Вирусот на лагата во помош на недемократските влади

Фото: „Благодариме, брате си!“, Белград, 2020. Твитер.

Ниту Кина не е толку успешна во битката со корона вирусот, но тоа го призна под притисок на светката јавност. Русија долго тврдеше дека има минимален број заболени сè до почетокот на април, кога воведе екстремни вонредни мерки и влезе во кругот на 10-те ржави со најголем број на заболени

 

Пишува: Љубомир КОСТОВСКИ

 

Демократијата е најлош облик на владеење, освен сите други,“ како што своевремено изјави Винстон Черчил.  Гледано од тој аспект, можеби земјите со демократска структура имаа проблеми да започнат некои поголеми акции и промени, особено во сопственото организирање за дејствување во вонредни услови, бидејќи, секогаш постои оној политички инстинкт на внимание за евентуално загрозување на слободите на граѓаните. Во тој контекст треба да се гледа и на можноста некои земји да покажуваат „егоизам“ кога се работи за вклучување на механизмите за одбрана од агресија, во случајот на одбрана од невидлив непријател како што е Ковид-19, потоа и во покажување солидарност кон другите земји, но оценките за тоа што сторила или оценила една земја треба да се дадат во одреден подолг временски период и врз основа на хармонијата на нејзините постапки со она што значи демократска процедура.

Оттаму, во вакви ситуации, многу им е полесно на оние земји каде работите се решаваат со климнување со главата на лидерот (како и да се нарекува таа функција) или со покажување со рака на правецот каде треба да се движат работите во земјата и како тие да се прикажуваат внатре и надвор. Кризите како оваа со вирусот го создаваат стравот, а стравот бара „цврста рака“. Тоа се покажало многупати. Има земји кои не треба да ја измислуваат „цвстата рака“.

 

МОСКВА ГО БРАНИ ПЕКИНГ

Повод за ова размислување е објавениот текст во српскиот „Спутник“, испостава на поширока глобална пропагандна мрежа на Кремљ со под наслов „Русија: Америка пропагира ѕверски егоизам во време на пандемија“.

Поводот за овој текст без потпис, кој по својата форма наликува на редакциски коментар, се однесува на најавата на Вашингтон дека ќе ја тужи Кина заради корона вирусот, а изразот „ѕверски егоизам“ е користен од претседателот на Комитетот за меѓународни односи на руската Дума (Парламентот) – Леонид Слуцки.

САД продолжуваат да пропагираат ѕверски егоизам во време на пандемија на вирусот корона. Штом кривата на заболувањето се стабилизираше, тие започнаа да говорат за можна одговорност или дури и за казнување на Кина за избивање на Ковид-19.

Факт е дека многу земји, а не само САД говорат во таа насока (на пример и Австралија, па Јапонија и други), ама, конечно, се работи за болест која „го сврте светот наопаку“. Најголем дел од земјите се изложени и на огромни човечки жртви, на исцрпување на многу сектори, ама и на деструкција на стопанството и влегување во тешки кредитни облигации за да ги спасат јавните финансии и егзистенцијата на граѓаните! Да споменеме дека во САД досега од корона вирусот умреле повеќе од 50.000 луѓе. Тоа е многу повеќе од бројот на загинатите во корејската војна (35 илјади војници), а во виетнамската војна загинаа 58 илјади припадници на воените сили на САД. Многу е веројатно дека, како што покажува смртоносната спирала на ковид-19,  оваа бројка ќе биде надмината, тврди CNN. Една земја со толку многу жртви не може да остане рамнодушна кон фактот дека е турната во огромна несреќа и има право да се сомнева во тоа како и зошто настанала епидемијата, особено ако има озборувања дека болеста можеби настанала во некаква лабораторија. Судирот меѓу САД и СЗО настана во мигот кога втората страна во овој судир одмавна со раката (не треба да се спорат и аргументите на оваа организација, која настојува да остане актуелна концентрацијата на експертиза во битката со заразата) иако сме сведоци дека Кина, на пример, што е многу важно за димензијата на кризата од правен аспект,   одбива да прими меѓународна експертска група за увид. Инаку, ова е точката на спорот меѓу Белата куќа и Пекинг, која лежи и во основата на коментарот на „Спутњик“ од другата страна.

 

КАКО КОРЕЈСКАТА И ВИЕТНАМСКАТА ВОЈНА ЗАЕДНО

Сигурно дека прашањето за изворот на заразата секако ниту малку не е наивна работа, бидејќи, за најголем дел од светот ситуацијата е влез во долгорочна и непредвидлива економска деструкција! На претходниот американски претседател, Барак Обама, му беа потребни речиси два мандата да ја симне невработеноста во земјата за 9 отсто и да ја направи поднослива, а сега за неколку недели економијата во најмоќната земја е симната со бројот на вработените за исто толкав процент?!

Според проценките на „Блумберг“, „економската криза би можела да предизвика рецесии во САД, еврозоната и Јапонија, најбавен раст досега во Кина, и вкупно околу 2.700 милијарди долари загуба за светскиот бруто домашен производ .. Ова е најцрното можно сценарио, од четирите што ги разви тимот на Bloomberg Economics, втемелени на искуствата во Кина, симулации во другите земји, процените на ризик за глобалните синџири на снабдување и симулација на моделот на светската економија.

Но, со толку многу непознати во равенката на епидемијата, како и реакциите на владите и бизнисите, овие прогнози не може да ги сметаме за крајно прецизни. Тие само се обидуваат да понудат начин на трасирање на потенцијалните ефекти во земјите и индустриите, како и да ја предвидат магнитудата на потресот.

 

СЕ ИЗВЕЗУВА ЛИ ИДЕОЛОГИЈА ИЛИ СЕ ДАВА ПОМОШ?

Ако се погледне присуството на пандемијата во светот како судир на глобално ниво на велесилите, факт е дека Кина покажува „врвно лицемерие“ кога се обиде, заедно со Русија да тргне во извоз на сопствената идеологија во форма на помош. Кина тоа го прави, пред сè, преку нудење помош од страна на своите медицински струњаци, кои, иако покрај искуството со вирусот, покажаа минимален респект кон превентивата во својата земја на епидемиолошко ниво, бидејќи токму од Кина претходно тргнаа и неколку други пандемии, што, за среќа имаа покус век.

Факт е, на пример, дека Кина, со исклучок на помошта во медицински кадри – советници во Италија, многу селективно ја применува помошта од друг вид, ама затоа ја удира на сите ѕвона. Реално, на Балканот таа стигна онаму каде постои веќе силна политичка блискост, што не смее да биде основ за солидарноста. Србија е таа која доби најголема помош од Пекинг  во форма на два полни авиони од ветени десет пратки преку воздухоплов. Белград е излепен со плакати со кои се велича претседателот Си Џингпинг. Ова го натера шефот на европската дипломатија, Жосеп Борел, да побара подеднаков третман на билбордите во Белград.

 

БИЛБОРДИТЕ ВО БЕЛГРАД

Овој европски функционер изјави дека постои „борба на наративи“ на Западен Балкан и дека, на пример, билборди може да се видат на улиците на Белград, со благодарност само за Кина од Србија за борбата со корона вирусот. „Чудно е што никогаш не сум видел билборд со благодарност за ЕУ за помошта. А, ние им пруживме голема помош на Србија и на другите земји од Западен Балкан и пред и за време на кризата“, рече Борел. Тој нагласи дека европската помош и посветеност не биле доволно земени предвид, додека помошта на Кина се смета за многу поважна.

Уше е посилна пораката која Москва ја испрати со помошта на Балканот, а која пристина само во Белград и во Бања Лука.  Но, тоа е многу помалку важно во однос на лагата која и обете сили ја покажаа во месеците што се зад нас! Ова е вистината која не поврзува со дефиницијата за демеократијата на Черчил од почетокот на текстот.

 

ПОГОЛЕМ ПРИТИСОК НА МЕЃУНАРОДНАТА ЈАВНОСТ

Пекинг со задоцнение призна дека е криена вистинската цена која ја плати оваа земја во војната со Ковид-19. „Кинескиот град Вухан, каде што за прв пат се појави коронавирусот, го зголеми бројот на жртвите за 1.290, во услови на растечки меѓународни сомнежи за транспарентноста на Кина. Ажурираните бројки покажуваат дека бројот на починатите во Вухан е 3.869, односно две третини од потврдените случаи во Кина. Дополнителните смртни случаи биле „погрешно пријавени“ или целосно испуштени, соопштија градските власти“ – пишува Радио Слободна Европа.

Таа вистина, прашање е дали и конечна, ја урива респектибилноста на кинеската медицина кога своите методи ги наметнува како единствено релевантни, но и покажува дека многу е тешко да се верува во сликата која Пекинг ја гради во светот за себе и за своите идеолошки предности. Голем број проследувачи на настаните со коронавирусот едноставно ќе се запрашаат – кога Пекинг говори вистина, а кога не?

Русија долго го криеше бројот на своите заболени од корона вирусот. Потоа тврдеше дека тој број е минимален, како што изјави Путин на крајот на март, а го пренесе CNN. Но од први април целата земја е ставена вон погон (ништо не работи и не смее да работи), а Русија е меѓу првите десет земји по бројот на заразените. Каде ли се изгуби Луксембург?

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција