Видео покажува траги од кондензација од авиони, а не прскање со отрови и коронавирус

Фото: Принтскрин видео

Оваа објава на Фејсбук е уште една во низата теории на заговор за кемтрејлс, според кои вообичаените траги од кондензација што ги создаваат авионите во воздухот се „хемиски патеки“, составени од хемиски или биолошки агенси за „злобни цели“. Но, не постои никакво труење  и распрскување отрови од авиони, ниту пак, тие нè заразуваат со коронавирусот. Сосема е неверојатно намерно да се шири вирусот преку фрлање опасни раствори и тоа од огромна височина 5 или 10 илјади метри! 

Оваа објава на Фејсбук е уште една во низата теории на заговор за кемтрејлс, според кои вообичаените траги од кондензација што ги создаваат авионите во воздухот се „хемиски патеки“, составени од хемиски или биолошки агенси за „злобни цели“. Но, не постои никакво труење  и распрскување отрови од авиони, ниту пак, тие нè заразуваат со коронавирусот. Сосема е неверојатно намерно да се шири вирусот преку фрлање опасни раствори и тоа од огромна височина 5 или 10 илјади метри! 

 

 

Фејсбук објава на којашто е споделено видео за кое се тврди дека е снимано во Холандија, шири невистини дека белите патеки на небото од авионите значат дека тоа се „отрови од воздухот“, односно „корона“.

11.08.2022

Здраво дами и господа.

Ова е Холандија,а тоа се отрови од воздух.

Еве ви ја короната.

 

Тимот на „Вистиномер“ неколкупати досега пишуваше дека белите траги од авионите не значат дека  населението го прскаат со отрови, ниту пак, значат дека авионите прскаат со коронавирус.

Оваа теорија на заговор е позната како „кемтрејлс“ и е стара повеќе од две децении. Оваа невистинита и заснована на дезинформации теорија, го преставува верувањето дека вообичаените траги од кондензација што ги создаваат авионите во воздухот се „хемиски патеки“, составени од хемиски или биолошки агенси за „злобни цели“.

Оние кои веруваат во оваа теорија на заговор сметаат дека штом патеката од авионите е подолго време видлива мора да содржи некакви опасни дополнителни супстанции. Според ваквите верувања нормалната трага од авионот треба брзо да се распрсне, така што облаците кои не исчезнуваат веднаш мора да бидат полни со дополнителни, неоткриени супстанции, во случајов отрови.

Ваквите тврдења се категорично отфрлени од научната заедница. Нема никакви докази дека наводните хемиски патеки се нешто различно од нормалните, вообичаени траги од кондензација кои ги оставаат авионите кои летаат на голема височина под одредени атмосферски услови и се особено видливи на ведро и сончево небо како што беше во изминатите неколку денови.

Група од 77 научници објавија извештај откако ги прегледаа наводните докази за тоа дека некои авиони нè прскаат со хемиски супстанци.  Од тие 77 научници, 76 изјавија дека не нашле докази за „тајна атмосферска програма од големи размери“. Со други зборови, доказите укажуваат на тоа дека патеките се очекуваниот резултат на авионите што летаат во воздухот.

Белата патека што ја оставаат авионите во воздухот е патека која настанува од кондензација. Облаците во форма на линија се произведени од издувните гасови на моторот на авионот и настануваат поради промени во притисокот на воздухот, обично на авиони кои летаат на височина неколку километри над површината на Земјата. Патеките се составени од вода, во форма на кристали од мраз. Во зависност од температурата и влажноста на воздухот, тие можат да бидат видливи само неколку секунди или минути, или може да опстојуваат со часови и да се шират на неколку километри.

За тврдењата дека авиони не прскаат со отрови или со коронавирус, се разбира дека нема никаква научна поткрепа, арно ама тие се одличен материјал за на социјалните мрежи да се сеат и споделуваат заговорнички сценарија и со тоа да се крева паника кај народот и да му се предизвика страв.

За време на овие две и пол години колку што трае ковид пандемијата, оваа теорија на заговор со наводно прскање отрови од небото преку авиони, беше злоупотребувана и за да се дезинформираат граѓаните дека ковид не е вирус, туку дека е последица на тие отрови. Коронавирусот постои и е реален, а тоа го потврдуваат секојдневните бројки на заболени луѓе и починати од вирусот, но не е поврзан со никакво запрашување од авиони како што се сугерира во постот што го рецензираме.

Освен тоа, сосема е неверојатно намерно да се шири вирусот преку фрлање опасни раствори од огромна височина 5 или 10 илјади метри! На сите нам ни се познати препораките за заштита од вирусот кои велат да се практикува социјално дистанцирање од најмалку 2 метра, со оглед на тоа што вирусот се пренесува  преку респираторни капки. А, тука се пласира зговорничко сценарио  дека  луѓето се „прскаат“ од авиони со вирус фрлен од 5 или 10 илјади метри!

И во постот што го рецензираме, и во сите постови кои ја шират оваа дезинформација, не се даваат никакви аргументи и докази за наводното прскање со авиони, освен тоа што самите авиони прелетуваат на небото и зад себе оставаат трага од кондензација која е погрешно интерпретирана како да е некаква отровна линија.

Од сето ова можеме да заклучиме дека постот кој го анализираме е уште еден во низата теории на заговор за кемтрејлс. Не постои никакво труење  и распрскување отрови од авиони, ниту пак, тие нè заразуваат со коронавирусот.  Трагите на небото не се никаков доказ за тоа, туку тие се траги кои ги оставаат авионите поради кондензацијата во воздухот. Оттука, постот го оценуваме како невистинит.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција