Со монтирано видео се исмева Филипче дека немал конзистентен став за носењето маска

Манипулативен пост во кој наменски се налепени  сегментирани искази на министерот Венко Филипче, дадени во два сосема различни временски периоди, неспоредливи во однос на сериозноста на епидемиолошката слика, создава перцепција дека министерот дава контрадикторни изјави за заштитните маски. Но, кога тој вели дека не треба да се носи маска на отворено немаше опасност од загаден воздух, за разлика од сега кога ни претстои период на магли и зголемено аерозагадување, кога се очекува вирусот да се шири побрзо и да биде заразен на далечини поголеми од 2 метра

Манипулативен пост во кој наменски се налепени сегментирани искази на министерот Венко Филипче, дадени во два сосема различни временски периоди, неспоредливи во однос на сериозноста на епидемиолошката слика, создава перцепција дека министерот дава контрадикторни изјави за заштитните маски. Но, кога тој вели дека не треба да се носи маска на отворено немаше опасност од загаден воздух, за разлика од сега кога ни претстои период на магли и зголемено аерозагадување, кога се очекува вирусот да се шири побрзо и да биде заразен на далечини поголеми од 2 метра

 

Објава на Фејсбук преку фабрикувано видео манипулира со јавноста дека министерот за здравство, Венко Филипче, постојано го менува ставот за носењето заштитни маски. Во монтираната снимка од 29 секунди, која оди со наслов:„Венко VS Филипче: „Ту маск, ор нот ту маск“, се презентираат четири куси изјави на министерот Филипче, прикажани по следниот редослед:

  1. На отворено кога нема луѓе во близина маска не се препорачува. Значи тоа беше советот уште од почетокот –  (од 0 – до 0,08 минута од видеото)
  2. Мерката за носење маска на отворено за која ќе процениме дали треба да се препорача некаде покасно – (0,08 до 0,17 минута од видеото)
  3. Маска треба да носи лице за кое знаеме дека е заболено со цел да не ја шири инфекцијата – (од 0,17 до 0,23 минута од видеото)
  4. А дел од мерките кои ги разгледуваме се задолжително носење маска и на отворено – (од 0,23 до 0,29 минута од видеото)

Прзентирањето на исказите на Филипче на ваков начин без да се посочи кога и каде се дадени, има за цел да креира мислење дека министерот нема конзистентен став по ова прашање (носењето маска). Па, кога ќе се погледне видеото не може веднаш да се забележи дека се работи за манипулација.

Всушност, станува збор за наменски креирано видео од четири различни материјали, при што се исечени  фрагменти од изјавите на Филипче и налепени без да се води сметка за тајмингот, односно, не се прикажани хронолошки според временскиот период, туку тенденциозно се редени за потребите на оваа манипулативна конструкција. Првата посочена изјава е од 22 март, втората од 5 октомври, третата од 26 февруари и последната од 22 септември 2020 година. Значи, намерно не се внимавало на временскиот контекст којшто во случајот е многу битен.

Да одиме по ред.

Првиот исказ: „На отворено кога нема луѓе во близина маска не се препорачува. Значи тоа беше советот уште од почетокот“, е исечен од настап на министерот Филипче во емисијата „Детектор“ од 22 март,  во која тој, одговарајќи на прашање појаснува дека според тогашната епидемиолошка слика – појавата на кластери, се препорачува заштитни  маски да се носат во затворени простории, таму каде има поголема група луѓе (на пример хали). Додавајќи дека маска треба да носат болните кога одат на преглед и здравствените работници (од 17,10до 18,15 минута од видеото).

Се рабти за првиот месец од почетокот на епидемијата кога имаше далеку помалку случаи. Според официјалните податоци на Институтот за јавно здравје на Република Севрена Македонија, тогаш (22.03.2020) имаше регистрирано  вкупно 136 заболени од Ковид-19 и два смртни случаја.  Да потсетиме и дека кај нас обврската за задолжително носење заштитни маски во сите јавни затворени простори се воведе на крајот на април, а стапи на сила од први мај и оттогаш за непочитувње на оваа мерка се изрекуваат казни во висина на 20 евра.

На 5 октомври, пак, кога е дадена втората изјава Мерката за носење маска на отворено за која ќе процениме дали треба да се препорача некаде покасно “, во државата се пријавени  вкупно 18.674 случаи на Ковид-19 и има 760 смртни случаи. Филипче оваа изјава ја даде во емисијата на ТВ 24, „Студио 10, говорејќи дека здравствените власи проценуваат дали ќе се примени оваа мерка  во есенските и зимските месеци за да се заштитат луѓето и од настинки и од загаден воздух. Тој посочува дека има некои публикации кои укажуваат на тоа дека ПМ честичките помагаат вирусот да стаса и подалеку од вообичаените 1,5 – 2 метра кои ги достигнуваат фрагилните капки при зборувањето.(од 20,32 – 21,26 минута од видеото)

Третата изјава: „Маска треба да носи лице за кое знаеме дека е заболено со цел да не ја шири инфекцијата “, Филипче ја даде уште на 26 февруари, на заедничка прес-конференција со техничкиот премиер Оливер Спасовски и доктор Жарко Караџовски, претседател на Комисијата за заразни болести (од 6,45 до 7,13 минута од видеото). Тоа е моментот кога во земјата беше регистриран првиот случај на коронавирус – жена од Скопје на возраст од 50 години, која престојувала во Италија, а во државата влегла преку граничниот премин Табановце.

Четврата негова изјава:А дел од мерките кои ги разгледуваме се задолжително носење маска и на отворено“, е од 22 септември (11,20 минута од видеото), кога во земјата се регстринарни 16.867 заболени и 705 смртни случаи. Оваа изјава Филипче ја даде на прес-конференција  во Владата, на која соопшти дека состојбата се влошува и дека од анализите на епидемиолошките анкети на новозаразените,  јасно може да се заклучи дека главната причина за зголемување на бројката се должи на непочитување на мерките и тоа пред сѐ на групирање, семејни собири и прослави, свадби и слични настани, но и генерално опуштањето на граѓаните.

Апсолутно е недозволиво, покрај сите најави за ризиците кои ги носи есента, сериозен дел од граѓаните и натаму да не ги почитуваат мерките. Недозволиво е сериозен дел и од бизнисите пред сè во угостителскиот сектор да не ги почитуваат мерките. Во тек се анализи за воведување на нови мерки, за спречување на понатамошно ширење на вирусот. Тука сакам да посочам дека наша стратегија и цел е навремено да воведеме мерки кои директно ќе влијаат на сузбивање на ширењето на вирусот, рече Филипче на пресот во Влада

Значи, се работи за сегментирани искази, дадени во два сосема различни периоди, неспоредливи во однос на сериозноста на епидемиолошкта слика. И, што е исто така многу битно, кога вели дека маска не треба да се носи на отворено, немаше опасност од загаден воздух за разлика од сега кога ни претстои период на магли и зголемено аерозагадување, кога се очекува вирусот да се шири побрзо и да биде заразен и на далечини поголеми од 2 метра.

Впрочем,  направени повеќе се научни студии кои покажале  поврзаност на загадувањето со сериозноста на симптомите кај заболувањето предизвикано од коронавирусот, како и тоа дека загадувањето директно влијае на смртноста од Ковид -19. Според Студијата од Харвард, мало зголемување на долготрајна изложеност на ситните PM2.5 честички доведува до големо зголемување на стапката на смртност од Ковид-19.

Јасно е дека околностите пред осум месеци и сега се сосема поинакви. Арно ама, во постот што го рецензираме намерно е направен таков  редослед на изјавите, а истовремено не се наведува за кој период се работи, за да испадне дека министерот не знае што зборува и нема конзистетен став за носењето заштитни маски.

Со вака спакуваното видео е направена сериозна манипулација, која како таква се шири на социјалните мрежи и досега постот е споделен 58 пати..

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција