Во Украина не се уништуваат „глобалфашисти“, туку се убива цивилно население и деца

Гранатирана зграда во Харков Фото: Принтскрин видео

Наспроти  бесмисленото тврдење во постот дека „руската војска ги уништува глобалфашистите и нивните послушници“,  во војната во Украина што ја започна Русија на 24 февруари, страдаат војници, но и невино цивилно население, а меѓу нив и голем број деца. Според од украинските власти досега (02.03.2022) се убиени повеќе од 2.000 цивили. Убиставата на цивили ги потврдија и Обединетите нации. Високата комисија за човекови права на ОН соопшти дека  биле пријавени повеќе од 500 цивилни жртви во Украина – вклучувајќи најмалку 136 убиени цивили и 400 повредени цивили, но дека очекуваат реалната бројка да е многу поголема

Наспроти бесмисленото тврдење во постот дека „руската војска ги уништува глобалфашистите и нивните послушници“, во војната во Украина што ја започна Русија на 24 февруари, страдаат војници, но и невино цивилно население, а меѓу нив и голем број деца. Според украинските власти досега (02.03.2022) се убиени повеќе од 2.000 цивили. Убиствата на цивили ги потврдија и Обединетите нации. Високата комисија за човекови права на ОН соопшти дека биле пријавени повеќе од 500 цивилни жртви во Украина, вклучувајќи најмалку 136 убиени цивили и 400 повредени, но дека очекуваат реалната бројка да е многу поголема

 

 

Рецензираме пост на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се тврди дека во Украина не се води војна меѓу братските православни народи, туку Русија убива „глобалфашисти“. Ова е потполна дезинформација.

Во постот стои:

Во Украина не се води војна меѓу двата братски православни народи. Руската војска ги уништува глобалфашистите и нивните послушници.

Наспроти бесмисленото тврдење во постот,  во војната во Украина, што ја започна Русија на 24 февруари, страдаат војници, но и невино цивилно население, а меѓу нив и голем број деца.

 

ВО УКРАИНА СТРАДААТ ЦИВИЛИ И ДЕЦА, А НЕ ГЛОБАЛФАШИСТИ

Според едно од последните соопштенија од украинските власти досега (02.03.2022) се убиени повеќе од 2.000 цивили.

Украина извести дека од почетокот на инвазијата загинало 21 дете, а 55 деца се повредени. Оваа информација ја објави украинската омбудсманка.

Во седумте дена од војната Русија уништи стотици згради, болници и градинки, објавија украинските власти, пренесоа медиумите. 

Се известува дека се загинати десетина работници на итната помош, дека пожарникарите гаснеле повеќе од 400 пожари, кои избувнале по руските напади низ земјата, а армијата и полицијата деактивирале 416 експлозивни направи.

Жртви во Украина се бројат уште од првиот ден на руската инвазија, кога беа регистрирани 57 загинати, а 169 ранети. Во тие бројки се вклучени војници и цивили. Тоа не се „глобалфашисти“, туку жители на Украина.

 

УБИСТВАТА НА ЦИВИЛИ ГО ПОТВРДИЈА И ОН

Високата комисија за човекови права на Обединетите нации соопшти дека  биле пријавени повеќе од 500 цивилни жртви во Украина – вклучувајќи најмалку 136 убиени цивили и 400 повредени цивили, но дека очекуваат реалната бројка да е многу поголема, пренесе „Си-ен-ен“.

Повеќето жртви се од употреба на експлозивно оружје со широка област на удар, вклучително и гранатирање од тешка артилерија и повеќекратни ракетни системи и воздушни напади. Ова се само жртвите што можевме да ги провериме, а реалниот биланс веројатно ќе биде многу поголем , стои во соопштението на канцеларијата на ОН, кое го пренесе „Си-ен-ен“.

Американскиот државен секретар, Антони Блинкен, за време на неговиот говор пред Советот на ОН ја осуди Русија за убиствата на цивили во Украина, покренувајќи ја идејата дека Русија треба да биде исфрлена од Советот за човекови права на Обединетите нации.

Тие ја уништуваат критичната инфраструктура која им обезбедува на милиони луѓе ширум Украина вода за пиење, гас за да не замрзне до смрт и струја. Гранатирани се цивилни автобуси, автомобили, па дури и амбулантни возила. Русија тоа го прави секој ден низ Украина, рече Блинкен.

Во текот на изминатите денови, руските напади погодија цивили, што укажува на промена кон многу поагресивнао бомбардирање. Претходните руски напади беа повеќе фокусирани на воени цели.

Пред два дена „Би-Би- Си“ пренесе дека десетици цивили биле убиени во Харков, додека гранатирањето продолжило утрото, а жителите преплашени се кријат во подземните засолништа.

 

РУСКАТА ВОЈСКА ГАЃА ЦИВИЛНИ ОБЈЕКТИ, БОЛНИЦИ, МУЗЕИ, УЧИЛИШТА

Руски артилериски и ракетни напади, после Киев го погодија и Харков, вториот најнаселен град во Украина. Видеата објавени на социјалните мрежи и потврдени од „Си-Ен-Ен“  покажаа значително уништување во североисточниот дел на  градот. Еден удар погоди станбен комплекс во близина на болница, а беа погодени и регионалната полиција и Националниот универзитет во Харков.

Руските сили ги засилија нападите врз населени места во Украина, бомбардирајќи го плоштадот во Харков и телевизиската кула во Киев.

Според украинските власти, пет лица загинале во попладневниот напад врз ТВ кулата, на неколку километри од центарот на Киев и во близина на бројни станбени објекти. Во руски напад со крстосувачка ракета врз административната зграда во Харков загинаа најмалку 6 луѓе. Во текот на денот, спасувачките служби извлекуваа жртви и преживеани од под урнатините на зградата.

Гранати паднале во близина на трговски центар во Харков, додека борбите продолжиле на улиците.

Во Харков руските трупи нападнале воено-медицински центар, јави украинската агенција Униан. Дошло до борби со украинските сили. Од украинска страна се вели дека руски гранати паѓале врз центарот на градот, вклучително и станбени објекти, како и зградата на регионалната управа, пренесе „Дојче Веле“.

Во нападот на руската армија врз Харков, сериозно е оштетена и зградата во која се наоѓа словенечкиот конзулат, објави словенечкото Министерство за надворешни работи на Твитер.

Во текот на шестиот ден од руската инвазија на Украина, армијата продолжува да истрелува ракети и повеќекратни ракетни системи за лансирање на украинските градови Харков, Чернихив, Суми, Мариупол и други со целосно знаење дека убиваат цивили, а не војска, пишува украинскиот аналитичар Роман Рукомеда во негова петта приказна за руската инвазија во Украина, која успеа да ја испрати до EURACTIV и покрај ограничениот пристап до интернет.

Според неговиот извештај, уништени се 80 градинки, училишта, факултети, болници и социјално-образовни објекти. Тие намерно се стремат кон болниците, како во Харков, да предизвикаат што е можно повеќе цивилни смртни случаи.

Руските воени сили го ракетираа и еден од најтрагичните споменици во Киев – Баби Јар, местото каде што за време на Втората светска војна, илјадници Евреи, Роми, Украинци и други националности беа убиени од германските нацисти.

 

НАД 800 000 БЕГАЛЦИ ЈА НАПУШТИЈА УКРАИНА

„Би-Би-Си“ пренесе дека  повеќе од 830.000 цивили ја напуштиле Украина.

Европската унија (ЕУ) проценува дека до четири милиони луѓе може да се обидат да ја напуштат земјата поради руската инвазија.Блокот ги олабави правилата за бегалците и вели дека нејзините земји-членки ќе ги пречекаат бегалците со „отворени раце“.

Во извештајот што го објавија службите на високиот комесаријат на ОН за бегалци се вели дека  453.000 се само во Полска, каде дневно пристигнуваат по 50.000 луѓе.

Според извештајот на ОН, во:

  • Унгарија има 116.348
  • Молдавија 79.315
  • Словачка 67.000
  • Романија 44.450
  • Русија 42.900
  • Белорусија 341
  • 600 луѓе се преселиле од овие земји во други во Европа.

Голем број трогателни видео сведоштва на жители на Украина, кои поради воената агресија пребегаа во други европски земји се објавени на „Би-би-си“.

Популарната оперска и џез пејачка, Сузана Алимовна Џамаладинова од Украина, попозната како Џамала, која во 2016 година победи на Евровизија со песната „1944“ се вбројува во оние кои станаа бегалци во првите денови од руската инвазија на Украина. Таа ја раскажа својата голгота, со своите две деца засолниште нашла во Турција, откако во близина на нејзиниот дом во Киев слушала екплозии.

Имајќи предвид сè што се случува во Украина по нападот на Русија, бесмислено и срамно е авторот на постот цивилното невино население и децата, кои се жртви  во војната во Украина, да ги нарекува „глобалфашисти и нивни послушници“. Самата обајава, пак, ја оценуваме како потполна дезинформација.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција