Стапката на невработеност се спушти под 20 отсто

Фото: Принтскрин

ВЕТУВАЊЕ: Стапка на невработеност пониска од 20 отсто во 2020 година

[Извор: СДСМ – План за живот во Македонија, стр.61 – датум, декември 2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Владејачката партија СДСМ во предизборната програма „План за живот во Македонија“, во делот „Развој на домашните претпријатија“, како една од главните цели го има поставено намалувањето на стапката на невработеност под 20 отсто до 2020 година. Притоа за да се оствари ова ветување беа предвидени повеќе мерки за подобрување на деловната клима и инвестициите во компаниите кои овозможуваат зголемување на бројот на вработени.

По проверката на ветувањето констатиравме дека ова ветување на СДСМ е исполнето пред рокот, а тоа го покажуваат податоците на Државниот завод за статистика од 08.03 2019 година презентирани во соопштението за активно население и анкета на работната сила во последниот квартал од 2018 година.

Според подароците на Државниот завод за статистика стапката на невработеност во четвртото тримесечје од  2018 година се спушти на 19,4 отсто.

Во IV тримесечје од 2018 година, активното население во Република Македонија изнесува 957 609 лица, од кои вработени се 771 806, а 185 803 лица се невработени. Стапката на активност во овој период е 56.9, стапката на вработеност 45.9, додека стапката на невработеност изнесува 19.4 отсто, пишува во соопштението на Државниот завод за статистика.

Стапката на невработеност и во текот на 2019 година продолжува да опаѓа. Во првото тримесечје од 2019 година се намали на 17,8 отсто.

Официјалната статистика, за второто тримесечје од 2019 година објавена на 6 септември 2019 г. покажува понатамошен пад на невработеноста на 17,5 отсто. Истовремено стапката на вработеност се искачи на 47,1 отсто, а стапката на активност во второто тримесечје е 57,1 отсто или во апсолутни бројки тоа за второто тримесечје изгледа вака: активното население изнесува 962.463 лица, од кои вработени се 794. 283 и невработени 168.180 лица.

Овие податоци како рекордни ги претстави и Владата на прес-конференција одржана на 6 септември 2019 година, а посветена на растот на економијата во вториот квартал од 2019 година.

Осврнувајќи се на состојбите на пазарот на трудот вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев потенцира дека е забележана нова рекордно ниска стапка на невработеност од 17,5 отсто.

Сакам само да потсетам дека невработеноста во вториот квартал на 2017 година беше 22,6 отсто, или ако сакаме во апсолутни бројки да кажеме во тој период од 2 години се вработени 54.391 лице. Од тие, само во вториот квартал на 2019 година вработени се 4869 лица и оттука е падот од 17,8 отсто на 17,5 отсто, појасни Анѓушев.

Според тоа, може да се заклучи дека ветувањето на СДСМ дека ќе ја намали стапката на невработеност до 2020 година под 20 отсто, е исполнето.

 

ИЗВОРИ:

Оцени: Рада Исовска- Маневска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција