Во Франција не е донесен закон за заштита на „Фајзер“ и казнување на критичарите на мРНК вакцините

Фото: Mike Ramírez Mx auf Pixabay

Во законот за кој се говори во објавата, а кој уште не е ефективен, ниту еднаш не се споменува ниту мРНК вакцината, ниту „Фајзер“. Тој овозможува да биде кривично дело да се убедуваат или да се охрабруваат луѓе да не прифаќаат разумен медицински третман, или профилактички третман, како и убедувањето да се подложат на третмани кои може да предизвикаат сериозна физичка или ментална штета. Тоа се однесува на бескрупулозни луѓе што промовираат лажни лекови, или измамнички ги наведуваат луѓето да не прифаќаат докажани медицински третмани или профилакса

Во законот за кој се говори во објавата, а кој уште не е ефективен, ниту еднаш не се споменува ниту мРНК вакцината, ниту „Фајзер“. Тој овозможува да биде кривично дело да се убедуваат или да се охрабруваат луѓе да не прифаќаат разумен медицински третман, или профилактички третман, како и убедувањето да се подложат на третмани кои може да предизвикаат сериозна физичка или ментална штета. Тоа се однесува на бескрупулозни луѓе што промовираат лажни лекови, или измамнички ги наведуваат луѓето да не прифаќаат докажани медицински третмани или профилакса

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Во Франција се донесе закон за заштита на Pfizer… Кој ќе зборува против вакцината mRNA ќе биде казнет со 3 години затвор и парична казна од 45 илјади евра….

Во склоп на објавата се споделува фотографија од текст со наслов:

Франција: Критиката за мРНК ќе биде казнива во иднина.

Не е вистина дека во Франција се донел закон за да се заштити „Фајзер“ и со кој секоја критика против мРНК ќе се казнува. Собранието на Франција на 14 февруари 2024 година го помина на прво читање законот насловен „Закон за засилување на борбата против секташки екцеси и унапредување на поддршката на жртвите (The Bill To Strengthen The Fight Against Sectarian Excesses And Improve The Support Of Victims)

Истиот може да се прочита овде.

Конкретно членот 4 од тој закон е оној на кој се повикува објавата што ја рецензираме и тој член неточно се нарекува „член Фајзер”. И тој беше усвоен од Собранието на Франција со 116 гласови, на 14 февруари 2024 година.

Францускиот закон не ги вклучува ни Фајзер, ни мРНК вакцините. Членот 4 од Законот нема врска со Фајзер или критиките кон мРНК вакцините во Франција. Ниту Фајзер, ниту мРНК вакцините не се споменуваат ниту еднаш во целиот закон, ниту, пак, во членот 4.

Но, од каде произлегува тврдењето дека тие што ќе го критикуваат „Фајзер“ или мРНК вакцините ќе бидат затворски казнувани?

Како што објаснува La Chaîne parlementaire, членот 4 од законот овозможува во Франција делото „оневозможување грижа“ да стане кривично дело. Членот 4 е посветен на претерувања во терапевтската пракса и воведува ново кривично дело насочено кон тоа да го казни„охрабрувањето да се напушти медицински терапевтски или профилактички третман”, во случаите кога е јасно дека последиците се тешки за физичкото или менталното здравје.

Со други зборови, членот 4 во овој закон прави да биде кривично дело да се убедуваат или да се охрабруваат луѓе да не прифаќаат разумен медицински третман или профилактички третман, или да подлежат на третмани кои може да предизвикаат сериозна физичка или ментална штета. Тоа може да се однесува на бескрупулозни луѓе што промовираат лажни лекови или измамнички ги наведуваат луѓето да не прифаќаат докажани медицински третмани или профилакса.

Целосниот закон ги таргетира ексцесите во дигиталниот простор и новите гуруа, овозможени од пандемијата со ковид-19, која им отвори широко поле да ги искористуваат социјалните мрежи за да ги промовираат своите активности.

Нови форми на гуруа или самопрогласени гуруа делуваат онлајн, искористувајќи ги социјалните мрежи за да прибираат цели групи околу себе. Како што пишува Techarp, законот ги таргетира само самопрогласените гуруа и култови кои ги користат социјалните мрежи и интернетот за да ги зграпчат своите жртви. Нема затворски казни за луѓето во Франција кои ги критикуваат мРНК вакцините или фармацевтските компании како Фајзер.

Членот 4 бил изменет пред да биде усвоен со додавките дека ,,не е кривично дело ако се приложи доказ за информирана согласност”. Овие гуруа нема да одговараат ако оние што ги разубедиле да не користат докажани медицински третмани, покажат дека тие своеволно и информирано се согласиле на тоа.

Законот уште не е ефективен во Франција зашто е поминат само на прво читање во Собранието. Следниот чекор е да биде пратен во Сенатот на одобрување или менување, пред да се врати во Собранието на второ читање. Откако законот ќе биде одобрен од двата дома, тогаш може да биде испратен кај претседателот на Франција на потпис. Само кога претседателот и премиерот на Франција ќе го потпишат законот тој влегува во сила, откако ќе биде објавен во службен весник.

Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

Овој напис е дел од заеднички проект на над 50 организации под водство на Европската мрежа за стандари при проверката на факти за справување со дезинформациите околу европските избори во 2024 година. Повеќе можете да дознаете на elections24.efcsn.com

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција