Социјалните патролни служби во Ѓорче Петров почнаа да работат
Проект: Отварање на сервис на граѓаните -Патролна социјална служба за подобрување на системот на социјална заштита на социјалните случаи во соработка со Црвен Крст. Прибирање податоци за структурата на население по основ на: образование, вработеност, социјален статус, пол, итн.
(Програма за остварување на социјална заштита во Општина Ѓорче Петров за 2018 година, од Службениот гласник број 19 од 2017 година стр. 72 )
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ветувањето на градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Наумовски, дека ќе се воведе патролна социјална служба во Општина Ѓорче Петров содржано во Програма за остварување на социјална заштита (стр.72), е во тек на реализација.
Дека проектот почна да се реализира најави Наумовски на 19 февруари на неговиот официјален Фејсбук профил каде што дообјасни:
Социјалните патролни служби на Општина Ѓорче Петров се голем проект кој ќе се одвива во неколку фази. Ќе се обидеме да детектираме што е можно повеќе социјално загрозени семејства и лица. Првата фаза е веќе почната, односно ангажирани се волонтери од Филозофскиот факултет-отсек социјална работа кои веќе се на терен.
Општината на својата веб – страница истиот ден објави и повик во кој ги повика социјално загрозените лица или семејства од Ѓорче Петров да се пријават во месните заедници или урбаните заедници.
Сите социјално загрозени лица или семејства од Ѓорче Петров, кои се наоѓаат во ризик како што се сиромаштија, социјална исклученост, неписменост, се жртви на семејно насилство или бездомници, може да остават контакт-телефон во месна или урбана заедница, за да им излеземе во пресрет, стои во повикот.
Од Општината за „Вистиномер“, изјавија дека проектот треба да се реализира за две години и треба да овозможи да се оформи социјалната карта на Општината, да се откријат социјално загрозените лица и да се утврди нивната образовна структура. Тоа треба да послужи за натамошните чекори кои треба да ги преземат општинските власти. Планирано е да им се додели социјална помош, но и нивно вклучување во процесот на дооформување на нивното образование и вработување.
Воведувањето на социјални патролни служби како проект кој почна да се реализира е содржан и во извештајот на градоначалникот Наумовски: „Започнати и реализирани проекти – ноември 2017 –јануари 2018 година“, каде, меѓу другото, се наведува дека:
Во Општина Ѓорче Петров почна да работи патролна служба, која после собраните податоци, на терен ќе ги посети овие лица и ќе им даде соодветна помош.
За проектот информираа и дел од медиумите. Тој е најавен и во интервјуто на градоначалникот на Општина Ѓорче Петров за порталот „24 инфо“ од 01 март 2018 година .
Со оглед на сето ова, може да се каже дека проектот за „отворање социјални патролни служби во Ѓорче Петров“, е во тек .
ИЗВОРИ:
- Веб-страница на Општина Ѓорче Петров: Започнати и реализирани проекти (ноември 2017 – јануари 2018) [Пристапено на 16.03.2018]
- Службен гласник на Општина Ѓорче Петров, бр.19 : Програма за остварување на социјална заштита во Општина Ѓорче Петров за 2018 година стр.72 [Пристапено на 16.03.2018]
- Веб – страница на општина Ѓорче Петров (19.02.2018): Воведуваме социјална патролна служба [Пристапено на 16.03.2018]
- Изборна програма на Алескандар Наумовски: Живот во Ѓорче Петров за сите [Пристапено на 16.03.2018]
- Официјална Фејсбук страница на градоначалник на Општина Ѓорче Петров, Александар Наумовски. [Пристапено на 16.03.2018]
- „24 инфо“ (01.03.2018): Интервју со Александар Наумоски, градоначалник на општина Ѓорче Петров [Пристапено на 16.03.2018]
- Телевизија МТМ (22.02.2018): Социјална патролна служба ќе ги посетува социјално загрозените лица во Ѓорче Петров [Пристапено на 16.03.2018]
Оцени: Рада Исовска – Маневска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар