ВМРО-ДПМНЕ десет години ветува електронски здравствени картички, рецепти и упати
УКИНУВАЊЕ НА ЗДРАВСТВЕНИТЕ КНИШКИ И СИНИ КАРТОНИ
Во моментов осигурениците ги носат со себе здравствените книшки при секој преглед во здравствена установа, набавка на лек во аптека итн., односно при користење на здравствените услуги. Со целосното имплементирање на информатичките системи во здравството ќе се исфрлат од употреба здравствените книшки. По примерот на земјите во ЕУ, единствено што ќе треба секој осигуреник да носи со себе при секоја посета на здравствена установа и/или аптека е електронската здравствена картичка, со што ќе се олесни начинот на користење на здравствените услуги, подобра размена на податоци, итн. Носител: Министерство за здравство во соработка со ФЗОМ. (РОК: ЈАНУАРИ 2018 ГОДИНА)
УКИНУВАЊЕ НА ХАРТИЕН РЕЦЕПТ И ХАРТИЕН УПАТ
До сега обрасците за рецепт и упат се издаваа од страна на здравствената установа во хартиена форма. По примерот на многу земји во ЕУ, ќе ги укинеме хартиените обрасци за упат и рецепт и воведување на електронски рецепт односно упат. За воведување на е-рецепт/е-упат потребно е спроведување на електронскиот потпис кој е овозможен со електронската здравствена картичка. Ефектите од Проектот би биле намалување на трошоците за печатење на овие обрасци и административно растоварување на здравствените работници, побрза и поефикасна услуга за пациентите. Носител: Министерство за здравство во соработка со ФЗОМ. (РОК: 2018 ГОДИНА)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ
ВМРО-ДПМНЕ во својата изборна програма со која ја бара довербата на гласачите за предвремените парламентарни избори на 11 декември 2016 година, на стр. 424 вклучи и две ветувања кои во последните 10 години се давани на сите парламентарни избори, почнувајќи од 2006 година кога партијата дојде на власт. Ветувањето за укинување на здравствените книшки и сините картони и за укинување на хартиениот упат и хартиениот рецепт, со кои требаше да се олесни работата на лекарите и на фармацевтите и ќе им заштедуваше време и ним и на пациентите, но ќе донесеше и материјални заштеди, е делумно реализирано.
Првпат ВМРО-ДПМНЕ дава ветување за интегриран медицински информатички систем и воведување електронска здравствена картичка во својата програма за парламентарните избори во 2006 година. Ветувањето е наведено во заглавјето „Е-проекти“ (стр. 84), а рокот за исполнување е за следната, 2007 година.
Реализација на интегриран медицински информатички систем и воведување електронска здравствена картичка (Рок: 2007)
Подолу ветувањето малку поoпширно е опишано на стр. 85 – („Електронско здравство“).
Владата на ВМРО-ДПМНЕ, со цел да го зголеми квалитетот на услугите во здравството до крајот на својот мандат, ќе воведе единствен медицински картон или нова здравствена легитимација во форма на чип-картичка (електронска здравствена картичка) со можност за архивирање голем број податоци на секој пациент…
Ветувањето за електронски здравствени картички го има и во програмата на ВМРО-ДПМНЕ за предвремените парламентарни избори во 2008 година, во делот „Примарно здравство, на стр. 167, при што овојпат како рок за реализација се наведува 2010 година.
Воведувањето на електронската картичка и комплетна компјутеризација на здравствените установи значително ќе ја намали администрацијата и ќе овозможи подобрување на ефикасноста и достапот до информации за осигурениците и лекарите (Рок: 2010)
Во делот „Лекови“ на стр. 169, пак, го среќаваме ветувањето за електронски рецепт, по примерот на Израел, а како рок се наведува септември 2008 година.
Ќе овозможиме достапност на лековите преку автоматска реализација на секој препишан рецепт од матичен лекар во сите аптеки со воведување нов систем на издавање лекови и рецепти сличен на системот во израел (Рок: септември 2008)
Ветувањата за електронска здравствена картичка и електронски рецепт ги има и во програмата со која партијата го бараше гласот на граѓаните на предвремените парламентарни избори во 2011 година, но наведени во една ставка, на стр. 234.
ИНТЕГРИРАН ЗДРАВСТВЕН ИНФОРМАТИЧКИ СИСТЕМ И ЕЛЕКТРОНСКА ЗДРАВСТВЕНА КАРТИЧКА
Ќе го финализираме проектот на целосна компјутеризација на здравствениот систем кој се реализира во неколку фази со крајна цел замена на здравствените книшки и сините картони со нови електронски картички и воведувањето на електронско медицинско досие за секој граѓанин, воведување на централизиран веб-портал кој ќе ги содржи сите неопходни информации за субјектите вклучени во здравствениот систем и ќе биде во насока на побрзо и поквалитетно информирање на граѓаните и обезбедување на соодветна медицинска помош. Овие два круцијални проекта за здравствениот систем се овозможуваат големи придобивки за осигурениците и здравствените чинители на системот:
– Увид на докторот во целокупната состојба и историја на пациентот. Поставените дијагнози ќе бидат поквалитетни, нема да има поставување на исти прашања од докторите, ќе има помалку револтирани пациенти, ќе овозможи повеќе време за лекување на пациентите, ќе се скрати времето на чекање за преглед;
– Укинување на хартиени верзии на здравствени картони и амбулантски дневници. Со ова ќе се овозможи повеќе време за аплицирање на терапија, внесување на податоците во електронска форма само еднаш (а не како до сега на неколку места во хартиена форма), намалување на трошоците на работење;
– Укинување на хартиена верзија на рецепт – со електронскиот рецепт целокупната терапија за пациентот ќе биде запишана во системот и на електронска картичка. На тој начин, пациентот во аптеката ќе ја даде само својата електронска картичка и ќе ја добие терапијата што ја препишал матичниот лекар. Ефектот ќе биде заштеда на време и елиминирање на несакани грешки;
– Со ова се овозможува навремена реакција од службите за итна помош за генералната состојба на пациентот, хронични заболувања, алергии за кои пациентот не е во состојба да одговори, не е свесен, односно со соодветна терапија СПАСУВАЊЕ НА ЧОВЕЧКИ ЖИВОТ.
Со електронската здравствена картичка ќе се заменат хартиената книшка и сините картончиња. Осигурениците и фирмите нема да имаат потреба да доаѓаат до подрачните служби на ФЗОМ. (Носител: Министерството за здравство и ФЗОМ. Рок: 2012 за електронска здравствена картичка, Рок: 2012-2020 за комплетно интегриран здравствен информатички систем)
Притоа рокот се поместува на 2012 за електронска здравствена картичка (да потсетиме, првиот кажан рок е 2007 година, значи пет години претходно) а комплетниот здравствен систем, сосема недоследно, се одредува до 2020 година, иако партијата на предвремените парламентарни избори во 2011 година се бореше за мандат до 2015 година.
Речиси истоветни како во најновата програма, за изборите на 11 декември година, се ветувањата дадени за предвремените парламентарни избори во 2014 година, на стр. 307 во рамките на делот „Здравствена заштита“, со кои ВМРО-ДПМНЕ ветуваше дека книшките и хартиените рецепти и упати ќе станат минато во 2015 година.
ПРОЕКТ: УКИНУВАЊЕ НА ХАРТИЕН РЕЦЕПТ И ХАРТИЕН УПАТ
До сега обрасците за рецепт и упат се издаваа од страна на здравствената установа во хартиена форма. По примерот на многу земји во ЕУ, со овој проект ќе ги укинеме хартиените обрасци за упат и рецепт и воведување на електронски рецепт односно упат. За воведување на е-рецепт / е-упат потребно е спроведување на електронскиот потпис кој е овозможен со електронската здравствена картичка. Ефектите од овој проект би биле намалување на трошоците за печатење на овие обрасци и административно растоварување на здравствените работници, побрза и поефикасна услуга за пациентите. (Носител: Министерство за здравство и ФЗОМ, РОК: ТРЕТ КВАРТАЛ НА 2015 ГОДИНА
ПРОЕКТ: УКИНУВАЊЕ НА ЗДРАВСТВЕНИТЕ КНИШКИ
Во моментов осигурениците ги носат со себе здравствените книшки при секој преглед во здравствена установа, набавка на лек во аптека итн., односно при користење на здравствените услуги. Со целосното имплементирање на информатичките системи во здравството ќе се исфрлат од употреба здравствените книшки. По примерот на земјите во ЕУ, единствено што ќе треба секој осигуреник да носи со себе при секоја посета на здравствена установа и/или аптека е електронската здравствена картичка, со што ќе се олесни начинот на користење на здравствените услуги, подобра размена на податоци, итн. (Носител: ФЗОМ, РОК: 2015 ГОДИНА)
„Вистиномер“ годинава веќе пишуваше за проблемите со хартиените рецепти и упати, како и за проблемите со здравствените книшки. Но, оттогаш ситуацијата со проблемите дополнително се развиваше, а и денес, како што се уверивме во неколку посети на аптеки и на три здравствени установи од различни рангови, пациентите сè уште носат здравствени книшки со рецепти и упати во аптеките и на специјалистички и субспецијалистички прегледи, иако функционира и здравствениот електронски систем, и се прави своевидно дуплирање.
Сепак, најдобриот доказ дека сите претходни ветувања давани од ВМРО-ДПМНЕ на секои парламентарни избори од 2006 година досега не се исполнети или се само делумно исполнети, се најновите ветувања за електронските картички, рецепти и упати во новата изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ, цитирани на почетокот на овој текст.
ИЗВОРИ
- Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ (2017 – 2020) „Реално“ (стр. 424) [Пристапено на 29.11.2016]
- Програма на ВМРО-ДПМНЕ (2006 – 2010) Преродба во 100 чекори (стр. 84, 85) [Пристапено на 29.11.2016]
- Програма на ВМРО-ДПМНЕ (2008 -2012) Преродба во 100 чекори надградена и проширена (стр. 167, 169) [Пристапено на 29.11.2016]
- Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ (2011 – 2014) Манифест за реформи и развој (стр. 234) [Пристапено на 29.11.2016]
- Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ Проверено (2014 – 2018) (стр.307) [Пристапено на 29.11.2016]
- (13.05.2016) Вистиномер – На пациентите сè уште им се издаваат хартиените упати и рецепти [Пристапено на 29.11.2016]
- (05.02.2016) Вистиномер – Здравствените книшки сè уште се потребни за дел од осигурениците [Пристапено на 29.11.2016]
- (22.11.2016) Нова ТВ – Нема веќе здравствени картички, фирмата стави клуч на врата [Пристапено на 29.11.2016]
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар