Со невистини за Протоколот со Бугарија се подгрева атмосферата пред уставните измени

Протоколот којшто МНР го објави нема никаква врска со ограничувања на слободата на Македонците, ниту менување на нивната култура или историја. Постот е насочен да шири дезинформации за измените на Уставот и да се отежни процесот на Република С. Македонија кон приклучување на Европската Унија

Протоколот којшто МНР го објави нема никаква врска со ограничувања на слободата на Македонците, ниту менување на нивната култура или историја

 

 

Во објава на социјална мрежа Фејсбук, се тврди следното во врска со Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија, одржан на 17 јули 2022 година во Софија:

КАКО ДА СЕ ОДБРАНИ ДРЖАВАТА КОГА ВЛАДАТА САМА БЕЗУСЛОВНО БАРА ОКУПАТОР?!

Во рамките на објавата прикажана е и следнава фотографија која има само текст:

Таа содржи неточни тврдења во врска со овој Протокол, а во оваа рецензија ќе се осврнеме на секое од искажаните тврдења.

 

1. РУШЕЊЕ НА СПОМЕНИЦИ КОИ НЕ СЕ ОДОБРЕНИ ОД БУГАРИЈА.

Никаде во Протоколот не е наведено дека ќе се рушат споменици коишто Бугарија не ги одобрува . Во Законот за меморијалните споменици и спомен обележјата, Членот 16 гласи:

Меморијален споменик може да се премести, односно отстрани, со одлука на Собранието на Република Македонија, по претходно мислење од правното лице од членот 8 став алинеја 2 на овој закон.

Некој дури и насилно да сака да уништува споменици, тоа ќе се смета како злосторство. Уништувањето споменици на една држава од страна на туѓа држава се смета за сторено воено злосторство, според конвенциите на Хаг потпишани во 1899 и 1907 година.

При опсади и бомбардирања мора да се преземат сите неопходни чекори за да се поштедат, колку што е можно, зградите посветени на религијата, уметноста, науката или добротворните цели, историските споменици … под услов тие да не се користат во тоа време за воени цели.

 

2. ЦЕЛА ИСТОРИСКА ДОКУМЕНТАЦИЈА ОД 1945 ДО 1990 ЌЕ СЕ НОСИ ВО БУГАРИЈА

Во Протоколот не е споменато префрлање на историската документација во Бугарија, туку единствено е усогласено, дека Република Бугарија ќе има пристап на таа документација.

Владата на Република Северна Македонија, во рок од една година, да ја создаде неопходната сеопфатна правна рамка за целосно отворање на архивите на репресивниот апарат на бившите служби на државна безбедност од комунистичкиот период, вклучително полицијата, цивилно и воено разузнавање и контраразузнавање во периодот 1945-1991 г. Оваа сеопфатна правна рамка ќе создава јасни можности за слободен, неограничен и навремен пристап, проучување, право на употреба, објавување и институционално складирање и заштита на соодветните документи, пишува на стр.23 од Протолокот.

 

3. КАЗНА ЗАТВОР ЗА ГОВОР „ПРОТИВ” БУГАРИ

Во Протоколот нема наведено ништо за казни или говор „против“ Бугари. Во Уставот на Р.С Македонија, пак,   (член 16) го гарантира правото на секој граѓанин слободно да се изразува.

Се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

Ширењето говор на омраза против која било личност без разлика на националната или верската припадност, е казниво дело и е во Кривичниот законик на Македонија. Членот 394 гласи

 Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем

(1) Тој што преку компјутерски систем во јавноста шири расистички и ксенофобичен пишан материјал, слика или друга репрезентација на идеја или теорија која помага, промовира или поттикнува омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група, врз основа на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, други видови уверувања, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална или телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, или на која било друга основа предвидена со закон или со ратификуван меѓународен договор, ќе се казни со затвор од една до пет години.
(2) Со казната од ставот (1) на овој член ќе се казни и тој што делото ќе го стори преку други средства за јавно информирање.
(3) Тој што делото од ставовите (1) и (2) на овој член го врши со злоупотреба на положбата или на овластувањето или ако поради тие дела дошло до безредие и насилства спрема луѓе или до имотна штета од големи размери, ќе се казни со затвор од една до десет години.

 

4. НОВИ УЧЕБНИЦИ ОДОБРЕНИ ОД БУГАРИЈА

Во Македонија, единствениот орган кој може да одобри учебници е Бирото за развој на образованието. Според Протоколот, кој беше објавен на стр.22 се наведува следното:

Владата на Република Северна Македонија до почетокот на учебната година 2023-2024 да ја промени содржината на учебникот по географија за 7 одделение, заради неосновани етнички/територијални претензии.
Двете држави се согласија, при утврдување на други случаи на неосновани етнички/територијални претензии во учебници и учебни помагала, тие да бидат извадени од образовните програми и нивната содржина да биде променета.
Двете страни се обврзуваат последователно меѓусебно да се информираат за сите промени во содржината на сите учебници, учебни помагала и методолошки поими во своите образовни програми и да достават копии од новите изданија.

Во текстот не е наведено барање, дозвола за употреба на некаков учебник. Единственото нешто што се спомнува е консултација.

 

5. ЗАЕДНИЧКО ЧЕСТВУВАЊЕ НА ПРАЗНИЦИ и ИСТОРИСКИ ЛИЧНОСТИ

Точно е дека ќе има заедничко честување на празници и историски личности. Но, тоа не е наведено во протоколот, туку во Договорот за пријателство, доброоседтсво и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија. Член 8, став 3 гласи:

Двете Договорни страни ќе организираат со заемна согласност заеднички чествувања на заеднички историски настани и личности, насочени кон зајакнување на добрососедските односи во духот на европските вредности

 

6. ИЗВИНУВАЊЕ ЗА „ЗЛОСТОРСТВА” ВРЗ БУГАРИ ОД КОМУНИСТИТЕ

Во постот не е дефинирано на какви „злосторства“ се мисли. Во Протоколот, пак, нема обврски за никакво извинување кон никого.

Единствено нешто пронајдено во врска со комунисти во текстот на Протоколот е следното:

Рехабилитација на жртвите на репресии во комунистичкиот период (стр.23)

 

7. БУГАРИ ВО УСТАВ КАКО ДРЖАВОТВОРЕН НАРОД

Бугарискиот народ ќе се внесе во Преаумбулата на Уставот. Преумбалата е воведниот дел на Уставот во кој се изнесени историски, државно-правни традиции, целта на актот и основните начела.  А во предложените измени за Уставот,  Бугарите  никаде не се посочени како: „државотворен“ народ

 

8. ЗАБРАНА НА КАРТАТА НА ЕТНИЧКА МАКЕДОНИЈА.

Во документот (Протоколот) при пребраување на зборовите „Забрана“ или „Карта“ или „Етничка Македонија“, такви термини не беа пронајдени.

Во членот 11, став 3 во Договорот за добрососедство со Бугарија е наведено следното:

Двете Договорни страни немаат и нема да пројавуваат територијални претензии една спрема друга.

Граѓаните на Македонија не се ограничени да ја употребуваат картата на етничка Македонија. Но, со употреба на каква било карта, од било која држава во која навлегува и друга територија се покажуваат претензии и има последици за таквото дело (повикување на амбасадор, добивање дипломатска нота)

 

9. ЗАБРАНА ЗА КНИГИ, ФИЛМОВИ и СЛ. КОИ НЕ СЕ ОДОБРЕНИ ОД БУГАРИЈА. СИТЕ НОВИ КНИГИ И ФИЛМОВИ ЌЕ МОРА ДА БИДАТ ОДОБРЕНИ ОД БУГАРИЈА.

Во Протоколот со Бугарија не е наведено дека сите дела од автори на С.Македонија ќе треба да бидат одобрени од Бугарија, за да може да ѝ се прикажат на публиката.

  Во текстот е само наведено кои дела може да се финансираат:

Двете држави да гарантираат дека државното финансирање на нови книги, документарни изданија и списанија, филмови и друга уметничка продукција, како и на споменици на културата и прослави, ќе се реализира во духот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, и во овој контекст, секој субјект финансиран од државата ќе потврди преку јасна и обврзувачка изјава дека ќе го следи со неопходното внимание прашањето за неприфаќање на сите форми на говор на омраза и непочитувањето на оваа должност ќе претставува основа за прекин на понатамошното државно финансирање на ваквиот субјект.

Ако се погледне во Уставот, може  да се забележи дека со највисокиот правен акт во државата никому не му се забранува да објавува нови книги и филмови.

Член 16
Се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.
Се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање.
Цензурата е забранета.

Според наведените факти, тврдењета искажани во постот се тендециозни и невистинити.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција