  еко-автобуси, а исто така, е почната и постапка за набавка на 30-тина  автобуси на гас, кои се планира  да бидат поуштени во употреба наредната година,  ова изборно ветување на Шилегов добива оценка „во тек“.

 

ИЗВОРИ:

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција