Видеото од дочекот на Путин во ОАЕ е објавено во повеќе светски медиуми

Фото: Принтскрин видео

Видеото од дочекот на рускиот претседател Владимир Путин во Обединетите Арапски Емирати било пренесено во повеќе светски медиуми, како Телеграф, Скај њуз, Франс 24, Си-ен-ен, што значи дека истото не било забрането за емитување, како што се тврди во објавата што ја анализираме

Видеото од дочекот на рускиот претседател Владимир Путин во Обединетите Арапски Емирати било пренесено во повеќе светски медиуми, како Телеграф, Скај њуз, Франс 24, Си-ен-ен, што значи дека истото не било забрането за емитување, како што се тврди во објавата што ја анализираме

 

 

Анализираме објава на Фејсбук која споделува видео од пречекот на рускиот претседател, Владимир Путин во Абу Даби, тврдејќи дека видеото не смеело да се прикажува во западните демократски земји.

Ова видео не смее да се емитува во западните најдемократски држави за да не го споредуваат дочекот на Путин со дочеците на западните претседатели. Епа сега ајде да видиме дали с*рковциве ќе го тргнат заради авторски права, стои во објавата.

Ова не е точно. Вистиномер ги разгледа дел од објавите на западните медиуми кои известиле за посетата на Путин на Обединетите Арапски Емирати и очигледно е дека видеото било пренесено.

Рускиот претседател, кој е главно изолиран по војната во Украина, беше пречекан со помпа. Тој е баран за киднапирање на деца во Украина од Меѓународниот кривичен суд, чиј потписник не е OAE, пишува британски Телеграф за посетата на Путин на ОАЕ.

Од двете страни на патеката што води до палатата беше поставена почесна стража. Половина од вооружените луѓе облечени во традиционалните наметки беа на арапски коњи, а другата половина на камили, сите носеа или руско или знаме на ОАЕ, пишува Телеграф.

Кога Путин влегуваше во комплексот на палатата, седум борбени авиони прелетаа, а зад нив се појавија белата, сината и црвената боја на руското знаме. Трите бои висеа над хоризонтот на Абу Даби, додека со рафални истрели се најавуваше доаѓањето на Путин, пишува Телеграф кој го пренесува и видеото од дочекот на Путин.

Видеото може да се види и на Јутјуб каналот на Телеграф.

За посетата на Путин на ОАЕ и неговиот дочек извести и британскиот телевизиски канал Скај њуз кој исто како и Телеграф го пренесе видеото на кое се гледаат борбените авиони кои испуштале бои како оние од руското знаме.

Видеото може да се најде и на Јутјуб каналот на Франс 24.

Рускиот претседател Владимир Путин во средата слета во Обединетите Арапски Емирати во ретка посета надвор од поранешниот Советски Сојуз, додека Москва се обидува повторно да се наметне на глобалната сцена. Изолиран од Западот поради војната во Украина, Путин им се додворува на сојузниците на Блискиот Исток, каде што ќе разговара за нафтата, трговијата и конфликтот Израел-Хамас, пишува во описот на видеото.

Видеото го пренесе и Си-ен-ен.

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека односите со Обединетите Арапски Емирати се на највисоко ниво, за време на неговата прва посета на Блискиот Исток по целосната инвазија на Украина пред речиси две години, стои во неговиот опис на Јутјуб.

Од сето ова можееме да заклучиме дека видеото од дочекот на Путин во ОАЕ било пренесено во повеќе светски медиуми, како Телеграф, Скај њуз, Франс 24, Си-ен-ен, што значи дека истото не било забрането за емитување, како што се тврди во објавата што ја анализираме. Поради тоа, истата ја оценуваме како неточна.

 



 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција