Видео со висок контраст лажно го прикажува Макрон со „силиконска маска на лицето“

Фото: Принтскрин видео

Во постот е споделено кратко видео во кое  Емануел Макрон, Џо Бајден, Ангела Меркел и Хилари Клинтон се прикажани на снимки со висок контраст, кои прават оптичка илузија. Па во духот на теоријата на заговор Кју Анон, според која овие политичари не се вистински туку се „заменувани од двојници“, неточно се тврди дека францускиот претседател носи маска на лицето. Но, наспроти ваквото тврдење, на видеоматеријали кои се со висок квалитет и добра резолуција, а кои се споделуваат од различни официјални настани, церемонии, дипломатски средби, прес-конференции на кои се појавува Макрон, не се гледа никаква „маска“

Во постот е споделено кратко видео во кое  Емануел Макрон, Џо Бајден, Ангела Меркел и Хилари Клинтон се прикажани на снимки со висок контраст, кои прават оптичка илузија. Па во духот на теоријата на заговор Кју Анон, според која овие политичари не се вистински туку се „заменувани од двојници“, неточно се тврди дека францускиот претседател носи маска на лицето. Но, наспроти ваквото тврдење, на видеоматеријали кои се со висок квалитет и добра резолуција, а кои се споделуваат од различни официјални настани, церемонии, дипломатски средби, прес-конференции на кои се појавува Макрон, не се гледа никаква „маска“

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се споделува видеоматеријал од неколкумина странски политичачи и се вели:

Забележете ја силиконската маска на Макрон.

На видеоматеријалот се прикажани исечоци со Емануел Макрон, Џо Бајден, Ангела Меркел и Хилари Клинтон. Сите исечоци од видеоматеријалите се со висок контраст, па приврзаниците на теоријата на заговор Кју Анон ја користат таквата околност за уште еднаш да пласираат недокажани, но многупати повторувани тврдења – дека овие политичари не се вистински и дека се „заменувани од двојници“ односно „актери“.

И покрај тоа што станува збор за  тотална измислица, приврзаниците на Кју Анон теоријата на заговор, со години го пропагираат овој наратив кој вклучува бесмислени ламентирања дека политичарите од западниот свет, не постојат туку зад нив се „кријат“ глумци кои мора да носат силиконски маски на лицата кога се појавуваат на јавни настапи. Овие наративи својствени за Кју Анон, се дополнуваат и со приказни дека политичарите се „клонови“, а „вистинските одамна се погубени во Гвантанамо“.

Ваквите измислици имаат свои поддржувачи и пропагатори на социјалните мрежи, кои споделуваат тврдења кои не се втемелени во реалноста и во фактите, туку се производ на бујна фантазија испреплетена со заговорнички приказни на Кју движењето, за наводна контрола и доминација на светот од страна на „длабоката држава“.

Наспроти изнесеното во постот што го рецензираме дека Емануел Макрон носи маска на лицето (како и другите политичари кои ги има во видео материјалот, но не се споменати во текстуалниот дел од постот), вистината е дека Макрон постојано има јавни настапи, вклучен е во менаџирањето на внатрешната политика, остварува посети во странство и неможно е сите тие комплицирани процеси да ги спроведува негов двојник. Макрон е постојано во медиумите, се појавува на различни официјални настани, церемонии, дипломатски средби, прес-конференции, каде се споделуваат и видеоматеријали кои се со висок квалитет добра резолуција и на нив не се гледа никаква „маска“ .

Дијапазонот на лажни тврдења и неверојатни измислици кои ја следат Кју Анон теоријата на заговор е широк и многу често го вклучуваат претседателот на САД, Бајден, како што се прави и во видеото од постот. И порано за него се тврдеше дека „рацете му изгледале многу млади“ и „тоа докажува дека има двојник, клон односно некој друг ја извршува функцијата претседател на САД“, а ваквите измислици  Вистиномер веќе ги има дебанкирано.

Луѓето што ги шират овие бесмислени тврдења, веруваат дека особено моќната научнофантастична технологија е способна речиси за сè, дури и да создаде клонови односно дупликати од разни политички фигури. Ова е особено згодно за теоретичарите на заговори меѓу кои и на поддржувачите на Кју Анон теоријата на заговор, зашто им дозволува да тврдат дека луѓе како Хилари Клинтон и Џо Бајден всушност биле уапсени или убиени и едноставно да тврдат дека лицето што се појавува во јавноста е клон или двојник.

„Би Би Си“ пишува дека илјадници луѓе веруваат во оваа теорија на заговор и своите тврдења ги пласираат на социјалните мрежи уште од 2017 година, како и дека бројот на следбеници се зголемил за време на пандемијата со коронавирусот. Според „Би Би Си“, стотици илјади ако не и милиони луѓе веруваат во барем еден дел од бизарните теории на Кју Анон.

Како што и претходно пишувавме, Хилари Клинтон, Барак Обама, Џо Бајден, се сатанизирани од страна на Кју Анон теоретичарите на заговори, со различни невистинити и недокажани тврдења, како тоа дека  „злоупотребуваат деца и ги убиваат за од нив да извлечат супстанца адренохром“ која за конспираторите е „еликсир на младоста“.

Но, сето ова е лага, исто како и тврдењето во постот дека овие политичари носат силиконски маски на лицата, а дека позади тие маски стои некој различен идентитет. Станува збор за видео во кое политичарите се прикажани на видеоснимки со висок контраст, кои прават оптичка илузија.

Поради сите горенаведени факти, постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција