Во изборни години бројот на напади и закани врз новинарите се зголемува за четири пати

Фото: Мета.мк

Со цел превенирање на несакани ситуации и ризици за медиумските работници, пред сѐ, оние при работа на терен, одржување вакви настани е од голема важност за испраќање на јасна порака дека напад на новинар е кривично дело за кое законот предвидува сериозни казни, велат од ЗНМ

 

Во пресрет на парламентарните и претседателските избори, за кога се очекувани голем број на митинзи, јавни дебати, можностите новинарите да бидат изложени на зголемен ризик на работното место се реални. Секогаш кога има избори, таа година бројот на напади над новинарите се зголемува за четири пати. Ова беше истакнато на денешниот настан што го одржа Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) заедно со претставници на Министерството за внатрешни работи (МВР) и Основното јавно обвинителство (ОЈО) на тема „За поголема безбедност и заштита на новинарите и медиумските работници и спротивставување на заканите за слободата на медиумите“.

Со цел превенирање на несакани ситуации и ризици за медиумските работници, пред сѐ, оние при работа на терен, одржување вакви настани е од голема важност за испраќање на јасна порака дека напад на новинар е кривично дело за кое законот предвидува сериозни казни, велат од ЗНМ.

Целта на денешниот настан, додаваат од таму, беше повторно да се укаже на новите одредби од Кривичниот закон кои се во насока на подобрување на заштита на новинарите, на предметите за кои до сега е постапувано и за кои има правосилни пресуди, но и препораки за поголема безбедност и заштита на новинарите и спротивставување на заканите за слобода на медиумите како што се неоснованите тужби и незаконскиот надзор на медиумските работници, посебно во време на изборна кампања.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски во своето обраќање пред присутните укажа на соработка со релевантните институции во поглед на безбедноста на новинарите и медиумските работници во државава.

„Токму во овој предизборен период ризикот од вршење на новинарската работа ќе се зголеми. Заштитата на слободата на медиумите и заштитата на новинарите не е само прашање на етика или професионална одговорност – тоа е прашање на зачувување на правото на информирање на граѓаните. Да не заборавиме на проблемот со неказнивоста на напаѓачите на новинарите, тоа не е проблем само на новинарската фела“, изјави Чадиковски.

За важноста на законските измени од Кривичниот законик и нивната имплементација свое обраќање имаше и јавниот обвинител во ОЈО Скопје, Дејан Петревски.

„Перцепцијата со безбедноста на новинарите е сменета и фактичката состојба е далеку подобрена споредбено со минатите десетина години. Резултат за тоа се и измените во кривичниот закон кои се одлични во поглед на заштитата на новинарите и медиумските работници во државава. Во контекст на нашата пракса физичкиот напад може да се смета за кривично дело кога постои напад или употребена сила кон новинар или медиумски работник односно како службено лице, но и доказ дека лицето новинар преземал службено дејствие согласно своите професионални службени овластување. Оттука, сакам да упатам апел дека ОЈО секогаш стои на располагање кога во иднина ќе се случи повреда на правата на новинарите или медиумските работници“, истакна Петревски.

За улогата на МВР во превенирањето на нападите и заштитата на безбедноста на новинарите и медиумските работници, во своето обраќање зборуваше портпаролот на МВР, Тони Ангеловски. Тој рече дека нема да има никаква толеранција за нападите кон новинарите и медиумските работници.

„Северна Македонија е најбезбедна земја за новинарите изминативе неколку години споредбено со земјите од регионот. Ова е резултат на посветената заедничка работа со сите засегнати страни. Важно е овој период да се искористи и да се упати апел дека треба да се подготвиме за претстојните избори. Никој нема да остане неказнет ако нападне новинар“, рече Ангеловски.

Своето искуство го сподели новинарката Ера Ѓакова која беше предмет на физички напад во 2023 година. Таа упати порака дека секој напад или закана мора да се пријави кај надлежните институции.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција