СЗО не е сатанистичка организација, ниту пак, брутално се заканува барајќи покорност

Фото: who.int

Светската здравствена организација е насочена кон спасување на човековите животи преку промоција на подобри здравствени услуги, поголема покриеност со здравствени услуги за сите луѓе во светот преку стратегии и цели кои директорот на СЗО, Тедрос Аданом бара да се почитуваат и да се постигнуваат. Нема ништо сатанистичко во тоа да се насочуваат државите членки на СЗО да обезбедуваат подобра здравствена заштита за некоја нова пандемија да нема толку девастирачки ефект врз глобалното население како што имаше оваа на ковид-19

Светската здравствена организација е насочена кон спасување на човековите животи преку промоција на подобри здравствени услуги, поголема покриеност со здравствени услуги за сите луѓе во светот преку стратегии и цели кои директорот на СЗО, Тедрос Аданом бара да се почитуваат и да се постигнуваат. Нема ништо сатанистичко во тоа да се насочуваат државите членки на СЗО да обезбедуваат подобра здравствена заштита за некоја нова пандемија да нема толку девастирачки ефект врз глобалното население како што имаше оваа на ковид-19

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели дека ,,СЗО сатанистичко брутално се заканува и бара покорност” и дека ,,сите нивни влади се послушници на сатанизмот”.

Психопатскиот криминалец Тедрос, во сопственост на култ, во сопственост на Гејтс, вели дека не смеете да одложувате, за ДА ИМ ДАДЕТЕ МОЌ НА НЕГОВИТЕ ГОСПОДАРИ НАД СВЕТОТ.
Тоа е ваша должност. Инаку треба да сте во затвор, другари, со клучот фрлен на средина на Атлантикот и да се реинкарнирате илјада пати за да ви заврши казната, пишува во постот.

Потоа во објавата се наведува дека генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом, ги повикал земјите да се подготват за следната пандемија и да го зголемат буџетот за агенцијата на ОН, како и да се унапредат преговорите за спречување на следната пандемија.

Навистина, некаде од 22 мај датираат изјави од Тедрос во кои тој апелира државите да се подготват за следната пандемија. Но, ваквите апели на директорот на СЗО се злоупотребени од страна на кругови кои се заговорници на теории на заговор, за да се дезинформира дека се работи за глобална контрола и дека следната пандемија е „планирана од страна на сатанистите“, кои, како што се гледа и во постот што го рецензираме, се претставени како господари, контролори на светот,  култисти…

Но, во ваквите наративи дека СЗО се култисти и контролори на светот, недостига објаснување како подготовка за идна пандемија претставува сатанизам. Оваа лага е повторувана безброј пати во обид да стане вистина. Сатанизмот е група на идеолошки и филозофски верувања базирани на сатаната. Честопати се користи терминот за да се нападнат идеолошките неистомисленици и за да се оцрнат, а не затоа што има вистинитост во тоа дека тие практицираат сатанизам како религиозно уверување.

Што се однесува на делот од постот во кој се вели дека „СЗО е сатанистичко, брутално се заканува, бара покорност и сите нивни влади се послушници на сатанизмот“, станува збор за конструкција и невистина. Воспоставената релација меѓу посебните независни држави и СЗО е на начин што тие се членки на СЗО. Како што е објаснето на страницата на Светската здравствена организација, сите држави кои се членови на Обединетите Нации може да станат членови на СЗО преку прифаќање на Уставот на СЗО. Други држави може да се пријават како членки кога нивната апликација ќе биде прифатена од мнозинството на Светското здравствено собрание. Според Уставот на СЗО, целта на СЗО е сите луѓе во светот да достигнат највисоко ниво на здравје. За да ја оствари оваа цел, СЗО како координативно и директивно тело за интернационални здравствени прашања, може да има соработка со ОН, специјализирани агенции, здравствени владини администрации, професионални групи, може да им помага на владите на нивно барање да ги зацврстат нивните здравствени услуги, да пружа техничка помош при катастрофи, како и помош во кризи на барање на владите, да дава на барање на посебните држави статистички епидемиолошки податоци. А, една од работите наведени во Уставот е тоа дека

СЗО ќе стимулира и ќе унапредува активности за да се искоренат епидемиите, ендемските и другите болести.

Исто така, СЗО според нејзиниот Устав има можност да предлага конвенции, договори и регулативи и да дава препораки кои се однесуваат на меѓународни здравствени прашања.

Земјите членки на СЗО пристапуваат во СЗО доброволно, а не зашто некој им го наметнува тоа. Доказ за тоа е што Лихтенштајн, иако е членка на ОН, не е членка на СЗО.

Како што пишува на сајтот на Обединетите нации во напис од 22 мај 2023 година, директорот на СЗО изјавил дека светот мора да биде подготвен за следната пандемија, за да може решително да се справи со предизвиците. Еве што фактички кажал Тедрос:

Крајот на ковид-19 како глобална светска криза не е крај на ковид-19 како глобална здравствена закана. Заканата друга варијанта да се појави, која предизвикува нови случаи и смртност останува, заканата друг патоген да се појави со уште посмртоносен потенцијал останува. Кога следната пандемија ќе затропа на вратата, а ќе затропа, мора да сме подготвени одлучно да одговориме, колективно.

Тој додал дека земјите имаат направено прогрес во универзалната здравствена покриеност, од која бенефит имаат 477 милиони луѓе, но предупреди дека ако моменталните трендови продолжат, помалку од половина од светското население ќе биде покриено до крајот на деценијата, што значи дека мора да се забрза интензитетот барем двојно. Ковид, исто така, покажа дека 8 милијарди луѓе треба да бидат подобро заштитени во случаи на здравствена итна состојба. Тој го пофали фактот што меѓу 2017 и 2022, 133 влади во светот го зголемиле данокот на производи кои може да му наштетат на здравјето како цигари и пијалаци со шеќер.

Исто така гледаме и охрабрувачки прогрес во елиминацијата на индустриски произведените трансмасти од глобалниот пазар на храна. Многу држави имаат направено импресивен прогрес во намалувањето на внесот на сол, како водечки ризик фактор за кардиоваскуларни болести, изјавил тој. 

Она што Тедрос го кажал, а што е погрешно презентирано во постот, е дека земјите мора да забрзаат во напредокот на некои цели како подобра покриеност со здравствена заштита, постигнување на Triple Billion целите, како и нови преговори за меѓународните здравствени правила.

Следствено, од сите горенаведени факти, произлегува дека СЗО никако не може да биде сатанистичка организација, бидејќи е насочена кон спасување на човековите животи преку промоција на подобри здравствени услуги, поголема покриеност со здравствени услуги за сите луѓе во светот, преку стратегии и цели кои Тедрос бара да се почитуваат и да се постигнуваат. Нема ништо сатанистичко во тоа да се насочуваат државите членки на СЗО да обезбедуваат подобра здравствена заштита, за некоја нова пандемија да нема толку девастирачки ефект врз светското население како што имаше онаа на ковид-19. Наспроти изнесеното во постот, СЗО не се заканува и не бара покорност.

Поради сите горенаведени факти, постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција