Теорија на заговор пласирана за да се демонизираат Власите, а да се оправда Палчо

Фото: Принтскрин видео „Јутјуб“

Објавата е какафонија од нелогичности, теории на заговор без никаква аргументација и поврзаност, но со цел да се обвини цел народ, Власите, дека ја жртвувале Вања Ѓорчевска, со цел да го ,,наместат” Љупчо Палевски. Вакви теории на заговор во светски рамки се пласираат особено за народи кои имаат економска моќ и токму таа економска моќ е неоправданата причина за омраза која се шири во ваквите теории на заговор. Наспроти изнесеното, за кривично правниот настан каде првоосомничен е Љупчо Палевски, постои истрага но и вербални и материјални докази кои придонесоа тој да биде првоосомничен. Тој не е наместен од никого, па ни од Власите.

Објавата претставува какофонија од нелогичности, теории на заговор без никаква аргументација и поврзаност, но со цел да се обвини цел народ, Власите, дека ја жртвувале Вања Ѓорчевска, со цел да го ,,наместат” Љупчо Палевски. Вакви теории на заговор во светски рамки се пласираат особено за народи кои имаат економска моќ и токму таа економска моќ е неоправданата причина за омраза која се шири во ваквите теории на заговор. Наспроти изнесеното, за кривично правниот настан каде првоосомничен е Љупчо Палевски, постои истрага, но и вербални и материјални докази кои придонесоа тој да биде првоосомничен. Тој не е наместен од никого, па ни од Власите

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Играта е многу длабока со убиството. Тајкуните се Власите. За да се спасат од лоповлукот 30 годишен кој Палчо го објавувуше, жртвуваа Влаинче девојче за да го наместат Палчо и цела партија во која има прави патриоти. Затоа урлаа по сите медиуми и партии. Демек девојчето го жалеа по сите медиуми. Во Европа и потоа веднаш масонот за Македонија Ангјушев, тајкун, лопов го тргнаа од ложата. Ова е знак дека империјата нивна ќе паѓа на глобално ниво со се Вартоломеј и борбата за враќање на Царигратската патријаршија во нормала. Тогаш Партениј ќе стане немоќен и ќе одговара за се што правел. Бугарите ќе нема кој да ги форсира. Грците ќе ја изгубат борбата преку нивните лопови во Македонија и името ќе се врати. Има една друга работа по што се блиски со Албанците да не ги излажат поради крстот на шапка да започнат војна затоа е направен, да опипуваат пулс на Македонците преку Албанците.  А Ердоган и Руската црква ја знаат играта. Ќутат и ја следат ситуацијата. Ако Власите успеат да ги излажат Албанците да направат некоја глупост Ердоган е задолжен да ги дотера во памет фалц муслиманите, а власите Руската црква. Прашање е на време.
А Македонците ако не ја сфатат играта ќе ги натераат да водат војна меѓусебно со Албанците Бугарите или Србите. Украинско крваво сценарио се спрема. Поздрав до сите. Да сте ми живи и здрави. Почнете да размислувате сериозно. За да почнеме да живееме нормално сите заедно и власи и турци и Албанци и срби итн. САТАНАТА НЕ МИРУВА ДА ВИ БИДЕ ЈАСНО ПОСЛЕДНОТО УПОРИШТЕ ИМ Е МАКЕДОНИЈА.

Станува збор за теорија на заговор во која се обвинува цел народ за жртвување на девојче, во кривично правен настан кој е изолиран и со точно определени осомничени. Тоа што жртвата е од одредена група на народи, на ниеден начин не покажува дека ,,Власите ја жртвувале” со оглед на тоа што криминалот се случува во сите народи, земји и етнички заедници. Исто така, обвинителството излезе со првичен мотив за настанот кој може да се промени во текот на истрагата, но засега е користољубие. Тврдењето во објавата која ја рецензираме дека Власите ја жртвувале Вања Ѓорчевска за да го наместат Љупчо Палевски и неговата партија, претставува измислица, теорија на заговор и поигрување со чувствата на цела етничка заедница. Особено затоа што, причината поради која Палевски е првоосомничен за убиството на Вања Ѓорчевска, е сведоштво односно исказ на негови сопартијци исто така осомничени за убиството, а не од некој друг. Тоа што Палевски објавувал информации за Власите на ниеден начин не претставува информација која што може да се доведе во корелација со кривично правниот настан на убиството на Вања Ѓорчевска, ниту пак тие информации беа докажани, ниту пак предизвикаа било какви истраги од кои некој би можел да се почувствува загрозен.

Слични теории на заговор како оваа за Власите дека тие имаат своја доминација и империја, веќе се пласирани на социјалните мрежи и се однесуваат на други помали заедници, како на пример Евреите, а пишани се и текстови кои се олицетворение на теориите на заговор за наводна нивна доминација. На пример, уште од „Протоколите на сионските мудреци“ (руски: Protokoly sionskih mudrecov или Sionskie protokoly), кој е антисемитски памфлет кој опишува наводен еврејски и масонски заговор за преземање на светот во обид да ги претстави како заговорници за контрола на светот.

Протоколите се меѓу најпознатите историски измами, публикација која е создадена во Русија на самиот почеток на 20 век, а се прошириле во целиот свет. Иако е чиста измислица, сепак, оваа публикација се користи како оружје во пласирањето на теориите на заговори насочени кон цели етнички групи.

Тезата за market dominant minority, дава една можна причина зошто ваквите теории на заговори се шират во светски рамки во многу држави и придонесуваат за омразата кон цели помали заедници. Концептот на “market-dominant minorities”, се дефинира како етнички групи кои во одредени услови на пазарот, имаат тенденција да просперираат, да напредуваат и економски да доминираат, честопати значително над други етнички мнозинства во одредена земја.

Така на пример, во Филипините, кинеската заедница сочинува еден процент од популацијата, но контролира 60 проценти од приватната економија, со краен резултат презир од страна на филипинското мнозинство против кинеското малцинство кое креира етнички конфликт. Слично е во Индонезија, кинеската етничка група сочинува само 3 проценти од населението, но контролира 75 проценти од економијата. Тоа што одредена група, која нема политичка, ама има економска моќ, се должи на семејните врски меѓу овие групи, културата и многу други фактори, но, секако не се должи на теориите за заговор за смислена доминација на една малцинска заедница.

Една од последните ФБ фотогравии на убиената Вања Ѓорчевска

Целата објава ги има карактеристиките на теориите на заговори, да се нафрлаат зборови без докази, фиктивни, апстрактни, недокажливи, со цел да се разбуди сомнеж, но без аргументи. Вистиномер и претходно има објавувано повеќе аргументи зошто Палевски Љупчо, првоосомничен за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски не се наместени, туку се првоосомничени базирано на искази од сведоци и базирано на материјални докази, кои, според обвинителот Гаврил Бубевски, „зборуваат на ист јазик како и исказите на осомничените“.

 

Што имаат Власите со крстот на Шапка?

Во објавата сосема неаргументирано се обвинуваат Власите и дека се обидуваат да направат меѓуетнички тензии поврзани и со крстот на Шапка, односно дека тие може да ги поттикнат Албанците да ги нападнат Македонците. Повторно, теза без никакви аргументи, комплетно мотивирана од омраза кон цела малцинска група во земјава. Во еден дел дури и се наведува дека се спрема ,,украинско крваво сценарио” што ја прави оваа објава уште понелогична, небазирана во факти. Во Украина има воена инвазија од страна на Русија. Во Македонија, нема инвазија врз никого и таа претставува мултиетничка земја, каде права и обврски уживаат граѓани од голем број вери и националности.

Сите останати делови од објавата се предвидувања за иднината, кои според методологијата на работа, Вистиномер не ги рецензира.

Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита. Станува збор за теорија на заговор со цел да се демонизираат Власите во Македонија а да се оправда Љупчо Палевски Палчо, првоосомничен за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција