Скопје виа Истанбул – Пеш до Баликесир!

Фото: mvr.gov.mk

Човекот кого министерот за внатрешни работи го посочи како главен креатор, планер, координатор и директен извршител на грозоморните убиства на тинејџерката Вања Ѓорчевска од Скопје и 74 годишниот фризер Панче Жежовски од Велес, беше  уапсен од турската полиција, додека пеш се движел по еден од автопатите кај градот Баликесир. Кој и како го израсна „чудовиштето од нашето маало“, првоосомничениот за двојното убиство, лидерот на партијата Десна, Љупчо Палевски – Палчо? Против Палевски од 2000 година наваму биле поднесени серија кривични и прекршочни пријави, ама нему досега „влакно“ не му фалеше. Но, дали само една партија – СДСМ, како што тврди опозицијата, го израснала „монструмот“,  а другите низ годините останале „чисти и неизвалкани“ од криминалот на „злосторникот“? Не ќе да е баш така. Сите политички елити, па и не само политички, во изминатите 25 – 6 години, го имаат однегувано „чудовиштето, монструмот, психопатот“, кој сиве овие години се извлекувал неказнето. Низ годините, Палевски  ги изгуби левичарските идеали и залута во десницата, и тоа чекор по чекор, стаса до најрадикалната, антизападна и проруски настроена. Отворено застана против НАТО, ЕУ, го бранеше името на барикадите на патриотизмот, подбуцнуваше и отворено ширеше руска пропаганда

Човекот кого министерот за внатрешни работи го посочи како главен креатор, планер, координатор и директен извршител на грозоморните убиства на тинејџерката Вања Ѓорчевска од Скопје и 74 годишниот фризер Панче Жежовски од Велес, беше  уапсен од турската полиција, додека пеш се движел по еден од автопатите кај градот Баликесир. Кој и како го израсна „чудовиштето од нашето маало“, првоосомничениот за двојното убиство, лидерот на партијата Десна, Љупчо Палевски – Палчо? Против Палевски од 2000 година наваму биле поднесени серија кривични и прекршочни пријави, ама нему досега „влакно“ не му фалеше. Но, дали само една партија – СДСМ, како што тврди опозицијата, го израснала „монструмот“,  а другите низ годините останале „чисти и неизвалкани“ од криминалот на „злосторникот“? Не ќе да е баш така. Сите политички елити, па и не само политички, во изминатите 25 – 6 години, го имаат однегувано „чудовиштето, монструмот, психопатот“, кој сиве овие години се извлекувал неказнето. Низ годините, Палевски  ги изгуби левичарските идеали и залута во десницата, и тоа чекор по чекор, стаса до најрадикалната, антизападна и проруски настроена. Отворено застана против НАТО, ЕУ, го бранеше името на барикадите на патриотизмот, подбуцнуваше и отворено ширеше руска пропаганда

 

 

 

Бегалецот од правдата Љупчо Палевски – Палчо веројатно никогаш не помислил дека 59-от роденден ќе го дочека во притвор во Баликесир, главниот град на истоимената област во западна Турција која излегува на Мраморно и Егејско Море, а се наоѓа меѓу градовите Измир и Бурса. Човекот кого министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски го посочи како главен креатор, планер, координатор и директен извршител на грозоморните убиства на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74 годишниот фризер Панче Жежовски од Велес, беше  уапсен од турската полиција, додека пеш се движел по еден од автопатите кај градот Баликесир. Палевски, по кого трaгаше и Интерпол по потерница распишана од македонската полиција, тргнал со такси од Баликесир накај Истанбул, но на патот излегол од возилото и продолжил да се движи кон Баликесир, најверојатно мислејќи дека ќе ја затскрие трагата и нема да биде фатен.

Палевски на дестинација од Скопје кон Турција, заминал преку Белград, до каде што го однел неговиот адвокат, кому Палевски му кажал дека оди на лекарски прегледи. Оттаму друг возач кој во моментот е во притвор и се сомничи за помагање по извршување кривично дело, го однел преку Бугарија до Турција. По што, како што извести министерот Спасовски, на вонредната прес-конференција доцна вечерта на 5 декември, Палевски е уапсен во Баликесир.

Таа е рутата по која патувал Палевски, официјално објавена од МВР, но досега не се знае која му била последната дестинација, барем таква информација не е официјално соопштена.

Тој е првоосомничен за двојното убиство, а освен него осомничени и притворени се уште пет лица, меѓу нив и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кого обвинителството го сомничи дека давал информации каде и во кој момент се движи неговата ќерка.

„Монструми, бандити, криминалци“

Мотивот за двете убиства, не е јасен, ниту пак, се знае дали МВР го има оружјето со кое се извршени. Засега е познато само дека полицијата запленила два пиштола, но се чекаат резултатите од вештачењето. До обвинителството не е доставен ниту обдукцисиот наод, кој треба да покаже кога и на кој начин настапила смртта кај девојчето и кај Жежовски.

Според првичните информации, соопштeни од МВР на 4 декември кои во текот на истрагата може и да се променат, мотивот е користољубие, односно изнуда на пари, но планот се изјаловил и барањето за откупот не се реализирало.

Во врска со двата случаја, осомничени се пет лица… Mотивот е користољубие, при што едно од лицата, во договор и со знаење според првичните сознанија, на член на семејството, го организирало извршувањето на кривичното дело, со цел да се изнудат пари од мајката на малолетничката, од кои понатаму сите инволвирани би имале материјална корист, кажа министерот Спасовски на заедничката прес-конференција со скопскиот јавен обвинител Гаврил Бубевски.

Спасовски уште тогаш ги опиша сторителите како:

Организирана група од криминалци, бандити, монструми, кои сакале да изнудат пари заради финансиска корист, а притоа го познавале семејството.

Но, не само Спасовски и пошироката јавност ги перципира лицата осомничени за двојното убиство како монструми, чудовишта , нелуѓе…

Сепак, дел од експертската јавност го критикуваше министерот дека токму со ваквите јавно искажани квалификации може да му наштети на процесот на екстрадиција. Професорот по кривично право, Гордан Калајџиев, изјави дека првоосомничениот за убиството на Вања и на Жежовски може лесно да тврди дека тука не може да добие фер судење поради реториката што се шири против него во јавноста, пропратена со термини како „монструм“, „психопат“, „свирепо убиство“.

 

„Чудовиштето од нашето маало“

Но, кој и како го израсна „чудовиштето од нашето маало“, првоосомничениот за двојното убиство, лидерот на партијата Десна, Љупчо Палевски – Палчо?

Против Палевски од 2000 година наваму биле поднесени серија кривични и прекршочни пријави, ама нему досега „влакно“ не му фалеше.

Министерството за внатрешни работи на 4 декември информираше дека против Палевски во минатото се поднесени најмалку пет кривични и неколку прекршочни пријави.

Во 2019 година е поднесена кривична пријава за неовластено прислушкување и тонско снимање, а во текот на 2019 година поднесени се и прекршочни пријави поради омаловажување на полициски службеник. Во 2020 година е поднесена кривична пријава за недозволено држење на оружје или распрскувачки материи и непостапување, според здравствени прописи за време на епидемија.
Во 2005 година е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластување и посебни случаи на фалсификување исправа, во 2002 година за лажно пријавување на кривично дело, а во 2000 година за даночно затајување, соопшти МВР

Трагичниот настан не беше поштеден од политичка злоупотреба. Најголемата опозициска пратија го смета Палчо за „чедо“ на СДСМ и ја обвини власта дека „негувајќи монструм, создала Франкештајн“, дека „политички и полициски структури на СДС го штитеа и замижуваа пред поведението на Љупчо Палевски Палчо, затоа што им одговараше“.

Преку своите поткасти и емисии на интернет портал, ширеше омраза и создаваше токсична атмосфера. Власта го охрабруваше да навредува, клевети, да се заканува, а кога Палевски се почуствува доволно недопирлив премина на рекет, уцени и на крај заврши со двојно трагично убиство, се вели во едно од соопштенијата на ВМРО-ДПМНЕ (08.12.2023)

Меѓутоа, дали само една партија – СДСМ, како што тврди опозицијата, го израснала „монструмот“, а другите низ годините останале „чисти и неизвалкани“ од криминалот на „злосторникот“?

По сè изгледа, не ќе да е баш така. Сите политички елити, па и не само политички, во изминатите 25 – 6 години, го имаат однегувано „чудовиштето, монструмот, психопатот“, кој сиве овие години се извлекувал неказнето.

 

Кога се појави Палчо?

Јавноста за него слушна кон крајот на 90 – тите години, кога се појави во левичарските кругови, откако во 1998 година социјалдемократите ги изгубија изборите. Во еден за нив прилично трауматичен период – после 8 години доминантна власт на сите нивоа – и на централно и на локално, откако социјалдемократите се најдоа во опозиција, се чини од нигде никаде се појави Палчо. Се извивна во височини, раководеше и со градската, скопската организација на СДСМ.

Тука некаде се вклучува и во медиумската сфера. Во тоа време медиумите уште го немаат освоено интернет просторот, а класичните, и печатени и електронски медиуми, наголемо ја поддржуваат тогашната десница која победи на парламентарните избори на крајот на 1998 година, а потоа во 1999 година ја доби и претседателската функција во државата. Тоа е период кога јавноста имаше големи надежи дека смената на власта ќе донесе прогрес, ама тоа не се случи.

Тогаш Палчо го направи неделникот Старт, целосно левоориентиран и беше еден од ретките опозициски настроени медиуми кои се појавија на крајот на 90-тите години и почетокот на новиот милениум.

И во овој период паралелно со политичката кариера, медиумското експонирање тој го тера и градежниот бизнис. Никнуваат неговите згради на атрактивни локации низ Дебар Маало. Тој ја изгради и зградата „Тифани“ лоцирана на самиот почеток на „Партизанска“ во Центар. Неговата градежна фирма „УПА Ентерпрајс“ ја градела и зградата каде што живееше и од каде што беше грабната тинејџерката Вања. Добро му била позната оваа зграда, самиот имал таму стан, а помошните простории, според имотниот лист, сè уште се водат на „УПА Ентерпрајс“.

 

Недопирливата „дебармаалска фаца“

Прикаските за криминалите и матните зделки на „градската дебармаалска фаца”, но и за недопирливоста – неказнивоста, како во време сдсмовско, така и во време вмровско, сè погласно се раскажуваа. Кога во првите години на новиот милениум, пукна тиквата меѓу Палевски и СДСМ, тој продолжи непречно да си функционира, никој не го гибаше кога во 2006 година дојде новата вмровска власт, предводена од Никола Груевски.

Има разни теории, зошто е тоа така, зошто во разните политички структури низ годините не се најде „јунак“ да се справи со „чудовиштето“. Се тврди дека Палчо имал можност со многу пари да го купи тоа што не може да се купи со малку пари… Ама и дека другарувал со полициско-безбедносните служби, наводно бил близок со познати разузнавачи, имал купишта досиеја за битни ликови од политичката и бизнис елита од сите провениенции. Се зборува дека бил опседнат со досиејата на тајните служби и ги користел за да ги држи в раце и уценува оние кои ќе се обидат да му застанат на патот. Па, на таков начин, наводно успеал непречено да си ја ѕида империјата.

Поранешниот премиер Љупчо Георгиевски (1998 -2002) и лидер на ВМРО-ДПМНЕ (1990 – 2003), деновиве преку објава на Фејсбук искажа свое видување за тоа како бил создаден „монструмот Палевски“, па иронизирајќи вели:

Бидејќи Љупчо Палевски-Палчо никој не го познава во Македонија, изгледа останувам единствениот кој добро го знае, a и како да не го знам човекот кој направи специјален весник за мене, СТАРТ кој траеше колку и мојот мандат, каде беа изнесувани сите дезинформации, лаги за говорот на омраза и да не зборувам за мене и блиските луѓе.

Како да не го знам човекот кој како Претседател на СДСМ за град Скопје на славниот 15 септември катастрофално ме порази. Цело Скопје виде спас во него од мојата диктатура.

Понатаму, тој споменува поименично функционери од безбедностите служби од редовите на СДСМ, но и личност од ВМРО-ДПМНЕ, инаку добар дел од нив веќе починати. Па тврди дека Палевски бил личен пријател со нив и дека го штителе. На крајот заклучува:

Општа констатација е дека системот на неказнивост родила монструм, но проблемот е што Македонците се заљубени во тој систем!?

Системот има име „Длабоката југословенска држава” и нејзиниот огранок во Македонија.

Арно ама, Георгиевски не кажува дали нешто направиле тој и тогашната власт за да „му ги скастрат крилјата“, ако веќе не можело целосно да се сосече „монструмот“.  Или, можеби, во тој период власта олицетворена во Георгиевски била зафатена со лукративни цели, трупала богатство и немала време да се занимава со Палевски.

Да споменеме и тоа дека сегашната партија на Георгиевски, ВМРО-НП, последниве неколку години е дел од власта, со свои пратеници во парламентот и со експонирани партиски кадри на функции во вториот и третиот ешалон. Значи, не е дека баш немале никакви механизми да се борат против злото.

 

Од левичар до проруски пропагандист

Низ годините, Палевски некаде попатно ги изгуби левичарските идеали и залута во десницата, и тоа чекор по чекор, стаса до најрадикалната, антизападна и проруски настроена. Отворено застана против НАТО, ЕУ, го бранеше името на барикадите на патриотизмот, подбуцнуваше и отворено ширеше руска пропаганда. Во неговото опкружување можеа да се видат маргинални политички фигури како Филип Петровски, Солза Грчева, Јанко Бачев, Страшо Ангеловски….

Она што ги спојува дел од притворените и Палевски, покрај сомнежите за двојното убиство, е и политичката партија Десна. Станува збор за радикална десничарска партија чиј слоган, според објавите на Фејсбук, гласи: „Чист, современ македонски национализам“

Десна во Основниот граѓански суд е регистрирана во декември 2022 година, истата официјално е впишана во Централниот регистар на 5 јануари годинава, а Палевски е нејзин претседател. Повеќе за ова може да се прочита во текстот на Мета.

Министерот за внатрешни работи Спасовски за оваа партија изјави дека треба да се дерегистрира, затоа што била криминално гнездо. Премиерот Димитар Ковачевски, пак, е уверен дека активностите на Палевски се финансирани од странски агентури.

Но, и покрај сите негови трансформации и контроверзии, сепак, останува енигма како дојде до точката да биде посочен како извршител на две свирепи убиства, на берберот од Велес – наводно поради долг од 500 евра, и на тинејџерката Вања која била убиена само 2,5 часа откако била грабната врзана и ставена во вреќа за спиење, без киднаперите да побараат откуп.

За Палевски веќе е отпочната постапка за екстрадиција од Турција (на 6 декември), а на 11 декември Турција официјално нè извести дека главниот јавен обвинителот во Баликесир му одредил 40 дневен екстрадициски притвор.

Сепак, во моментот не може да се каже колку ќе трае екстрадицијата и дали таа ќе се развлече, со оглед на тоа што процедурата зависи од турските правосудни органи.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција