Улицата „Народни херои“ двапати почната, завршувањето ќе почека

Реконструкцијата на улицата Народни херои се развлече

На оваа делница која е многу оштетена ќе се изгребе постојниот асфалт, ќе се нивелираат шахтите и сливниците, ќе се постават нови рабници, ќе се засили носечкиот слој и ќе се нанесе нов асфалт. Во текот на градежните работи ќе се обноват и тротоарите на ширина од 1,5 метри од двете страни, коишто ќе се покријат со бекатон-плочки на површина од 1.250 квадратни метри. Градежните работи на оваа делница треба да завршат за 90 работни дена. Градот Скопје за овој зафат ќе потроши околу 10,4 милиони денари – рече денеска градоначалникот Трајановски. (Рок: 90 денови од 14 јули 2016; Буџет: 10,4 милиони денари; Инвеститор: Град Скопје)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

На 14 јули 2016 година, градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски го означи почетокот на работите за реконструкција на коловозот и тротоарите на улицата Народни херои во Кисела Вода. Притоа беше посочено дека зафатот ќе опфати 416 метри на улицата, од крстосницата со улицата Димо Хаџи Димов до крстосницата со улицата Христо Татарчев, а како што рече Трајановски, работите би требало да завршат за 90 дена, односно најдоцна до средината на октомври.

кликнете на фотографијата за поголема верзија
кликнете на фотографијата за поголема верзија

Во текот на викендот, Трајановски наведе нов рок за завршување на „Народни херои“ – наредниот месец (крај на ноември 2016).

Според ситуацијата забележана деновиве (25.10.2016 ), остануваат уште отприлика 100 метри, кои сега се подготвени за поставување постилка, по што треба да се асфалтира и да се работи на тротоарите, што секако ќе одземе време, но работата тече.

Сепак, рокот за завршување на зафатот што скопскиот градоначалник го кажа при означувањето на почетокот на работите е поминат.

Што се однесува до почетокот и времетраењето на работите, има еден интересен момент. Имено, на 4 август од Град Скопје во ново соопштение  информира дека работите ќе почнат следниот ден:

Градот Скопје ги известуваат сите учесници во сообраќајот дека од утре (5 август) ќе почнат градежни активности на улицата „Народни херои”, и ќе биде воспоставен привремен режим на сообраќај во тој дел на градот.

Според тоа, излегува дека реконструкцијата на улицата има два почетока – еден официјален, за фотографирање, на 14 јули, а вториот реален – на 5 август, кога улицата делумно се затвора за сообраќај, односно останува слободен делот од улицата Вера Јоциќ до улицата Христо Татарчев за движење во правецот од центарот на градот кон Припор.

Во саботата, 22 октомври 2016, при увид во текот на работите на булеварот „Србија“, Коце Трајановски за Народни херои кажа дека ќе биде завршена во номеври 2016, што е втор наведен рок за завршување на работите за реконструкција на улицата и тротоарите.

Се работи на булеварот „Народни херои“, кој ќе биде завршен за неполн месец, а за следната година ќе биде вториот дел од овој булевар.

Според утврденото, рокот за реконструкција на улицата „Народни херои“ наведен од Трајановски – 14 јули 2016 година е пробиен, а во моментот се изведуваат градежни активности, па според методологијата на Вистиномер, ова ветување добива оценка „во тек“.

 

ИЗВОРИ

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција