СЗО не препорачува да се носат водоотпорни маски или најлончиња под туш

Насловот на текстот кој е предмет на рецензија е неточен, сензационалистички, ги збунува и наведува читателите да донесат погрешен заклучок. Освен тоа насловот тврди нешто што потоа читателот не може да го прочита во текстот ниту да го потврди со факти и докази

 

Насловот на текстот (споделен на Фејсбук овде), кој е предмет на рецензија е неточен, сензационалистички, ги збунува и наведува читателите да донесат погрешен заклучок. Освен тоа насловот тврди нешто што потоа читателот не може да го прочита во текстот ниту да го потврди со факти и докази.

Текстот, сензационалистички со насловот тврди дека треба да носите маски и дома кога се туширате со тоа што маските треба да бидат „водоотпорни или најлонче од пиљара“. Ова е невистина.

СЗО препорача носење на маски и дома кога се туширате водоотпорни или најлонче од пиљара

СЗО во официјалните препораки за носење на маски кои ги објави на почетокот на месецот, не тврди ништо ни навидум слично на ова. Нема никаква одредба која се однесува на постапувањето при туширање, а уште помалку има наведено за било какво „најлонче од пиљара“.

Да, точно е дека СЗО препорачува носење маски дома но само во конкретни случаи, а не препорачува сите цело време да носат маски кога се во своите домови, ниту, пак, во документот се спомнува било што поврзано со носење маска за време на туширање.

Притоа самиот наслов не е дообјаснет во текстот. Во текстот воопшто не е спомнато дека треба да се носат водоотпорни маски за време на туширањето, а уште помалку дека треба да се носат некакви „најлончиња од пиљара“. На читателот не му е понудено никакво логично објаснување зошто би требало ова да го применува. Носење маски под туш или најлончиња освен што не постои во препораките на СЗО, туку ваква или слична информација не е објавена во ниту еден друг медиум во земјава ниту во светот. Целото тврдење е нелогично. Носење маски под туш е глупост и нема никаква поента ниту помага во борбата за спречување на ширење на коронавирусот.

Маски се носат за заштита од пренесување на вирусот. Па така целото тврдење изнесено во насловот е бесмислено и нелогично.

Тоа што насловот на текстот го тврди и самиот текст немаат никаква врска едно со друго. Како овој наслов да е наменет за некој друг текст. Во насловот се тврди едно нешто, а текстот коректно ги пренесува најновите препораки на СЗО.

Иако насловот тврди дека маски треба да се носат дома, во текстот јасно се наведени насоките на СЗО во кои случаи треба да се носат маски – односно кога имате гости дома.

Насловот може да се сфати и како сатира и како несогласување со препораките на СЗО, но доколку станува збор за такво нешто тоа треба јасно и видливо да е назначено и објаснето затоа што вака читателот останува збунет. Чита едно нешто во насловот, а во текстот нешто сосема друго. Текстот на веста е премногу сериозен и коректно и точно се пренесени некои од препораките на СЗО за да има простор насловот да се сфати како сатира или критика.

Ваков наслов нема за цел точно и прецизно да ја информира јавноста, како што треба да прават професионални медиуми, туку преку сензационализам да ја манипулира и збунува.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција