Со фотомонтиран пример се шират лаги дека 11-годишни деца ќе учат за сексуално образование

Информацијата дека на деца на 11 годишна возраст ќе им биде предавано сексуално образование е лажна. Сексуално образование воопшто нема да се воведе како предмет од образованието, туку само како пилот програма во 4 основни училишта во земјава и тоа во деветто  одделение. И тоа не за сите ученици, туку само за оние за кои родителите дале писмена согласност да ја следат оваа активност, за која нема да има бројчана туку описна оцена

Информацијата дека на деца на 11-годишна возраст ќе им биде предавано сексуално образование е лажна. Сексуално образование воопшто нема да се воведе како предмет од образованието, туку само како пилот програма во 4 основни училишта во земјава и тоа во деветто  одделение. И тоа не за сите ученици, туку само за оние за кои родителите дале писмена согласност да ја следат оваа активност, за која нема да има бројчана, туку описна оцена

 

 

Рецензираме објава на Фејсбук во кој се тврди дека на 11-годишна возраст на децата во основните училишта во земјава ќе им биде предавано сексуално образование и тоа според наставна програма во која ќе се содржи фотографијата со описот наведени во постот. На оваа фотографија – илустрација се прикажани маж и жена и на неа пишува:

Мајката и таткото легнуваат во кревет. Пенисот влегува во вагината. Таткото и мајката се клацкаат надолу нагоре. Тоа се нарекува водење љубов. Тоа е многу убаво. Така мајката и таткото ако сакаат, можат да добијат дете.

Во постот во којшто е споделена оваа илустрација се вели:

Ова можеби ќе биде наша црна иднина, бидејќи уште од најрана возраст ќе ги учат децата дека клацкањето нагоре-надолу е игра, па и детето ќе посака на 11 години да си игра!!!

Ова, инаку е  само еден од многуте постови во кои беше споделена истата фотографија со истиот опис.

Меѓутоа, информацијата дека на деца на 11-годишна возраст ќе им биде предавано сексуално образование е лажна, а уште помалку тоа ќе се прави од содржина како таа што е споделена во постот.

Министерството за образование и наука уште еднаш реагираше на канонадата лажни вести и фотомонтирани фотографии кои се интензивираат во пресрет на септемврискиот период и стартот на новата учебна година, кога сексуално образование воопшто нема да се воведе како предмет од образованието, туку само како пилот програма во 4 основни училишта во земјава и тоа во деветто одделение. И тоа не за сите ученици, туку само за оние за кои родителите дале писмена согласност да ја следат оваа активност, за која нема да има бројчана туку описна оцена.

Во врска со ова, министерката за образование и наука, Мила Царовска, на својата официјална веб-страница напиша:

Лажните вести и монтажи по социјалните мрежи се интезивираат со цел заплашување и лажење на граѓаните. Граѓаните да бидат спокојни, образованието се унапредува и реформира. Сите информации кои деновиве се шират поврзани со сексуалното образование како оваа, се целосно лажни и апелирам граѓаните да не наседнуват. Како што многу пати извести Бирото за развој на образованието, сексуално образование воопшто не се воведува. Од следната година се планира само пилот проект во четири паралелки од деветто одделение во четири основни училишта. Никакви содржини ниту програми не се предвидени во новите содржини и учебници за прво и четврто одделение како што се обидуваат да ја замајат јавноста. Родителите да бидат смирени, се што работиме е максимално транспарентно и во најдобар интерес на децата. Апелирам да ги следите официјалните канали на МОН и БРО со цел заштита од ваквите манипулации кои, за жал, се почесто ќе ги гледаме.

Инаку, нашата проверка покажа дека самата илустрација, всушност, е објавена  во некој материјал од Азија, како што може да се забележи од оваа фотографија во продолжение.

Фактите, пак, за пилот програмата за сексуално образование се следните:

Ќе се спроведува во 4 основни училишта на македонски и на албански јазик во Скопје и во Тетово за деца на возраст од 14-15 години. Програмата ќе ја предаваат обучени наставници со поддршка на тренери за ССО на ХЕРА. Статусот на предметот во наставниот план е проектен, на ниво на вонучилишна активност, односно станува збор за изборен предмет во согласност со родителите.

Според ХЕРА, причината за воведување на пилот програмата за ССО во основното образование е да се измерат резултатите и знаењата и ставовите кај младите за теми од нивен интерес, за да се развие наставна програма која одговара на потребите и средината-културата во која живееме и за да може полесно да се интегрира во наставата за основно образование, согласно новата концепција.

Работна група на Бирото за развој на образованието во февруари 2018 година беше формирана за да подготви наставен модел за пилот ССО. Одлуката за пилотирање на ССО беше донесена на 162 седница на Владата во ноември 2019 година. Во јануари 2020 година беше подготвена наставна програма од Бирото за развој на образованието (БРО) и ХЕРА во согласност со стандардите на УНЕСКО. Во декември 2020 година беа обучени наставници од пилот училиштата за спроведување на ССО, а во март 2021 година беа подготвени прирачници за наставници за спроведување на програмата.

Темите на кои ќе зборуваат учениците на овие часови се однесуваат на промените кои се случуваат во пубертетот, симптоми на ХИВ и сексуално преносливи инфекции и заштита, каде да се обратат за помош при здравствени проблеми или насилство, зошто е потребна еднаквост меѓу мажите и жените, како да го прифатат своето тело и изглед, како да препознаат насилство и да се заштитат, да се заштитат и побараат помош од сексуално насилство, како да градат здрави партнерски врски, да ги почитуваат луѓето без да дискриминираат и да се изборат и самите да бидат почитувани.

Програмата за ССО содржи 7 теми за учење во интерактивни работилници, односно ќе биде од 36 школски часа. Темите се род, сексуално и репродуктивно здравје, сексуалност, граѓански аспекти, врски и односи, насилство, тело и слика за телото.

Сексуално образование има во Холандија, Шведска, Финска, Швајцарија, Норвешка, Австрија, Естонија, Португалија, Белгија, Ирска, Германија и Велика Британија. Во Албанија ССО е воведено уште од 2012 година во основните и средните училишта. Во Босна и Херцеговина ССО програмата во некои кантони повеќе години се реализира како изборна.

Дополнително, самите обучени наставници ќе имаат право да изберат кои наставни содржини ќе им ги предаваат, а кои не на своите ученици.

Поради сите горенаведени факти, како невистина го оценуваме тврдењето изнесено во постот што го рецензираме, дека на 11-годишни деца ќе им се предава сексуално образование и тоа преку примерот од книга, со кој е илустриран постот, а кој е фотомонтиран.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција