Во Свети Николе нема да се гори ниту медицински, ниту опасен отпад

Активен пожар на општинската депонија во Свети Николе фотографиран од ревизорите; Извор: Ревизорски извештај за ЈКП „Комуналец“ на Државен завод за ревизија

Изградбата на регионалната депонија трае веќе десетина години. Процесот е долг и постојано го следат бројни дезинформации, заради што се создава отпор во јавноста, особено меѓу жителите на Свети Николе и регионот, а имплементацијата многупати досега се пролонгира во одредени фази. Лажните вести се споделуваат најчесто на социјалните медиуми, од поединци или групи со различни интереси

 

Ниту еден вид на отпад нема да се согорува на регионалната депонија во селото Мечкуевци во Општината Свети Николе. Капацитетот, кој треба да биде првата депонија по европски стандарди изградена во земјава, ќе има само објекти за секундарна селекција на хартија, пластика, стакло, дрво и метал и ќе се врши третман и депонирање на комунален отпад. Во Свети Николе нема да се третира ниту медицинскиот отпад од овие два региони. Како и досега овој отпад, што влегува во категоријата опасен, ќе го собираат лиценцирани компании и го носат на депонијата „Дрисла“ во Скопје.

Изградбата на регионалната депонија трае веќе десетина години. Процесот е долг и постојано го следат бројни дезинформации, заради што се создава отпор во јавноста, особено меѓу жителите на Свети Николе и регионот, а имплементацијата многупати досега се пролонгира во одредени фази.

Лажните вести се споделуваат најчесто на социјалните медиуми, од поединци или групи со различни интереси. Во ширењето активни се и политички партии, кои во кочењето на процесот ги бројат само политичките поени, но не и штетите кои ги предизвикуваат. Отпор кон регионалната депонија се манифестираше и во работењето на локалните институции, Градоначалникот, Општината Свети Николе и Советот, заради што Министерството за животна средина и просторно планирање во април минатата година донесе одлука да ги одземе ингеренциите на локалната власт.

Фото: Мета.мк

Најчесто, невистинитите тврдења за регионалната депонија се поврзани со третманот на медицинскиот и опасниот отпад, а Свети Николе се поистоветува и со Чернобил. Така, во пост на социјалната мрежа Фејсбук, споделен на 22 aприл 2022 година, од Игор Андонов, меѓу другото, се вели:

Денес, некој одлучил таа природа да ја претвори во регионална депонија во која ќе се прибира и согорува отпадот од цела Европа, особено медицинскиот отпад. Треба да знаете дека поради ветровите и дождовите сиот тој отров ќе го покрие целото Овчеполие. Цената на еден тон отпад е 100.000 евра. Знаете ли зошто е таква цената? За да ги привлече алчните кметови на оваа божемна држава да ги дадат своите деца на ѓаволот за рака сребреници. Станавме жртви на ограничен интелект со неограничена моќ. Не смее Свети Николе да стане Чернобил на Балканот!

Понатаму, во друг пост, споделен на 16 oктомври 2023 година од Александар Симонов, советник на политичката партија Левица, во Советот на Свети Николе се вели:

Во Министерството за животна средина, зад затворени врати, без присуство на медиуми и целосна исклученост на јавност, одржан е конститутивниот состанок за формирање на Управен одбор на заедничкото (регионално) Јавно претпријатие „Еко Исток – Североисток“, каде е донесена одлуката за предлог-статут на претпријатието која ќе биде доставено до Советите.

Како што претходно известивме, во предлог-статутот на претпријатието (член 10) како ДЕЈНОСТ на претпријатието е наведено Собирање на ОПАСЕН ОТПАД и ОБРАБОТКА И ОТСТРАНУВАЊЕ НА ОПАСЕН ОТПАД!“

Регионалната санитарна депонија за Источниот и Североисточниот плански регион ќе се гради според најсовремени европски стандарди и ќе биде лоцирана во зоната на селата Мечкуевци–Арбашанци, велат од Министерството за животна средина. Со неа се очекува значително да се подобрат практиките за управување со отпад во двата региони и општината Свети Николе, преку подобро собирање, селекција, третман и рециклирање на отпадот како и негово безбедно отстранување. Посочуваат дека нејзините влијанија врз животната средина и социјалните аспекти се утврдени со Студијата за оцена на влијанието врз животната средина (ОВЖС), преку која и се препорачуваат мерки за ублажување, спречување, намалување или отстранување на овие ефекти.

Овој документ дефинира мерки за спречување на влијанијата врз квалитетот на воздухот, почвата и појавата на непријатна миризба. Регионалната депонија ќе се лоцира во ненаселено место, ќе биде вклопена во пределот, ќе биде оградена, а долж периметарот ќе се изведе зелена бариера за да се спречи расфрлањето на отпадоци од ветер и да се подобрат визурите од регионалниот пат. За заштита на квалитетот на воздухот и спречување на миризбата, активен довоз и истовар на отпадот ќе се врши на минимална површина, а отпадот ќе се набива и прекрива со земја. За да се намалат емисиите на прашина тркалата на камионите ќе се мијат и патиштата ќе се прскаат со вода за време на летните месеци. За заштита на почвата и подземните води ќе се инсталира систем за собирање и пречистување на исцедокот, вели Ана Каранфилова- Мазневска, раководител на Секторот за управување со отпад во Министерството за животна средина.

Таа смета дека со изградбата на регионалната санитарна депонија ќе се создадат услови за добро и контролирано управување со отпадот, како решение на сегашните проблеми за животната средина и здравјето што произлегуваат од десетиците диви ѓубришта и една неконтролирана депонија која е постојано во оган.

Депонијата е проектирана за 18 општини и е земено во предвид бројот на населението и количините на создаден отпад. Други општини, од други региони, не смее да носат отпад за депонирање. На регионалната депонија нема да се врши согорување на ниту еден вид на отпад, меѓу кои и медицинскиот, туку ќе се прави секундарна селекција на хартија, пластика, стакло, дрво и метал, вели Каранфилова-Мазневска.

Во Студијата, во делот каде се опишува системот за управување со отпадот на новата депонија, јасно се наведува дека тој ќе се состои од шест локални и една централна постројка во Свети Николе. На локалните во Берово, Македонска Каменица, Виница, Штип, Ранковце и Куманово ќе има претоварни станици, постројки за компостирање и собирни места за мешан и посебен отпад од граѓаните. Во овој отпад спаѓаат градежниот отпад и шут, кабастиот отпад како душеци, мебел, теписи и слично, метални предмети како старо железо, радијатори и отпадот од електричната и електронската опрема од домаќинствата.

Единствениот отпад, што е наведен во Студијата и според законите се смета за опасен, но го произведува секое домаќинство, е комуналниот опасен отпад. Тој се состои од бои за мебел или дрво, лекови кои ги користат членовите на семејството, како и средствата со кои се чисти домот и кој и сега се одлага заедно со остатокот од комуналниот отпад што го произведува секое домаќинство.

Во циркуларната економија отпадот е драгоцена суровина, но во нашата јавност неговиот третман и реупотреба создава страв од нови загадувања, донекаде и оправдан, што е и една од причините за голем отпор кон проекти како регионалните депонии.

Така, на пример, во пост споделен од Граѓанска иницијатива СТОП за изградба на регионална депонија во Свети Николе, на 17 април 2019 година, на Фејсбук, се вели:

Овде се работи за депонија која ќе трупа ѓубре затоа што во цела Европа постои само една депонија која целосно рециклира отпад. Се друго е таложење на отпад кој ќе ја загади околината, а највеќе ќе ги загрози здравјето на жителите на Општина Свети Николе како и земјоделците кои се настроени кон органско производство. Не дозволуваме регионална депонија во Свети Николе!

Професорот Даме Димитровски од Машинскиот факултет вели дека конзумеризмот кој владее во светот, заедно со практиките на поединечно пакување, брзиот развој на нови технологии и застарување на старите, потребата од изградба на нови простори, одржување на технолошките процеси и машини, заменски елементи…создава огромни количини на отпад. Количините отпад кои ги создаваат македонците се слични со тие на просечните европски граѓани.

Изградбата на центри за модерно управување со отпадот, и санитарна депонија како нивен интегрален дел, е поврзано со прашањето дали сакаме да живееме во еколошка и чиста средина или сакаме да бидеме опколени со ѓубришта и сметишта. Количествата комунален отпад кои се создаваат се од 21. век, а начинот на справување со комуналниот отпад ни е останат од 19. век. Стравот за кој зборувате не е македонски синдром ниту е непознат во Европа, во времето кога почнуваат да се создаваат добрите практики за постапување со отпад. „Не во мојот двор“ е фразата со која се соочиле дел од проектите во нивната почетна фаза, кога околното население не било добро запознаено со проектот, технологијата која ќе се употребува и со заштитните мерки, вели Димитровски.

Тој нагласува дека еден од предизвиците кој треба да се надмине при првата изградба на ваков проект е сензибилизирање на проектот со локалното население или редовно претставување на проектот, опремата, искуствата од слични постројки и системи со околината. Тоа ќе помогне населението да ги прифати овие проекти и да учествува во нивната реализација и ќе се постигне посакуваниот резултат – европски практики во справувањето со отпадот.

Потребата од сензационални вести и негативни приказни во дел од медумите не е дополнета со позитивни приказни и добри практики кои се случуваат околу нас. Работата во јавни медиуми и пласирањето информации носи и одговорност на креирање на јавното мислење, така што пласирањето сензационалистички информации наместо сеопфатна слика носи и одговорност во застојот на имплементација на зелени проекти, посочува професорот Димитровски.

Тој очекува дека по изградбата и ставањето во функција на првиот ваков проект во Македонија следните центри ќе се сензибилизираат многу полесно и побргу, имајќи ги предвид позитивните искуства тој во Свети Николе. Димитровски објаснува дека искуството од други земји покажува дека поставувањето депонија за секоја општина не е соодветно или не е решение кое се применува. Таквото решение носи повеќе инвестициски и оперативни трошоци и поголемо влијание врз животната средина. Теоретски, за држава како Македонија, бројот на центри за управување со отпад кои ќе имаат и депонија може да биде најмногу осум, така што секој плански регион би имал свој центар или помалите плански региони би имале заеднички центар за постапување со отпад со депонирање.

Дезинформациите што го следат овој голем проект ги засегнуваат не само еколошките, туку и економските и социјалните аспекти, особено преку тврдењата дека загадувањето дополнително ќе ги испусти раселените села.

Така, во пост од локалниот огранок на политичката партија Левица во Свети Николе, постиран на 20 април 2022 година, се бара за изградбата на регионалната депонија да се распише референдум, бидејќи, како што се вели:

Сметаме дека реализацијата на овој проект, не само што ќе влијае негативно на био-сферата, еко-сферата и целокупното живеење на светиниколчани, ова дополнително ќе допринесе трендот на иселување да продолжи со уште поголем интензитет, што може да доведе до целосно уништување на ова гратче.

Референдумот е еден од последните правени механизами со кои можеме да се спротивставиме на оваа одлука. Должни сме, на идните генерации да им оставиме град со здрава животна средина!“

Блаже Јосифовски, претседател на граѓанската организација „Биди зелен“ смета дека покрај тоа што изградбата на депонија во Свети Николе според европските стандарди ќе донесе значителни подобрувања во третманот на отпадот, заштитата на животната средина и јавното здравје, ќе отвори и многу можности за младите од овие региони.

Развојот, изградбата и функционирањето на депонија бара разновиден опсег на вештини и експертиза. Младите можат да најдат можности за вработување во различни сектори како што се инженерството, градежништвото, управувањето со отпад, мониторингот на животната средина, администрацијата и одржувањето, посочува Јосифовски.

Вели дека со депонија што ги исполнува европските стандарди, не само градот, туку и регионот може да обезбеди пoдобро отстранување и управување со отпадот, да спречи нелегално фрлање и согорување на отворено, ќе ги намали потенцијалните здравствени ризици и ќе го заштити јавното здравје, со што, всушност, ќе ги подобри условите за живот и потенцијално ќе ги привлече младите да се вратат, а не да се иселат од регионот.

(Мета.мк)

 

Овој напис е изработен со поддршка на Journalismfund Europe

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција