Видеото не ги прикажува њујорчани како ја продаваат својата облека, туку илегален пазар на мигранти
Објавата неточно тврди дека жителите на Њујорк ги продаваат своите лични работи за леб. На видеото е прикажан илегален пазар на мигранти кои немаат дозволи за работа, па препродаваат производи од донации или украдени од продавници. Авторот на видеото е жител на населбата, снимката ја направил шетајќи по улиците, а во изјава за Фокс Њуз, вели: „Како и повеќето мои истомисленици жители, ова го гледаме како пазар од третиот свет“
Објавата неточно тврди дека жителите на Њујорк ги продаваат своите лични работи за леб. На видеото е прикажан илегален пазар на мигранти кои немаат дозволи за работа, па препродаваат производи од донации или украдени од продавници. Авторот на видеото е жител на населбата, снимката ја направил шетајќи по улиците, а во изјава за Фокс Њуз, вели: „Како и повеќето мои истомисленици жители, ова го гледаме како пазар од третиот свет“
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук, во која се тврди дека жителите на Њујорк ги продаваат своите алишта за корка леб. Ова е невистина, видеото споделено во рамките на објавата прикажува илегален пазар на мигранти во квартот Квинс во Њујорк.
Во објавата пишува:
Ова Nyk или Њујорк во Сад
Вакво нешто не се паметело,граѓаните да ги продаваат,своите алишта,на улица,за корка леб.
Споделено е и видео на кое се гледа расфрлана облека, обувки, играчки и други производи, кои се продаваат на самиот асфалт долж улицата.
Видеото го направил жител на квартот Квинс, Рамзес Фриас, а го објави Фокс Њуз. На него се прикажани две улици во населбите Корона, Џексон Хајтс и Елмхерст.
Видеото не ги прикажува жителите на Њујорк како ги продаваат своите лични работи за корка леб, како што се тврди во објавата. Станува збор за илегален пазар на мигранти, кои немаат дозволи за работа па препродаваат производи од донации или украдени од продавници.
Авторот на видеото Фриас, снимката ја направил шетајќи по улиците, а во изјава за Фокс Њуз, тој вели: „Како и повеќето мои истомисленици жители, ова го гледаме како пазар од третиот свет“.
Во суштина, само гледате облека фрлена на подот, предметите се украдени од контејнери за донации или од продавници, а тие едноставно поставуваат нелегални продавници на улица. Прават штета на бизнис заедницата, не плаќаат даноци, а нема реперкусии, вели Фриас за Фокс Њуз.
Споделувајќи го видеото, Фриас додава:
Ова е постојан проблем за оваа заедница и беззаконието мора веднаш да престане. Поединци не можат да стигнат ни до кој било влез без да поминат низ лавиринтот од продавачи и проститутки.
Во јануари годинава, полициската управа на Њујорк изврши рација во шест објекти за кои имало сомнеж дека се занимавале со проституција, нив им биле издадени налози за затворање, пренесе Фокс Њуз.
Официјалните лица за Фокс Њуз изјавиле дека „се работи на безбедни решенија за проблемите со квалитетот на животот во квартот“.
Истото видео со илегалниот пазар на мигрантите го пренесе и Дејли Мејл.
Квартот Квинс долго време се смета за главно прибежиште на мигрантите, но дел од мигрантската популација е илегално во САД и немаат дозволи за работа, што ги остава без друг избор освен да излезат на улица за да врзат крај со крај, велат жителите за Фокс Њуз. Ваквите нелегалните пазари имаат штетно влијание врз малите бизниси, кои се обидуваат да се натпреваруваат со ултра ниските улични цени.
Имајќи го предвид сето оваа објава ја оценуваме како недостиг на контекст. Таа е манипулативна и имплицира како во Њујорк да владее голема сиромаштија, па тамошните жители се приморани да ја продаваат својата облека за да се прехранат („за корка леб“). Ова е манипулација. Информациите за овој нелегален пазар говорат дека таму облека и други предмети продаваат во најголем број лица кои на нелегален начин влегле во САД и кои заради тоа немаат соодветни документи и имаат потешкотии да најдат работа.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар