Со старо видео се манипулира дека повторно има хаос пред шалтерите за лични документи во Скопје

Фото: Принтскрин видео

Објавата манипулира со тоа што пласира старо видео од турканиците во зградата на МРТ, тврдејќи дека тоа се случува сега откако Владата наводно ги укинала одлуките на министерот за внатрешни работи. Всушност, станува збор за поништување на одлука за прераспределба на еден вработен на работно место во Ново Село во Одделот за издавање лични документи, како што потврдил и самиот Тошковски

Во манипулативна објава се пласира старо видео снимено пред два месеца од турканиците во зградата на МРТ, притоа се тврди дека ова се случува сега откако Владата наводно укинала одлука на министерот за внатрешни работи. Всушност, станува збор за поништување на одлука за прераспределба на еден вработен на работно место во Ново Село – во Одделот за издавање лични документи, како што информираше и самиот Тошковски, а не во Скопје, како што сака да прикаже објавата преку видеото кое го споделува

 

Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека СДСМ и ДУИ укинале одлука на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски поврзана со издавањето на личните документи, со цел да прават намерен хаос. Објавата содржи и видео на кое се гледа толпа луѓе како се туркаат во зградата на МРТ во Скопје, пред вратата на одделот на МВР каде што се издаваат готовите лични документи.

Резултатот од СДСМ и ДУИ по укинувањето на одлуката на министерот Тошковски – СДСМ и ДУи прават намерен хаос за личните документи, стои во објавата.

Објавата е манипулативна и не наведува конкретно за што точно се работи со цел намерно да шири лажни вести. Имено, Владата, како што информираше министерот Тошковски, на седница одржана на 12 март, поништила пет негови наредби. Едната од нив се однесува на упатување на работник од МВР да извршува работни задачи во управните служби во Ново Село во делот за издавање лични документи.

Вчерашната одлука на Владата со која беа поништени пет наредби донесени од моја страна е скандалозна и спротивна на законите. Имено, една од петте поништени наредби се однесува на работник во Министерството за внатрешни работи кој се упатува да извршува работни задачи во управните служби во Ново Село каде се соочуваме со кадровски дефицит во делот на издавањето на лични документи, а со ваквата одлука на Владата практично се доведува во прашање функционирањето на оваа организациска единица, односно издавањето на лични документи на граѓаните на оваа Општина, напиша Тошковски на Фејсбук.

Значи, станува збор за одлука на Владата со која се стопирало испраќањето на еден вработен во МВР да извршува работни задачи во Ново Село, бидејќи имало кадровски дефицит во делот за издавање лични документи. Како што реагира министерот, со ваквата одлука на Владата се доведува во прашање издавањето на лични документи на граѓаните во Ново Село, а не во Скопје, како што сака да прикаже објавата преку старото видео кое го споделува.

Останатите четири наредби, како што информира Тошковски во објавата, немаат никаква врска со процесот на издавање на лични документи и истите се однесуваат на советници од неговиот кабинет.

Останатите четири наредби се однесуваат на советници од мојот кабинет со кои им се даваат конкретни насоки за постапување, а со нивното поништување исто така се влијае на работата на Министерството на највисоко ниво кое во претстојниот период треба да биде гарант за спроведување на мирен и демократски изборен процес, пишува Тошковски.

Што се однесува до видеото кое е објавено, тоа е старо, а не актуелно, како што сака да го прикаже објавата што ја анализираме. Видеото е од пред два месеца, поточно од 10 јануари и истото беше објавено на Инстаграм профилот на Види вака прикажувајќи „турканици, расправии, тензија и безредие во МВР за лични документи“. Ваквата состојба во МРТ беше видлива пред министерот Тошковски да донесе низа одлуки во врска со издавањето на личните документи.

Така на пример, на 16 февруари Министерството за внатрешни работи информираше дека, со цел да се олесни процесот за подигање на готови пасоши, граѓаните кои се фотографирале за пасош во објектот на МРТВ или во ПС Пролет ќе добиваат СМС порака откако ќе им биде изготвен пасошот за да дојдат да го подигнат. Од МВР посочија дека исто така, граѓаните ќе можат на интернет страницата mvr.gov.mk да извршат проверка дали нивниот пасош е изготвен и притоа ги замолија граѓаните доколку немаат добиено СМС порака или доколку на интернет страницата на МВР нема потврда дека нивниот пасош е изготвен да не доаѓаат во објектот на МРТВ затоа што тоа значи дека нивниот документ не е готов.

Понатаму, на 9 март Министерството за внатрешни работи извести дека новоиздадените лични карти во Скопје ќе се делат по полициски станици.

Од понеделник, 11.03.2024г. започнува нов процес за издавање на лични карти во просториите на месно надлежните полициските станици според место на живеење на граѓанинот наведено во личната карта.Секој граѓанин, ќе може да пристапи во било кој период од денот, секој ден од неделата, со цел да си ја подигне готовата лична карта, објави МВР, соопшти МВР, пренесе Телма.

Ниту една од овие одлуки на министерот Тошковски Владата нема поништено, уште помалку за да предизвика намерно хаос со издавањето на личните документи, како што тврди објавата. Објавата манипулира со тоа што пласира старо видео од турканиците во зградата на МРТ, тврдејќи дека тоа се случува сега, откако Владата наводно ги укинала одлуките на министерот за внатрешни работи. Всушност станува збор за поништување на одлука за прераспределба на еден човек на работно место во Ново Село во одделот за издавање лични документи, како што потврдил и самиот Тошковски. Очигледно е дека објавата има за цел да ја манипулира јавноста и со нецелосни информации да шири дезинформации. Поради тоа, истата ја оценуваме како неточна.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција