Вакцината против сипаници не е обид за убиство

Фото: Alexandra_Koch Pixabay

Пред да има вакцина против сипаници, смртноста била огромна, а лек немало наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме. Токму програмите за имунизација се оние што ги имаат искоренето сипаниците и тоа го тврди Светската Здравствена организација. Не е точно ни изнесеното во објавата дека вакцинацијата претставува злоупотреба на децата, бидејќи децата имаат право на здравје и заштита на нивното индивидуално и колективно здравје. Вакцинацијата се спроведува во тоа име

Пред да има вакцина против сипаници, смртноста била огромна, а лек немало наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме. Токму програмите за имунизација се оние што ги имаат искоренето сипаниците и тоа го тврди Светската Здравствена организација. Не е точно ни изнесеното во објавата дека вакцинацијата претставува злоупотреба на децата, бидејќи децата имаат право на здравје и заштита на нивното индивидуално и колективно здравје. Вакцинацијата се спроведува во тоа име

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

ВАКЦИНА ЗА МАЛИ СИПАНИЦИ ОБИД ЗА УБИСТВО
 Историски преглед за детските вакцини и вековна борба за спас на децата, жртвувани од овој сатанистички проект. А тек денес и каква иднина ги чека нашите најмили????????? 
Еризипела, мали сипаници, сифилис, туберкулоза, итн, така што нема сомнение дека вакцинацијата против сипаници е обид за убиство, како што рече Шо во 1911 година. и Бигс статистиката од Лестер е проклетство, што ја докажува изјавата од Националната антивакцинална лига дека (1877) „дека 25.000 бебиња годишно се жртвуваат од болести предизвикани од вакцинацијата“. Додека само 10% од светот биле вакцинирани, што само по себе е проклетство. Сепак, вака не спасија од сипаници, не само што е лага, доволно лошо, туку е и многу полошо од тоа, вакцинацијата против сипаници намерно УБИ МИЛИОНИ ДЕЦА.
Видете ги банерите за вакцини: ВАКЦИНАЦИЈАТА Е ЗЛОУПОТРЕБА НА ДЕЦАТА
Потоа на англиски јазик се вели дека во 17 век знаеле како да ги излекуваат сипаниците, дека лошата хигиена и пренаселените градови се причинители на сипаниците, дека стапката на смртност била 2 проценти и немало потреба од вакцинација.

Линкот кој е презентиран во склоп на објавата се однесува на сипаниците предизвикани од вирусот со латинско име variola.

Наспроти изнесеното Светската здравствена организација информира дека овие сипаници се единствената искоренета болест и тоа благодарение на вакцинацијата.

Клучните компоненти на напорите за искоренување на сипаниците ширум светот, вклучуваат универзални програми за имунизација на децата во некои земји, масовна вакцинација во други и насочени стратегии за надзор на крајот, пишува на сајтот на СЗО.

Центарот за контрола и превенција на болести во САД информира дека пред сипаниците да бидат искоренети, претставувале сериозна инфективна болест предизвикана од вирусот вариола. Биле заразни, што значи дека се пренесувале од човек на човек. Луѓето што биле заразени имале треска и разликувачко, прогресивно исфрлање на телото.

Заболените со сипаници се опоравувале, но 3 од 10 лица со болеста умирале. Многу од преживеаните имале трајни лузни на големи површини од телото, особено на лицето. Некои ослепеле. Благодарение на успехот на вакцинацијата, сипаниците се искоренети и нема природно настанување на болеста од 1977 година. Последната природна епидемија на сипаници во САД се случи во 1949 година, пишува на страницата на Центарот за контрола и превенција на болести во САД.

Во текот на илјадници години сипаниците убивале стотици милиони луѓе. Богатите, сиромашните, младите, старите. Тоа беше болест која не дискриминираше, убивајќи најмалку 1 од 3 заразени лица, повеќето во најтешката форма на болеста.

Симптомите на сипаници беа ужасни: висока температура, повраќање и рани во устата, проследени со лезии исполнети со течност на целото тело. Смртта доаѓала ненадејно, често во рок од 2 недели, а преживеаните би можеле да бидат оставени со трајни штети, како што се слепило и неплодност. во најтешките форми на болеста, пишува на сајтот на Светската здравствена организација.

Затоа не е вистина дека знаеле како да ги лекуваат сипаниците пред да се појави вакцината. Доколку тоа било случај, оваа стапка на смртност не би се случила туку луѓето би преживувале. Вариолата била многу заразна без познат лек и тоа го потврдува Светската здравствена организаиција.

Болеста почнала уште во 1350 година п.н.е., а случаи биле пронајдени во проучувањето на египетските мумии. Древната практика на вариолација била широко користена во Азија и некои делови на Африка. Тоа значело дека на здрави луѓе им се пренесувало мало количество материјал од рани од сипаници, што резултирало со полесни форми на болеста и помала смртност отколку природните инфекции. Некои извори сугерираат дека практиките на вариолација се случувале уште во 200 година п.н.е. Пишаните извештаи од средината на 1500-тите опишуваат форма на варијација што се користела во Кина, позната како инсуфлација, каде красти од сипаници се сушеле, мелеле и дувале во ноздрата со помош на цевка. Во Индија, слични практики биле спроведени преку инокулација, користејќи ланцета или игла за пренос на материјал од пустули на сипаници на кожата на здрави деца, објаснува СЗО.

Вариолацијата (во форма на инокулација) била воведена во Европа од Лејди Мери Вортли Монтагу пред 300 години во 1721 година, откако таа ја набљудувала практиката во Отоманската империја, каде што нејзиниот сопруг бил стациониран како амбасадор во Турција.

Приближно во исто време, техниката го привлече вниманието на јавноста во американските колонии. Поробените Западноафриканци долго време ја практикувале оваа техника.  Дури во мај 1796 година беше презентирана првата вакцина во светот, користејќи го истиот принцип како вариолација, но со помалку опасен вирусен извор, кравји сипаници. Откако слушнал за локалните верувања и практики во руралните заедници дека кравјите сипаници штитат од сипаници, д-р Едвард Џенер го инокулирал 8-годишниот Џејмс Фипс со материја од рана од кравји сипаници. Фипс не се чувствувал добро некое време ама потоа целосно закрепнал, станувајќи првиот човек вакциниран против сипаници.

Дури и тогаш имало нелогични верувања дека оваа вакцинација ќе ги претвори луѓето во крави. До 1801 година со скапо тестирање, беше покажана ефективната заштита против сипаници.

Вакцината наскоро се користеше и на други континенти, од рака во рака, додека не се воспоставија вакцинални програми. Задолжителна вакцинација против сипаници, според СЗО е воведена во Британија и делови од САД во 1840 и 1850, како и во други делови од светот, а имало и сертификати дека некој е вакциниран, неопходни ако сака да патува.

Иако одредени европски региони ја искоренија болеста до 1900 година, во некои региони 2 милиони луѓе умирале секоја година од оваа болест. Потребни биле уште 50 години да се постигне глобална солидарност во борбата против болеста. Вакцинацијата доведе до елиминација на сипаниците во Западна Европа, Северна Америка и Јапонија. Во отсуство на голема координирана меѓународна програма, болеста опстојуваше во други области, пишува СЗО.

Како што Светската здравствена организација ја започна Програмата за искоренување на сипаници во 1959 година, земјите-членки на СЗО ја зајакнаа својата поддршка и соработка. Добар напредок беше постигнат во многу земји со поддршка на техничка помош и обезбедување вакцини координирани од СЗО. Напорите беа удвоени со започнувањето на Програмата за засилено искоренување на мали сипаници во 1967 година.

СЗО ја чува Архивата на Програмата за искоренување на мали сипаници во нејзиното седиште во Швајцарија. СЗО, исто така, одржува залихи на вакцини како резерва за итни случаи во Швајцарија и во неколку други земји. Никогаш не бил пронајден лек за мали сипаници пред искоренувањето, при што заразените се лекуваат само со чистење на рани и намалување на болката. Наместо тоа, по откривањето на вакцината на д-р Џенер, искоренувањето беше постигнато преку превенција, како што тој самиот предвиде. Зајакнат со напорите обединети ширум светот, концептот на Џенер преживеа да победи историско зло, пишува на сајтот на СЗО.

Вакцинацијата помага да се стават под контрола над 20 болести како туберкулоза, дифтерија, детска парализа, сипаници, заушки и многу други, кои без вакцините би биле смртоносни за многу луѓе ширум светот. Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека вакцинирањето спречува два до три милиони смртни случаи од болести во светот секоја година.

Вакцините кои се регистрирани во Македонија за заштита од овие болести, се истите што се користат во европските земји.

Секоја вакцина треба да се прими навремено, според календарот на имунизација за да се обезбеди најдобра заштита и имунитет. Пропуштена вакцина или одложена вакцина може да го изложи детето на висок ризик од опасни болести.

Не е точно ни изнесеното во објавата дека вакцинацијата претставува злоупотреба на децата, бидејќи децата имаат право на здравје и заштита на нивното индивидуално и колективно здравје. Вакцинацијата се спроведува во тоа име.

Вистиномер и претходно има дебанкирано објави кои изнесуваат дезинфнормации против вакцинацијата.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина. Пред да има вакцина против сипаници, смртноста била огромна, а лек немало наспроти изнесеното во објавата. Токму програмите за имунизација се оние што ги имаат искоренето сипаниците и тоа го тврди Светската Здравствена организација.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција