Уште не зататнила скапо платената фабрика за селекција на отпадот во Прилеп 

Фабриката за секундарна преработка на отпад уште во повој. Фото: Општина Прилеп

 

 ТРЕТИРАЊЕ НА ОТПАД 

Фабрика за селекција на отпад со можност за изградба на фабрика за производство на електрична енергија и био-гас 

ЈКП „Комуналец“ веќе има потпишано договор за купување на линија за секундарна селекција на отпад, која ќе биде монтирана во близина на сегашната градска депонија на површина од 6.000 метри квадратни.  

Со интензивно темпо на работа за две до три години целосно ќе биде пречистена старата депонија и таа повеќе нема да постои. Селектираните материјали ќе се продаваат и тоа ќе претставува дополнителен приход за ЈКП „Комуналец“. 

Во 2015 година ќе се премине на вториот дел од проектот – изградба на компостара за арско ѓубриво, која ќе чини околу половина милион евра. На тој начин, Прилеп комплетно ќе може да го преработува целиот отпад, односно ќе нема повеќе отпад кој ќе се депонира. Со ова, сите таргети, според законите на ЕУ кои Македонија ќе треба да ги исполни до 2018 година, Прилеп ќе ги заврши во 2015 година.  

Преку реализација на овој проект се отвораат нови перспективи за стопанството и создавање нови работни места. Кога ќе се изгради халата за секундарна селекција на отпадот, првично ќе бидат вработени 60 лица, а со доградбата на останатите придружни елементи и компостарата, таа фабрика би имала над сто нови вработувања. 

Преку понатамошно инвестирање по пат на јавно приватно партнерство и набавка на нова технологија, би се овозможила изградба на фабрика за производство на електрична енергија и био-гас од самиот отпад. (Буџет: 60 милиони денари за првите две фази од проектот, Извор на средства: ЈКП Комуналец и приватен партнер, Рок за реализација: 2013-2017) 

 

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Во изборната програма со која ја побара довербата од гласачите во општина Прилеп на локалните избори во 2013 година, дотогашниот и актуелен градоначалник Марјан Ристески во приоритетните проекти за новиот мандат, на стр. 15,  ја вброи и Фабриката за отпад за производство на електрична енергија и био-гас. Според утврденото, преземени се некои чекори за реализација на ветувањето, но не до крај, поради што ова ветување на актуелниот градоначалник на Прилеп е делумно исполнето.

Во ветувањето дадено во изборната програма со која Ристески се бореше за трет мандат на градоначалник на општина Прилеп, тој наведе дека проектот ќе се реализира „во наредните две до три години“, што пак би значело најмногу до почетокот на април 2016 година.

Во периодот на предизборната кампања, интересно, на веб-сајтот на општина Прилеп, е објавена опсежна информација за планот за оваа фабрика. Во неа прецизно се наведува дека халата, односно објектот на фабриката ќе се гради до крајот на 2013 година кај старата депонија во Алинци, а треба да биде на површина од 1.200 квадратни метри. Како следни чекори се најавени чистење на старата депонија и изградба на компостара за биоразградлив отпад.

До крајот на годинава на простор од 6000 m2 кај старата депонија во Алинци, ќе се гради халата за селкција на отпад за чија изведба во тек е Јавната набавка. Халата ќе биде изградена на површина од 1.200 квадратни метри и ќе чини околи 15 милиони денари. 

Линијата која ќе се инсталира има капацитет од 150 тони за 24 часа, а во моментов од Прилеп се собираат околу 90 до 100 тони отпад дневно. Остатокот ќе се надополнува со реселкција на отпад од старата депонија. Се планира за 3-4 години да се исчисти и практично да не постои старата депонија. По завршување на оваа инвестиција, треба да отпочне и изградбата на компостарата за биоразградлив отпад од што ќе се произведува арско ѓубре.  

На 6 декември 2013 година, Ристески, веќе 8 месеци во новиот мандат, одржува прес-конференција заедно со Златко Ристески, директорот на Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ – Прилеп, известуваат дека е пристигната линијата за секундарна преработка на отпадот, вредна 14 милиони денари.

Линијата е сместена на терминалот. Ги помина царинските формалности. Во текот на 2014 година комплетно ќе ги завршиме изградбата на халата и монтажата на линијата кај сегашната депонија кај селото Алинци.  Треба во септември да почне да работи. Ќе обезбеди сиот отпад, 90 тони дневно, да се селектира на таа линија, вели Златко Ристески директор на ЈКП „Комуналец“. 

Информација дека е опремата испорачана се појавува на општинскиот веб-сајт на 11 декември 2013 година, од која дознаваме дека сѐ уште не е добиена градежна дозвола за халата.

Но завршува и 2014 година, започнува 2015, а нема ни трага ни глас од фабриката за селекција на отпадот.

Во јануари 2015 година гледаме дека фабриката сѐ уште не е почната, а опремата стои на терминалот.

Пребарувањето на веб-сајтот на општина Прилеп и на ЈКП „Комуналец“ не доведе до информации дека е почната изградбата на халата и дека е почнато монтирањето на линијата за селекција на отпадот. Во информација на сајтот на општината од 4 јуни 2015 година дознаваме дека отпадот се селектира, но тоа го прават работници рачно.

Во моментот со мануелна обработка на месечно ниво , Комуналец селектира над 130 тони рециклирачки материјали од кои се продаваат околу 100-тина тони, а останатите материјали се складираат и се работи на изнајдување на пласман. 

Во Прилеп, инаку, подолго време се спроведува примарна селекција на отпад, односно селектирање на отпадот во домаќинствата, во различни канти.

Упорното пребарување со повеќе клучни зборови и на пребарувачот на Гугл и на веб-сајтот на општина Прилеп не нѐ доведе до информации дека работите се поместени од мртва точка и во оваа година.

Во интервју на градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, од 23 април годинава гледаме само бегло потсетување на ветувањето – дека „се гради хала“. Но на веб-сајтот на општина Прилеп и на веб-сајтот на ЈКП „Комуналец“ нема информација за изведба на халата, ниту дека се инсталира фабричката опрема.  Од фабриката за био-гас, исто така, нема ниту трага, ниту глас.

Со оглед на фактот дека дел од ветувањето е реализирано, односно набавена е опремата која е договорена уште во претходниот мандат на Марјан Ристески, но фабриката не функционира, туку се врши само рачна селекција на отпадот, што го гледаме и во прилогот на телевизијата „Нова“ од мај годинава, како и од веста на „10без10“, исто така од мај годинава, сметаме дека ветувањето на градоначалникот на Прилеп за фабрика за отпад е делумно исполнето.

 

ИЗВОРИ

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција