Со фото од авион за гаснење пожар од 2009 г. се шири паника за наводно труење со смртоносен отров

Злоупотребувајќи стари фотографии, пост на социјалната мрежа Фејсбук шири теорија на заговор дека авиони, наводно, испуштат опасни отрови во атмосферата, кои тивко ги убиваат луѓето уште од 1999 година

 

Злоупотребувајќи стари фотографии, пост на социјалната мрежа Фејсбук шири теорија на заговор дека авиони, наводно, испуштат опасни отрови во атмосферата, кои тивко ги убиваат луѓето уште од 1999 година

 

 

Објава на Фејсбук  панично дезинформира дека во државата повеќе од 20 години се случува смислено , планско труење на населението од воздух. Овој манипулативен пост, кој има 77 споделувања во моментот кога е пишуван текстот, тврди дека:

АВИОНИТЕ НЕ ПРСКААТ СО САРС – СМРТОНОСЕН БОЕН ОТРОВ !!!

БАЛКАНОТ ИМ Е ГЛАВЕН ФРОНТ.

ОВАА ТРАЕ ОД 1999 ГОДИНА И НИКОЈ ДОСЕГА НЕ ПРЕВЗЕМАЛ НИШТО.

За да се засили теоријата на заговор, како доказен материјал се прикажани и неколку  фотографии од непознат извор, а на некои од нив  се гледаат авиони кои наводно испуштат опасни воени отрови од атмосферата кои ги убиваат луѓето. Ова, се разбира, не е точно.

Фотографијата со авионот, кој испушта огромна бела трага, е стара повеќе од 11 години. Направена на аеродромот во Хан – Германија , на 24.07.2009 година на промоцијата на најголемиот авион за гаснење пожар во светот „Evergreen Supertanker“.

Ама, ете, во овој пост таа е (зло)употребена како крунски доказ дека: АВИОНИТЕ НЕ ПРСКААТ СО САРССМРТОНОСЕН БОЕН ОТРОВ !!!“ . На страна што е смешно тврдењето дека „САРС“ е смртоносен воен отров?! Познато е дека САРС е тежок акутен респираторен синдром, вирусна респираторна болест препозната како глобална закана во март 2003 година, откако за првпат се појави во Јужна Кина во ноември 2002 година.

Инаку, фотографии кои, наводно, прикажуваат „кемтрејлс“ (Chemtrails), се пласираат многу често за промовирање на разни теории на заговор од типот дека странски фактори се здале против нас, здружени преку некоја тајна програма за распрскување отровни хемикалии во атмосферата со помош на авиони!

Ваквата конспирација е откриена повеќепати досега, меѓу другите од „Вистиномер“, потоа од српскиот сервис за проверка на факти, Istinomer.rs , како и чешкиот сервис за проверка на факти, Manipulatori.cz.

Фотографиите со буриња, кои наводно се полни со  страшен смртоносен воен отров, всушност, се објавени во повеќе книги од шеесеттите и од деведесеттите години на минатиот век. Како што може да се види, овие буриња, воопшто не содржат никакви хемикалии, туку претставуваат симулација за патници на некои рани тест летови во втората половина на минатиот век.

Со разоткривањето на оваа заговорничка теза речиси една деценија се занимава британскиот истрaжувач Мик Вест (metabunk.org). Тој уште во јули 2012 година дебанкирал постови на Фејсбук кои шират фотографии што, наводно, покажуваат внатрешност на „кемтрејл авиони“. Но, според него, фактички станува збор за прототипи на летала опремени со резервоари за баласт, додека некои фотографии се од внатрешноста на авиони за гаснење пожар. Резервоарите за баласт се користат за симулирање на тежината на патниците при тестирањето на разни летечки својства на леталото, но не и како резервоари за прскање со цел нанесување голема директна штета на луѓето, пишува Вест.

Истражувачите од Универзитетот Харвард од САД, кои, исто така, проучувале вакви заговорнички теории „не виделе ниту еден веродостоен доказ дека ‘кемтрејлс“ постои“.

Да ја споменеме и студијата  на „Форбс“, според која панел од 76 хемичари и научници од Универзитетот Ирвин, Калифорнија, изјавиле дека никогаш не дошле до докази оти постојат големи програми за хемиско прскање од авиони, со цел да се наштети на здравјето на граѓаните и со цел да се влијае на атмосферата. 

Оваа теорија на заговор е актуелна од појавата на интернетот. Уште може да пронајдете бројни интернет страници, кои го промовираат овој вид на псевдонаука. Нашето истражување покажа дека научната заедница не се согласува со тврдењата оти владата, армијата, авиокомпаниите и други субјекти се здружиле во широка мисија да ја отрујат планетата со прскање преку авиони, вели Стивен Дејвис, професор и научник од универзитетот Ирвин во Калифорнија.

Според ова истражување, причината поради која трагите од авионите остануваат видливи е зашто тие летаат на поголеми височини отколку порано, што резултира со кондензациски траги, кои траат подолго време. Тоа што трагите од авионите се вкрстуваат е само и единствено доказ дека има зголемена фреквентност на авиосообраќајот, односно дека има многу повеќе авиони, кои учествуваат во авиосообраќајот, што е и примарната причина некои од нив да мораат да летаат и на поголеми височини.

Така што, прикажаните фотографии во постот немаат ама баш никаква врска со некакво воздушно масовно труење со опасни воени смртоносни отрови. Во конкретниот случај тие се искористени за креирање  манипулативна објава со која ќе се шири паника и страв меѓу граѓаните.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција