СЗО и ЦДЦ никогаш не ги проблематизирале ПЦР тестовите

Фото: скриншот од дел од објавата

Клучните докази што се нудат во написот споделен на Фејсбук се спинувани документи од две врвни институции – американската ЦДЦ и СЗО. Невистините во текстот се со цел да се поттикне антиваксерството поврзано со борбата со ковид-19, а преку манипулација околу ПЦР тестовите, кои се претставени како несигурни и подложни на „штелување“

Клучните докази што се нудат во написот споделен на Фејсбук се спинувани документи од две врвни институции – американската ЦДЦ и СЗО. Невистините во текстот се со цел да се поттикне антиваксерството поврзано со борбата со ковид-19, а преку манипулација околу ПЦР тестовите, кои се претставени како несигурни и подложни на „штелување“

 

 

Објава на ФБ на македонски јазик манипулира и спинува со информациите дека пандемијата се базирала врз неточни резултати од PCR (ПЦР) тестирања.

Во текстот што е пласиран со објавата, се наведува дека бројот на циклуси на тестот што се спроведува е намерно намален за да произведува лажно негативни резултати:

Вакцинираните луѓе сега се тестираат со до 28 циклуси на ПЦР тестот, што речиси гарантира „негативен“ резултат на ПЦР тестот со цел да ве доубедат сите и да ве довакцинираат во поробени контролирани ГМО суштества каде друг ќе го има правото на сопственост врз вашиот генетски код. Според тврдењето на самиот автор на ПЦР тестот, Нобеловецот Кари Мулис, (видеото подолу) тој и не е тест за Ковид туку генерички тест за општи респираторни проблеми, кој со самото одредување на разни броеви на циклирање на тестот може да штелува резултати. Така, кога требаше стадото со страв да се заклучи во шталите и да му се стават пелени на уста, тестовите се циклирале 48 пати што носи 96.5% веројатност од лажно позитивен тест.

Притоа, како доказ се нуди документ што го издала американскиот Центар за контрола и  превенција на болести – CDC (ЦДЦ), во кој се наведувала таквата препорака. Информацијата се црпи од блогот Тап Њуз, целиот исполнет со текстови од читатели кои веруваат во теориите на заговор, а во моментов е доминантно антиваксерски курсиран со назнака дека вакцините против ковид-19 биле отров. Впрочем, и самиот текст ја презема истата реторика, па во еден момент на почетокот наведува:

Се појавија нови докази кои сугерираат дека на луѓето кои сега се инјектираат со експериментални отрови под превез вакцинација од коронавирусот Ковид-19 им се спроведува поинаков PCR-тест од луѓето кои не се инјектираат, со цел лажно да ја покаже „вакцината“ како „ефикасна“, пишува во текстот.

Арно ама, главните докази кои се наведени, не се баш такви какви што се претставуваат во текстот.

 

Манипулација со упатството на ЦДЦ

Еден од поклучните кои се врзуваат со американската CDC, не е точно претставен. Ако се прочита внимателно документот што го издала институцијата и кој е наменет „за јавното здравје, клиничките и рефрентните лаборатории“, а кои, пак, прават тестирања за присуство на корона вирусот Сарс-Ков 2, ќе се видат следните детали, кои не се наведуваат во објавата.

Имено, документот е еден вид упатство за постапување со цел ЦДЦ да дојде до нови сознанија за инфекцијата со вирусот кај оние лица кои ја примиле вакцината. Целта е преку истражување „да се идентификуваат трендови или кластери кај популацијата, примената на самата вакцина и однесувањето на заразниот вирус“.

Истражувањето се спроведува кај оние лица кои ја примиле првата доза од некоја од одобрените вакцини во САД и кои се заразиле во првите 14 дена по примањето.

Како што може да се види, истражувањето што го спроведува ЦДЦ, кој преку јавниот документ ги известува и јавноста и лабораториите, не се однесува на широк појас на населението, туку само на оние кои добиле вирусна инфекција по примената прва доза од вакцината.

Понатаму се дава упатство за тоа кои секвенци од тестирањето да се зачуваат во лабораториите, на која температура и клучно, со колку циклуси на проверка при изведба на самиот текст. И тука се детектира клучниот спин. Во документот не се наведува дека тестовите мора да имаат 28 циклуси на проверка, туку „најмалку 28 и повеќе“.

 

Спинување и со соопштение на СЗО

Вториот клучен доказ што се нуди во објавата, исто така, е погрешно интерпретиран, а се однесува на едно соопштение издадено од Светската здравствена организација (СЗО) на 14 декември 2020 година.

Дури и СЗО беа принудени да признаат дека ПЦР тестовите немаат никаква ефективност во дијагнозирањето на КОВИД и даваат лажни позтитивни резултати, се вели во линкуваниот напис.

Но, никаде не се споменува дека токму поради такви нејаснотии или злонамерни тврдења, СЗО на 20 јануари го реиздава истото соопштение, со појаснувања и во кое се тврди дека „со овој документ се поништува важноста на документот издаден на 14 јануари“, токму тој кој е наведен во написот.

Ако се прочита внимателно овој документ на СЗО, ќе се види дека СЗО не тврди или „признава“ дека бил соочен со бројни лажно позитивни тестови, туку дека им обраќа внимание на сите лаборатории, посебно оние кои не се специјализирани за ПЦР тестирања, дека мора строго да се придржуваат до упатството што го дава производителот на тестот.

Во изјава за Ројтерс во врска со ова соопштение, од СЗО е цитиран одговорот дека од почетокот на 2020 година СЗО постојано препорачува да се користи ПЦР тестот за идентификација на корона вирусот и дека за една година примиле десет потврдни случаи во цел свет за сомнителни погрешни резултати. По спроведена контрола на овие пријави, СЗО нашол за потребно дополнително да издаде ново упатство, во кое ќе се инсистира да се почитуваат препораките на производителите, зашто во спротивно може да се добијат или лажно позитивни или лажно негативни резултати.

Изјавата на СЗО е дадена за Ројтерс проверка на факти, во рамки на текст со кој се разобличува тврдењето од разни медиуми или на социјалните мрежи, дека СЗО наводно признале за зголемен број лажно позитивни случаи поврзан со зголемен број на циклуси на проверка при ПЦР тестирањата. Ова во исто време е проверено и потврдено како лажна вест и од други сервиси за проверка на факти.

Патем, во истиот текст за проверка на факти на Ројтерс е цитиран и одговорот на вирологот доктор, Иан Меккеј, универзитетски професор, во кој тој појаснува дека медијаната за точен ПЦР тест изнесува 25 циклуси на проверка на фрагментите од ДНК и РНК од брисот, дека помеѓу 30, но под 35 се смета за над 90 отсто точен резултат, додека под 20 за неточен во огромен број.

Имајќи ги предвид сите овие погрешно интерпретирани аргументи на документите што треба да послужат како клучни докази во објавата на Коложег, истата може да се оцени како невистина.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција