Во автобусот на „Беса Транс“ не се превезувала состојка за производство на хероин

Фото: скриншот од ФБ страницата на Беса Транс

Рецензираме пост на Фејсбук во кој се тврди дека во автобусот на „Беса Транс“ кој се запали во Бугарија и каде животот го загубија 45 патници, се превезувала стока која што е прекурсор, што е лажно тврдење

Рецензираме пост на Фејсбук во кој се тврди дека во автобусот на Беса Транс, кој се запали во Бугарија и каде животот го загубија 45 патници, се превезувала стока која што е прекурсор (состојка која се користи во производството на опојни дроги), што е лажно тврдење

 

„Беса транс“ пренесувала ацетен анхидрит, супстанца за производство на хероин, а не нафта, затоа имало експлозија и изгореа 45 луѓe, тврди авторот на постот кој има над 200 интеракции (допаѓања, споделувања и коментари).

Информацијата оригинално потекнува од бугарски медиум, меѓутоа во текстот од тој медиум има куп грешки, а изворот е анонимен. Во текстот има и теорија на заговор, дека дури и да се докаже дека „Беса Транс“ превезувале ацетен анхидрит, тоа немало да биде јавно обзнането, затоа што од таков меѓународен скандал не би имале корист ни Бугарија ни Северна Македонија.

Во текстот лажно се тврди дека сопственик на „Беса Транс“ е Аздрен Зибери, што не е точно. Сопственик на „Беса Транс“ е Беким Хаџиу.

Аздрен Зибери има фирма за превоз на патници, ама не е истата онаа која превезуваше патници на кобното патување за Истанбул. Автобусот што учествуваше во оваа сообраќајка е на компанијата „Беса транс – Скопје“ кој ја држи линијата за Истанбул, Турција.

„Беса транс“ од Тетово и јас Аздрен Зибери ја демантираме веста која беше објавена на неколку портали на социјалните мрежи дека ние сме учествувале во несреќата во која животот го загубија 46 граѓани во Бугарија. Фирмата сопственик на автобус кој имаше несреќа нема никаква врска со нас туку, е сосема друга фирма со седиште во Скопје. Нашата компанија „Беса транс“ Дооел – Тетово веќе 30 години држи редовна линија Тетово-Копенхаген (Данска) секоја среда и сабота. Нашата компанија изразува сочувство до семејствата кои ги загубија своите роднини. Со почит „Беса Транс“ Дооел – Тетово, стои во демантот од Зибери до медиумите.

Демантираше и Русковска

Понатаму, и официјални лица веќе почнаа да демантираат дека во автобусот на „Беса Транс“ се превезувала суровина прекурсор, односно суровина од која се произведува дрога.

Во интервју дадено за Телма телевизија, обвинителката за организиран криминал Вилма Русковска беше запрашана за тоа дали е точно дека во автобусот се превезувала суровина за изработка на хероин.

Во 4 минута и 26 секунда од интервјуто, новинарката Снежана Лупевска Созен ја прашува обвинителката Русковска:

Имаше шпекулации во некои бугарски таблоиди, можам да ги наречам, дека се пренесувала материја за изработка на хероин која брзо гори. Дали е тоа точно?

Одговорот на обвинителката е следниот (со почеток од 4 минута и 34 секунда во видеото):

Јас тоа кога го прочитав, уште беа тука колегите од Бугарија, обвинителот и главниот истражител. Им го покажав тоа и прашав дали има вистина. Беа категорични дека не е точно, рече Русковска.

Русковска додава дека пожарот почнал во багажниот дел над резервоарот со гориво на автобусот.

Со оглед на тоа што нема официјална потврда, а има демант од службено лице, јавна обвинителка за организиран криминал (која се консултирала со бугарските истражни органи), дека во автобусот се превезувала суровина ацетен анхидрит, а и со оглед на тоа што во текстот од каде потекнува дезинформацијата нема официјални извори, туку само шпекулации и други фактички неточности (како, на пример, посочен е грешен сопственик на „Беса Транс“), оценуваме дека не е вистина оти во автобусот што изгоре се пренесувал ацетен анхидрит, суровина за хероин.

Претходно имаше и други шпекулации за тоа дека во автобусот се шверцувале еден тон нафта и 30 илјади петарди, кои, исто така, се покажа како лажна информација.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција