Струга се уште нема постигнато колективен имунитет, вакцинирани само 37 проценти од населението

Струга, Фото: Portalb

Податоците објавени во последниот извештај на ИЈЗ покажуваат дека општина Струга се уште е далеку од постигнување на колективен имунитет. Но, и покрај детектирањето на варијантата Омикрон во Македонија и зголеменото движење на луѓето во Струга, локалните здравствени власти се оптимисти дека овој период ќе помине без драстично влошување на состојбата со пандемијата, пишува Порталб.мк

Податоците објавени во последниот извештај на ИЈЗ покажуваат дека општина Струга се уште е далеку од постигнување на колективен имунитет. Но, и покрај детектирањето на варијантата Омикрон во Македонија и зголеменото движење на луѓето во Струга, локалните здравствени власти се оптимисти дека овој период ќе помине без драстично влошување на состојбата со пандемијата, пишува Порталб.мк

 

Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ од 20-26.12.2021)  во општина Струга вакцинирани се 37,6 проценти од вкупното население. Споредено со многу други градови во Северна Македонија, процентот на вакцинирани граѓани во Струга не е мал, но општина Струга и понатаму е далеку од постигнување на еден колективен имунитет. Според СЗО, колективен имунитет се постигнува кога поголемиот дел од заедницата (популацијата) станува имун на болеста, со што исто така се намалува и ширењето на вирусот.

Извештај на ИЈЗ за процесот на вакцинација, период од 20-26.12.2021

Директорот на Општата болница во Струга, доктор Арменд Арслани, за Порталб.мк изјави дека процесот на вакцинација во Струга се одвива без проблеми и дека здравствените власти работат на подигање на свеста за вакцинација на младите.

„Што се однесува до нашата земја, мора да кажеме дека нашите граѓани мора да ги почитуваат превентивните мерки и препораки. Уште од почетокот на процесот на вакцинација нашите граѓани беа заинтересирани и во исчекување на вакцинацијата. Најголем интерес на граѓаните што живеат тука има за вакцината Фајзер. Повеќето од старите лица се вакцинирани и сега ја чекаат третата доза, но сите наши напори се да ја подигнеме свеста за да се вакцинира и најмладата популација и да постигнеме колективен имунитет“, рече доктор Арменд Арслани

Доктор Арслани додаде дека тешко е да се предвиди како ќе се одрази доаѓањето на стотици мигранти во татковината за новогодишните празници, како и домашни и странски туристи, но сепак е оптимист дека состојбата со Ковид-19 сепак нема да се влоши, имајќи го предвид фактот дека најголем дел од посетителите се вакцинирани. И во случај на влошување на состојбата, директорот Арменд Арслани вели дека Струшката болница е подготвена да се соочи со нова криза од пандемијата.

„Што се однесува до медицинскиот персонал, ние сме добро организирани со специјалисти интернисти и инфектолог. Но, морам да нагласам дека и медицинските сестри сега имаат искуство и можат да се справат со оваа ситуација. Сепак, специјалисти од други одделенија веќе се обучени да се грижат за пациенти со Ковид-19. Пандемијата со  Ковид-19 е светски здравствен проблем. Согласно ингеренциите со кои располагаме како Општа болница во моментов и со користење на сите ресурси што ни стојат на располагање, можам да кажам дека работиме без никаков проблем, подготвивме распоред и на тој начин менаџираме со кадровскиот потенцијал. Подготвени сме и за некои други можни сценарија, секако користејќи го максимумот на нашите капацитети“, нагласи доктор Арменд Арслани.

Од почетокот на пандемијата до 26 декември, во Струга се регистрирани 3.928 случаи со Ковид-19, од кои како оздравени се евидентирани 3.654 лица, 251 лица ја изгубиле битката со Ковид-19, а моментално има 23 активни случаи. Моментално состојбата се оценува како стабилна со само 6 хоспитализирани пациенти.

Д-р Арменд Арслани. Фото: Фејсбук профил

„Во моментов состојбата со Ковид-19 во нашата болница е стабилна и во располагање се сите ресурси. Опрема, персонал, капацитет. Модуларната болница функционира како центар за Ковид, со 35 кревети и централна оксигенација за пациентите. Во моментов имаме една константна бројка на хоспитализирани и во последните 2 месеци сме имале 3-4-5-6 хоспитализирани пациенти. Во овој центар во моментов сместени се 6 пациенти и тоа најмладиот пациент е роден во 1973 година, а најстариот пациент е роден во 1933 година. Тројца пациенти се на кислородна поддршка 4L, 6L и 14 L во минута. Сакам повторно да апелирам до моите сограѓани да ги почитуваат мерките, колку повеќе сме дисциплинирани, толку побрзо ќе и дојде крајот на пандемијата“, рече доктор Арменд Арслани.

Апел до стружани да слават со почитување на мерките против Ковид-19

Апел до граѓаните да слават со почитување на досегашните мерки за заштита од Ковид-19 упатуваат и од општина Струга.

„Да ги славиме новогодишните празници одговорно. Почитувајте ги мерките за заштита од Ковид-19, не групирајте и не користете експлозиви и други пиротехнички средства, кои можат да предизвикаат материјална штета или повреда. Во новата година ви посакуваме здравје, мир, среќа и бериќет во вашите семејства! Среќно“, рече за Порталб.мк Беса Зиба, портпарол на Општина Струга.

Веќе неколку дена во градот Струга значително е зголемено движењето на луѓето поради доаѓањето во родниот крај на голем број иселеници за новогодишните празници. Во Струга во текот на неделата се очекува доаѓање на уште повеќе посетители, странски и домашни туристи, кои новогодишните празници ќе ги поминат во туристичкиот град. Во овој период Општина Струга не предвидува локални мерки или ограничувања, но ќе ги почитува одлуките на Министерството за здравство.

„Општина Струга нема предвидено рестриктивни мерки за време на празниците, како прво затоа што нема голем број на заболени, и како второ затоа што не одлучуваме ние за мерките, туку Министерството за здравство!“, изјави Беса Зиба, портпаролка на Општина Струга.

Во Струга има сместувачки капацитети за сместување на 8-10 илјади туристи на ден, што значи дека располага со 4000 соби со 8-10 илјади легла (хотели, мотели, кампови, соби, апартмани, куќи и други видови на сместување). На целата територија на Струга има 60 ресторани од традиционален и модерен карактер, 50 капацитети за брза храна и 60 модерни кафетерии за сите преференци и 20 туристички агенции за организирање на туристички патувања.

Струга, Фото: Порталб.мк / Шефкије Аласани

Во Македонија нема да има нови рестриктивни мерки за менаџирање на состојбата со Ковид-19

Како последица на ширењето на варијантата Омикрон, голем број на земји во светот решија да ги заострат мерките и рестрикциите, меѓутоа во  Северна Македонија состојбата се оценува како стабилна и поради тоа за време на новогодишните празници не се предвидуваат нови рестрикции за справување со пандемијата со Ковид-19.

„Лично сметам дека ниту за варијантата Омикрон, ниту за која било друга варијанта не треба да се воведат дополнителни рестриктивни мерки. Сметам дека сите земји во светот треба да научат да живеат според општите правила на превенција и да ја зголемат стапката на вакцинација и тоа е излезот од кризата. Не можеме да наметнеме дополнителни ограничувања за секоја варијанта, без разлика на карактеристиките, се додека не се влоши состојбата. Сметам дека тоа што е потребно е задолжителната вакцинација, доволни се мерките со кои нема да се преоптоварат затворените простори. Како и мерките за патување. Животот постепено се нормализира, некаде е целосно нормализиран и мислам дека овие превентивни мерки се доволни“, рече Венко Филипче, сега веќе екс министер за здравство.

 

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за брзо справување со вакциналните дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Тој е првично објавен во Вистиномер, а e овозможен со поддршка на Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, БТД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција