Списокот со граѓани, кои добиле 6.000 денари од Владата, ќе биде достапен од идната недела

Фото: Википедија / НБРМ

Списокот со имиња на граѓаните кои ќе добијат по 6.000 денари владина помош сè уште не е готов, а кога тој ќе биде целосно завршен и доставен до Владата, ќе има официјално соопштение. Дури тогаш граѓаните ќе можат да проверат дали ги има на списокот

Списокот со имиња на граѓаните кои ќе добијат по 6.000 денари владина помош сè уште не е готов, а кога тој ќе биде целосно завршен и доставен до Владата, ќе има официјално соопштение. Дури тогаш граѓаните ќе можат да проверат дали ги има на списокот

 

Пост на Фејсбук ги  наведува читателите дека може да проверат дали ги има на списокот на оние кои добиле помош од Владата од четвртиот сет мерки, иако списокот сè уште не е готов. Постот во моментот на нашата рецензија има околу 640 интеракции (коментари, реакции и споделувања), а од коментарите под него се гледа дека читателите се револтирани поради лажната вест.

Имено, постот пренесува напис со наслов „Проверете дали сте меѓу оние кои добиле помош од Владата од четвртиот сет мерки“.

Владата на завчерашната седница донесе одлука за четвртиот сет мерки, со кои доделува помош на граѓаните. Беше објавена и листата, а може да проверите дали сте добиле помош од Владата од најновиот сет мерки на следниот ЛИНК. Потребно е само да го внесете вашиот матичен број за да дознаете дали сте опфатени од најновиот сет мерки, се вели во написот.

Точно е дека Владата објави листа на оние кои ќе можат да ја користат помошта, но ставањето на оваа листа во контекст на списокот каде можете да проверите дали сте опфатени со мерката, е погрешно наведување. Списокот со луѓето кои ќе добијат по 6.000 денари владина помош сè уште не е готов, па според тоа, граѓаните не можат со внесување на матичниот број да проверат дали ги има на списокот. Кога ќе отидете на страницата kupuvamdomasno.gov.mk и кога ќе го внесете вашиот матичен број, ви покажува дека податоците сè уште се ажурираат.

Директорката на Управата за јавни приходи (УЈП) Сања Лукаревска, на 14.12.2020 г. одржа прес-конференција на која, одговарајќи на новинарско прашање, посочи дека списоците сè уште ги ажурираат и дека таа обврска ќе ја завршат до крајот на неделата, кога и ќе ги предадат списоците на Генералниот секретаријат на Владата.

Станува збор за повеќе групи на корисници и за повеќе сетови на податоци кои треба да се точни, а неточните се враќаат на доработка, рече Лукаревска.

Таа нагласи и дека кога ќе бидат готови списоците, ќе бидат доставени до Владата, која потоа ќе ги информира граѓаните дека можат да проверат дали ги има на списокот. Изјавата на Лукаревска можете да ја слушнете од 14:45 минута.

Владата на 15.12.2020 излезе со соопштение во кое посочува дека „околу 300.000 граѓани кои ќе добијат 6.000 денари, можат да ги користат и после предвидениот рок 25 декември 2020 година“.

Во истото соопштение јасно е нагласено:

До крајот на неделата страницата kupuvamdomasno.gov.mk се очекува да биде ажурирана за граѓаните да може да проверат дали се на листата со внесување на својот матичен број.

Според ова, може да се заклучи дека постот што го анализираме е делумно невистинит, односно точно е дека е објавена листата на категории граѓани кои ќе бидат опфатени со четвртиот владин сет економска помош, точно е дека Владата на седница донесе одлука за четвртиот сет мерки, но списокот со имиња на граѓаните сè уште не е готов, а како што посочи Лукаревска, кога тој ќе биде готов и доставен до Владата, ќе има официјално соопштение од Владата. Тогаш граѓаните ќе можат да проверат дали ги има на списокот. Но, вака како што е објавена, таа ги наведува читателите на погрешни информации.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција