Во градинките нема да се воведе сексуално образование, ниту, пак, „дрег“ кралици ќе им читаат приказни на децата

Од Министерството за образование и наука (МОН) тврдат дека  Сеопфатно сексуално образование (ССО) во никој случај нема да се воведува во предучилишна возраст, односно во градинките. Оттаму нагласуваат дека предлог наставната програма по ССО е само за ученици од 9-то одделение и тоа засега само во четири основни училишта. Од невладината ХЕРА посочуваат дека станува збор за манипулативна објава, а прикажаниот документ нема врска со програмата за ССО, туку станува збор за Акциски план за родова еднаквост за спроведување на активностите во областа на образованието

Од Министерството за образование и наука (МОН) тврдат дека  Сеопфатно сексуално образование (ССО) во никој случај нема да се воведува во предучилишна возраст, односно во градинките. Оттаму нагласуваат дека предлог наставната програма по ССО е само за ученици од 9-то одделение и тоа засега само во четири основни училишта. Од невладината ХЕРА посочуваат дека станува збор за манипулативна објава, а прикажаниот документ нема врска со програмата за ССО, туку станува збор за Акциски план за родова еднаквост за спроведување на активностите во областа на образованието

 

Пост на Фејсбук ја манипулира јавноста дека МОН во соработка со ХЕРА ќе воведе Сеопфатно сексуално образование (ССО) во предучилишните установи во земјава и дека на децата во градинките дрег кралици ќе им читаат приказни и на тој начин ќе „се разбиваат „стереотипите“ дека семејството се состои од маж, жена и деца, дека полот е непроменлива категорија и дека е „ОК да се биде различен“. За ова да биде уште поубедливо употребена е и манипулативна фотографија од т.н. „дрег“ кралица која им чита книга на деца. Се разбира, ова е дезинформација.

 

Во оваа Фејсбук објава се вели:

Доколку според светските стандарди, „Сеопфатното“ сексуално образование треба да се изучува уште од предучилишна возраст, а Македонија се стреми да оди кон Европа и за таа цел треба да ги усвои овие стандарди, дали кај нас ССО ќе се задржи само во девето одделение, како што велат?

Во Оперативниот план за споредување на активностите кои се во належност на Министерството за образование и наука во 2020 година од Националниот план за акција за родова еднаквост [2], една од активностите поврзани со „Сеопфатното“ сексуално образование опфаќа: „Измени на програмите за ран детски развој (програми на предучилишни установи) со цел унапредување на родовата перспектива“.

Праксата во светот покажува дека ССО се воведува уште од предучилишна возраст, а токму овој документ од самото МОН потврдува дека и Македонија ќе ги следи тие светски стандарди.

Ваквите информации ги демантираат од МОН и од ХЕРА. Оттаму во изјава за „Вистиномер“ нагласуваат дека предлог наставната програма по ССО е само за ученици од 9-то одделение, и тоа засега само во четири основни училишта.

Бирото за развој на образованието во соработка со организацијата ХЕРА во врска со сексуално образование спроведува истражувачки проект за Сеопфатно сексуално образование. Согласно дефинираните цели на проектот и одредените активности за постигнување на целите имплементацијата на предлог наставната програма по Сеопфатно сексуално образование ќе биде со ученици од 9-то одделение од основното образование. Динамиката на имплементација на проектот во основни училишта започнува во учебната 2021/2022 година, додека во тек се подготовки за успешно имплементирање на проектот во четири основни училишта. Пилот програмата ќе биде понудена како изборен предмет, со доброволно учество на учениците, врз основа на претходно спроведена анкета и со потврдена согласност од страна на нивните родители. За таа цел, се подготвува и локална кампања за родителите на деветтооделенците од четирите основни училишта преку која учениците и родителите ќе бидат информирани за целите на програмата, темите, очекуваните резултати и начинот на реализација. Предвидено е пилот програмата да се реализира со 36 часа годишен фонд и истата нема да се оценува бројчано, велат од МОН за „Вистиномер“.

Оттаму додаваат дека целта на воведувањето на сексуално образование во образовниот систем е младите да носат информирани одлуки, да се грижат за своето здравје, да научат кои се нивните права и како да ги заштитат, да умеат да препознаат и да пријават врсничко, партнерско и секаков вид на насилство и да знаат како да развиваат социјални и сексуални односи кои ќе се базираат врз почит, согласност и достоинство.

Согласно наведените податоци во врска со реализацијата на истражувачкиот проект за Сеопфатно сексуално образование од Бирото за развој на образованието (БРО) и ХЕРА може да се констатира дека податоците на Фејсбук страницата „Преземи одговорност“ не се точни и не се однесуваат на активности што ги спроведува МОН и БРО како институција во рамките на Министерството, децидни се од МОН.

Од невладината ХЕРА посочуваат дека станува збор за манипулативна објава, а прикажаниот документ нема врска со програмата за ССО, туку станува збор за Акциски план за родова еднаквост за спроведување на активностите во областа на образованието.

Јас бев ангажирана да ја модерирам работната група за подготовка на овој план и во групата учествуваа претставници на образованите институции и граѓанското општество, односно организациите кои долги години работат на областа образование и кои имаат екпертиза. Акциските планови се донесуваат врз основа на Стратегија за родова еднаквост, а во случајот стратегијата врз чија основа е донесен планот е истечена. Како што си пишува и во планот, станува збор за активност за воведување на содржини кои промовираат родова еднаквост во градинките, што не е исто со сексуално образование. Родовата еднаквост е само една компонента од сексуалното образование. Во моментот програмите за работа во детските градинки промовираат машка супрематија и родови стереотипи, а целта на работната група беше да се почне со ревидирање на програмите од аспект на родова еднаквост. Ова значи воведување на материјали како сликовници на кои се прикажани и момчиња и девојчиња, девојчиња кои се активни во јавниот простор, момчиња кои се грижливи, песнички во кои се зборува дека сите се еднакви, програми за стимулирање на различните интереси на децата, наместо насочување да се занимаваат со родово стереотипни игри и улоги, вели за „Вистиномер“ Драгана Дрндаревска од ХЕРА.

Постот што го рецензираме уште користи и фотографија од т.н. „дрег“ кралица.

Како дел од активностите за „унапредување на родовата перспектива“ кај малите деца, во земјите во кои ССО е воведено пред повеќе години, постојат и часови со дрег кралици (drag queenѕ) т.е. мажи облечени како карикирани жени по јавните институции. На часовите тие драг кралици им читаат приказни на децата во кои се разбиваат „стереотипите“ дека семејството се состои од маж, жена и деца, дека полот е непроменлива категорија и дека е „ОК да се биде различен“. Родители, се согласувате ли вашите деца да бидат едуцирани од дрег кралици уште од најрана возраст Реагирајте сега, затоа што после ќе биде доцна!!!“, се вели во објавата

Ваквата фотографија и објаснувањето под неа, исто така, се манипулативни. „Дрег“ кралици се личности, обично мажи, кои носат екстравагантна женска гардероба и шминка заради перформанс и пародија/карикатурирање на стереотипите за женственост и „вамп жени“. Обично носат претерана шминка и бројни додатоци за да ја постигнат таа цел. Постојат повеќе теории за етимолигијата на зборот, а еден од нив е „дрег“ како акроним за „Dressed Resembling A Girl”.

Drag Queen Story Hour (DQSH), Drag Queen Storytime и Drag Story Time се детски настани  кои првпат ги започнала во 2015 година авторката и активистка Мишел Теа во Сан Франциско, а со цел да ја инспирираат љубовта кон читањето, додека предаваат подлабоки лекции за различноста, самољубието и ценењето на другите. На овие настани, обично наменети за деца на возраст од 3–11 години, домаќини се дрег кралиците кои читаат детски книги и се занимаваат со други активности во националните библиотеки. Концептот DQSH се смета за неконвенционален, бидејќи библиотеките обично се порезервирани, а кралиците традиционално се поврзуваат со барови и ноќен живот. Како и да е, читање приказни на деца од страна на „дрег“ кралици, претставува појава во големите градови во САД (каде што, исто така, наидува на опозиција и протести). И конечно, станувало збор за настани организирани во библиотеки, а не во градинки, како што се посочува во манипулативниот пост што е предмет на нашата анализа.

Од сето ова може да се заклучи дека ССО во никој случај нема да се воведува во предучилишна ворзаст, односно во градинките. Станува збор за Акциски план за родова еднаквост за спроведување на активностите во областа на образованието, односно воведување на содржини кои промовираат родова еднаквост во градинките, што не е исто со сексуално образование. Дезинформација е и дека „дрег“ кралици ќе одат во градинките да им читаат на децата приказни и да разбиваат некакви стереотипи.

Целта на постот е да ја манипулира јавноста и да шири дезинформации, а во недостиг на точни и прецизни информации може да предизвика вознемиреност кај јавноста.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција