Украина не го забрани православието и Зеленски не му подарил на Папата икона без Исус, туку уметничка слика

Фото: Принтскрин видео

Украина не го забранила православието, а уште помалку станала „сатанистичка и води отворена војна против Бога, како што тврди оваа објава. Исто така, Зеленски не му подарил на папата Франциск икона без ликот на Исус, туку станува збор за слика која не алудира на ништо сатанистичко, таа има симболика и е посветена на детските жртви од страшната војна во Украина што ја започна Русија

Украина не го забранила православието, а уште помалку станала „сатанистичка и води отворена војна против Бога,“ како што тврди оваа објава. Исто така, Зеленски не му подарил на Папата Франциск икона без ликот на Исус, туку станува збор за слика која не алудира на ништо сатанистичко, таа има симболика и е посветена на детските жртви од страшната војна во Украина што ја започна Русија

 

Објава на Фејсбук тврди дека Украина го забранила православието, нарекувајќи ги Украинците сатанисти кои воделе отворена војна против бога.

Која беше пораката на Зеленски со подарувањето на икона без Исус !?
Еве сега и официјално го забранија православието во Украина.
Тие (Сатанистите) веќе водат отворена војна против Бога, пишува во објавата.

Во неа се изнесени две невистини – едната која се однесува на подарокот кој украинскиот претседател Володимир Зеленски му го дал на Папата Франциск и втората дека во Украина е забрането православието.

Зеленски го посети Ватикан и се сретна со Папата на 13 мај годинава.

Како што информираше Ватикан њуз на својата веб-страница, Папата Франциск му подарил на претседателот Зеленски бронзена скулптура што претставува маслиново гранче, симбол на мирот.

Украинскиот претседател, пак, од своја страна му донесе на Светиот Отец уметничко дело изработено од плоча отпорна на куршуми и слика со наслов „Загуба“ за убиството на децата за време на конфликтот, пишува Ватикан њуз.

Во друга објава во врска со подароците кои Зеленски му ги дал на Папата, Ватикан њуз пишува:

Подароците што ги испорача Зеленски беа значајни: уметничко дело направено од плоча отпорна на куршуми и слика за убиствата на деца за време на конфликтот со наслов: Загуба 2022-58, каде 58 го претставува педесет и осмиот ден од почетокот на инвазијата на Русија што, до тој момент, предизвика смрт на 243 деца. Загуба за иднината и за целото човештво.

Вистиномер ја побара сликата на која Богородица го држи Исус кој е прикажан како црна сенка без лик. Мора да напоменеме дека станува збор за слика, а не за икона, како што тврди објавата.

Сликата е дело на украинскиот уметник Олексиј Ревика. Како што пишува на страницата Сансид арт, каде што оваа слика се продава, делото „Загуба, 2022-58“ отсликува една од црвените линии на серијата постери – убивањето деца. Броевите 2022-58 се педесет и осмиот ден од почетокот на целосната руска инвазија. Во времето кога била креирана сликата, според официјалните податоци, 243 деца загинале како резултат на вооружената агресија на Русија против Украина.

Ова се 243 можности за иднината. Нарушувајќи ја вообичаената слика, но истовремено одржувајќи го општиот композициски ред, тој додаде празнина за да пренесе важна порака: убивањето деца е голема загуба за целото човештво. Поради намерното прекршување на композицијата и содржината на класичната слика на украинската икона од страна на авторот, создадена е слика дека многу украински семејства биле допрени од Отсуството и Празнината. Главната цел на авторот беше да го привлече вниманието на светската заедница кон трагедијата и уште еднаш да потсети за потребата да ѝ се помогне на Украина во борбата против агресорот, пишува Сансид арт во објаснувањето за значењето на делото.

Значи, Зеленски не му подарил на Папата икона, како што се тврди во објавата, туку уметничка слика и  нема врска со никакви сатанистички работи, таа е симбол на страшната војна во Украина во која загинаа многу деца.

Видео од средбата на Зеленски со Папата Франциск и размената на подароци можете да погледнете тука.

Што се однесува до тврдењето во објавата дека Украина го забранила православието, тоа е, исто така, неточно. Имено, украинскиот парламент на 19.10.2023 година со 267 гласови „за“ и 15 „против“ од вкупно 450 пратеници усвои предлог-закон за забрана на Украинска православна црква, која е под јурисдикција на Руската православна црква.

Законот ќе ги забрани активностите на верските организации поврзани со центрите на моќ во државата која врши вооружена агресија против Украина.

Вистиномер на оваа тема има веќе пишувано. Иако нема официјална државна религија во Украина, источното православие одамна е доминантно верско определување.

Еден од камењата на сопнување помеѓу Украина и Русија, е и религијата. Историските врски со Москва долго време го спречуваа формирањето на обединета национална црква во Украина. Две главни цркви водеа борба за црковна власт: Украинската православна црква на Московската патријаршија, која беше основана во 1990 година како самоуправна црква под канонска јурисдикција на Руската православна црква (РПЦ) и е најголемата во Украина со околу 12.000 парохии и Украинската православна црква – Киевската патријаршија, формирана во 1992 година од украинското свештенство кое бараше независност од РПЦ.

Во октомври 2018 година, Украинската православна црква официјално се одвои од руската, по повеќе од 300 години. Одлуката, која беше одобрена од Константинополската патријаршија, позната и како Цариградска или Вселенска патријаршија, „прва меѓу еднаквите“ православни цркви во светот, предизвика големи последици во православниот свет, веројатно најсериозни во последните 1.000 години. Истиот месец кога беше објавена декларацијата, Руската православна црква соопшти дека ќе ги прекине односите со Патријаршијата.

Како резултат на расколот, Руската православна црква изгуби голем дел од својата територија, верниците и, најважно, својот духовен и симболичен авторитет над Украина. И рускиот претседател Владимир Путин и патријархот Кирил го осудија расколот.

Според ова, не може да се каже дека Украина го забранила православието. Таа само го забрани делувањето на црквата која со години беше под јурисдикција на Москва (РПЦ). Во Украина останува и натаму Украинската православна црква – Киевската патријаршија, формирана во 1992 година од украинското свештенство кое бараше независност од РПЦ.

Од сето ова можеме да заклучиме дека Украина не го забранила православието, а уште помалку станала „сатанистичка и води отворена војна против бога“, како што тврди објавата што ја анализираме. Исто така, Зеленски не му подарил на Папата Франциск икона без ликот на Исус, туку станува збор за слика која не алудира на ништо сатанистичко, таа има симболика и е посветена на детските жртви од страшната војна во Украина што ја започна Русија.

 



 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција