За исполнување на родовата еднаквост, неопходни се еднакви плати меѓу мажите и жените

Извор на фотографија: Министерство за труд и социјална политика

Елизабета Ѓоргиевска и Јованка Тренчевска се обратија на конференцијата „Родова еднаквост на работното место“ организирана по повод Меѓународниот ден за еднакви плати

 

Фактите зборуваат дека и 75 години по усвојувањето на Декларацијата за човекови права, родовиот јаз во платите сè уште постои, вклучително и кај нас. Ова го истакна сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска, која присуствуваше и се обрати на конференцијата „Родова еднаквост на работното место“ организирана по повод Меѓународниот ден за еднакви плати.

„И покрај тоа што жените стекнуваат квалитетно образование, сè уште жените се соочуваат со родово базирана дискриминација не само при вработувањето, туку и при кариерното унапредување и уште повеќе кон праведното вреднување на нивниот труд. Иронијата е што ефектите не ги чувствуваат само жените, туку и целата македонска економија. Нееднаквоста ги маргинализира и ги демотивира жените, а со тоа ја лишува економијата од нивниот креативен потенцијал“, изјави Елизабета Ѓоргиевска.

Конференцијата е организирана од страна на Алијансата за родова еднаквост на работното место – ГЕА, со поддршка на проектот „Активност за јакнење на деловниот екосистем“, финансиран од УСАИД, а спроведуван од Консалтинг за стратешки развој (КСР).

На конференцијата учествуваа говорници од домашни и меѓународни компании, развојни организации и институции кои дискутираа за новите трендови во женското претприемништво, програмите за економско јакнење на жените, како и промоција на можностите за вмрежување и размена на искуства и практики.

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска на конференцијата „Родова еднаквост на работното место“ изјави дека Секторот за eднакви можности е главниот владин механизам кој работи на креирање политики и спроведување на мерки во насока на имплементирање на родовата еднаквост во земјава.

„Како еден од главните чекори во исполнување на таа цел беше донесувањето на Стратегијата за родова еднаквост во 2022 година, која ќе биде со важност до 2027 година. Истата се спроведува преку акциски план на кој главните стратешки цели се да се спроведе ефикасен и ефективен механизам на национално и локално ниво за намалување на стереотипите поврзани со родовите улоги“ рече Тренчевска.

Министерката истакна дека целта е да се изгради култура на недискриминација и еднаквост во сите сфери на живеењето посочувајќи дека до крајот на 2024 година државата ќе биде во можност да ги измери и достигнувањата од мерките по претходно поставените индикатори.

Тренчевска зборуваше и за вклучувањето на жените на пазарот на труд, како дел од нејзината надлежност како Министерка за труд и социјална политика во државата.

„Од Оперативниот план за вработување како најатрактивни мерки ги издвојувам мерката за самовработување, која им овозможува на жените да отворат свои бизниси. Речиси половина од корисниците се млади девојки. Тука ќе ја спомнам мерката за стекнување на ИТ вештини каде за оваа година ја зголемивме возрасната граница од 29 на 40 години за да оствариме опфат на повеќе жени. Преку ваквите мерки вклучуваме жени кои не можат да најдат работа, можам да посочам дека успешно ги извлекуваме од системот за социјална заштита и ги интегрираме на пазарот на трудот“, рече Тренчевска.

Министерката на крај од панелот ги посочи двете кампањи на Министерството за труд и социјална политика „Гласна и храбра“ и „Остави трага“ кои ја поттикнаа дискусијата во општеството за поголемо економско зајакнување на жените. Таа истакна дека министерство во периодот кој што следи продолжува со своите заложби за унапредување на статусот на жените во државата.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција