Целосно обновен Стариот амам во Тетово

Обновата на Турскиот амам во Тетово изведена во соработка со Турската интернационална агенција за соработка и развој – ТИКА Фото: commons.wikimedia.org

 

ПРОЕКТ: ,,СТАР АМАМ” ТЕТОВО

Продолжуваме со реализацијата на проектот кој ќе овозможи заштитата на ова вредно културно наследство од османлискиот период. Носител: НУ Национален конзерваторски центар – Скопје ( Буџет: 400.000 денари Рок: 2015 година)

 ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Турскиот амам во Тетово е целосно обновен во ноември 2015 година. Ова е исполнето ветување на ВМРО-ДПМНЕ дадено во изборната програма  „Проверено“ (2014-2018) во делот „Поквалитетен живот за сите (Култура и уметност  стр.329).

 

 Во август 2015 година медиумите информираа дека  во завршна фаза се активностите за заштита на Стариот амам во Тетово.

Овој проект се одвива во четири фази, од кои првите две се реализирани во 2012 и 2013 година, при што е изработен проект за непосредна заштита, конзервација и санација од страна на надлежната установа НУ Национален конзерваторски центар – Скопје.

За целосна реализација на проектот, надлежната установа склучи договор за финансирање со Турската агенција за соработка и координација – ТИКА според кој, во координација на двете институции, ќе се спроведат сите потребни мерки за заштита, односно санација на објектот.

Во согласност со усвоената динамика, предвидено е решавање на проблемот со влагата во објектот, конзерваторски зафати за консолидација на куполите, односно санирање на пукнатините направени под влијание на временските услови. Исто така, предвидена е превентивна интервенција во внатрешноста на објектот, како и изработка на дренажен канал, канал за одвод на атмосферска вода, рампа, оградни ѕидови, фасади, покрив, третман на вертикални ѕидни површини во просториите на објектот и третман на вертикални сферични површини.

Финализацијата на активностите од областа на непосредната заштита е планирана до крајот на 2015 година.

На 12 ноември 2015 година министерката за култура  Елизабета Канческа – Милевска заедно со амбасадорот на Република Турција во Македонија, Омур Шолендил присуствуваа на свеченото отворање на обновениот Стар амам во Тетово.

Министерката Канческа – Милевска во оваа пригода  посочи дека обновата на овој значаен културно историско споменик од османската култура била изведена во соработка со Турската интернационална агенција за соработка и развој – ТИКА и оти тоа е дел од програмата на Владата во рамки на заложбите за соодветна заштита и презентација на богатото културно наследство кое го поседува Република Македонија.

Денеска ( 12.11.2015) пред јавноста го презентираме комплетно реконструираниот стар амам во Тетово кој е еден од најрепрезентативните архитектонски примероци на османлиската култура во нашата земја,  сведоштво за традициите во изведбата на профаните објекти од доцносредновековната епоха. Овој споменик на културата кој се вбројува меѓу најдревните зданија на културното наследство на Тетово и околниот регион  е своевиден пункт на старите културни традиции од Османлискиот период, кој го оживува времето на социјалниот и економскиот процут на Тетово со впечатливоста на својата визуелна естетика, со разиграноста на просторните волумени, како и со неговото културолошко значење за жителите на градот (Милевска)

Амбасадорот Шолендил тогаш посочи дека тетовскиот амам претставува значаен културно историски споменик што е белег на културата и историјата заедничка за двете земји.

Македонија и Турција се братски и пријателски земји и тоа ќе трае и во иднина бидејќи сме поврзано со многу моќни меѓусебни врски и обновата на овој културно историски споменик е уште еден показател во таа насока ( амабасадорот Шолендил).

 

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Оливера Војновска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција