Тенденциозно се прикажува студија за да се „докаже“ дека маските не спасуваат животи

Фото:congerdesignPixabay

Во оваа објава се пропушта контекстот, притоа не се наведуваат битните огради кои ги ставаат и самите автори во студијата, а се тврди дека маските не заштитуваат од инфекција со ковид-19. Сознанијата од студијата се дека носењето маска МОЖЕ да биде асоцирано со зголемен ризик од инфекција, но оваа асоцијација МОЖЕ да биде и поради разлики меѓу луѓето што носат и не носат маски, па затоа е неопходно да се внимава кога се интерпретираат нејзините резултати што сугерират и самите автори. Базирано на оваа студија не може да се каже дека „се докажало оти маските не спасуваат животи“,  како што е изнесено во објавата

Во оваа објава се пропушта контекстот, притоа не се наведуваат битните огради кои ги ставаат и самите автори во студијата, а се тврди дека маските не заштитуваат од инфекција со ковид-19. Сознанијата од студијата се дека носењето маска МОЖЕ да биде асоцирано со зголемен ризик од инфекција, но оваа асоцијација МОЖЕ да биде и поради разлики меѓу луѓето што носат и не носат маски, па затоа е неопходно да се внимава кога се интерпретираат нејзините резултати што сугерират и самите автори. Базирано на оваа студија не може да се каже дека „се докажало оти маските не спасуваат животи“,  како што е изнесено во објавата

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Ви велеа дека маските спасуваат животи, но се покажа дека е спротивното.

Студија од Норвешка откри поголема веројатност за инфекции со ковид 19 кај лицата кои редовно носат маски во споредба со оние кои не носат.

Клучни наоди од студијата се дека

  • Овој зачудувачки резултат произлезе од детална анализа во која беа вклучени 3.209 учесници набљудувани 17 дена за нивните навики за користење маски.
  • Забележано е значително зголемување на позитивноста на ковид 19 кај оние што често носат маски, од 8,6 проценти кај оние што ретко носат маски до над 15 проценти кај редовните носители.
  • Прилагодувањата за различни фактори откриваат 33 до 40 проценти зголемена стапка на инфекција кај редовните носители на маски

Во склоп на објавата се споделува текст од ,,Епоха Тајмс” во којшто, пак, се претставени резултатите од истражувањето.

Кога ќе се погледне текстот на студијата што се споменува во објавата која ја рецензираме, евидентно е дека во неа се пропушта контекстот, од причина што не се наведени некои клучни работи што самите истражувачи, односно автори на студијата ги наведуваат како ограда на она што го истражиле. Самите автори на студијата препорачуваат нивните резултати да се толкуваат со внимателност, а не онака како што е направено во објавата.

На страница 12 и 13 од студијата пишува:

Нашите откритија сугерираат дека носењето маски МОЖЕ да биде поврзано со зголемен ризик од инфекција. Но, важно е да имате предвид дека оваа асоцијација може да биде поради неопсервирани и неприлагодливи разлики меѓу оние што носат маски и оние што не носат маски. Затоа, претпазливоста е императив кога ги интерпретирате резултатите од оваа и други опсервациски студии за врската меѓу носењето маска и ризикот од инфекција. Повеќе експериментални студии се потребни за да ги подобриме нашите знаења за ефективноста на носењето маски за заштита против пренос на респираторни патогени.

Што е тоа што не се наведува во објавата, а што е важно во оваа студија?

Во оваа студија од 3.231 учесник, забележано е дека лицата што пријавиле дека носат маска понекогаш или често или речиси секогаш или често, имале 33 до 40 проценти повисока инциденца да пријават самите дека имаат ковид споредено со оние што никогаш или речиси никогаш не носеле маска. Кога истражувачите ги прилагодиле ризик факторите на испитаниците, ризикот кај тие што носеле маска е помалку изразен, со само 4 проценти зголемена инциденца на инфекција со ковид-19 кај тие што носеле маска речиси секогаш или секогаш, споредено со оние кои не носеле никогаш или речиси никогаш. (страница 11 во студијата)

Резултатите од секундарните исходи одеа во иста насока, односно носењето маска беше асоцирано со зголемен релативен ризик за искусување респираторни симптоми, додека не најдовме јасна асоцијација меѓу носењето маски и забележаните случаи на ковид-19, пишува во студијата на страница 11

Авторите наведуваат дека нивните резултати може да се објаснат со повеќе фактори.

Огромно ограничување на нашата студија е нејзиниот нерандомизиран, дизајн со пресек (cross-sectional study design). Можно е луѓето што носеле маски да го правеле тоа за да ги заштитат другите од својата веќе добиена ковид инфекција. Оваа обратна каузалност може да ја објасни и позитивната асоцијација меѓу ризикот за инфекција и носењето маски и може да се поткрепи со откритието дека учесниците што носат маски, исто така, е поверојатно дека ќе се тестираат за ковид-19. Понатаму, може да има и други разлики во однесувањето поврзани со перцепцијата за ризик или со работната позиција, што ние не ги истражувавме (на пример, лекарите носат маски многу често поради природата на нивната работа), а кои се поврзани со веројатноста дека некој ќе носи маска или дека ќе се тестира за ковид кога ќе пројави симптоми. Исто така, има можност тие што носат маски, да се чувствувале некако заштитени и затоа да го смениле своето однесување за да не следат социјална дистанца, па секој бенефит од носењето маска да бил намален поради зголемената изложеност. Последно, нашиот заклучок од студијата се базира на резултати што ги пријавуваат самите учесници, што е можен извор на пристрасност. (страници 11 и 12 во студијата)

Со други зборови, учесниците во оваа студија не биле случајно одредени да носат или да не носат маски и не биле охрабрувани да ги носат. За време на периодот на студијата, официјалните препораки за тоа дали да се носи маска или не, биле променливи. На страница 8 во студијата се додава дека за некои групи на луѓе во ризични професии, било поверојатно дека ќе носат маска, исто како и тие што имаат ризик за тешка форма на ковид. Исто така, не може да се исклучи ни дека оние што добиле позитивен тест за ковид, биле поподложни на тоа да носат маски после инфекцијата, со цел да ги заштитат другите со оглед на тоа што знаеле дека имаат ковид. Исто така, може да има поврзаност меѓу тоа дека тие што носат маски, ќе сакаат и да се тестираат, а тие што не носат маски, не сакаат ни да се тестираат (страница 8 од студијата).

Поради сите горенаведени факти, произлегува дека во објавата што ја рецензираме се пропушта контекстот затоа што не се наведуваат битните огради кои ги ставаат и самите автори во студијата. Нивните сознанија од студијата се дека носењето маска МОЖЕ да биде асоцирано со зголемен ризик од инфекција, но оваа асоцијација МОЖЕ да биде и поради разлики меѓу луѓето што носат и не носат маски, па затоа е неопходно да се внимава кога се интерпретираат резултатите од студијата. Базирано на оваа студија не може да се каже дека „се докажало оти маските не спасуваат животи“, како што е изнесено во објавата.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција