Заев и Филипче не биле приватно во Дубаи, туку на дипломатски форум во Анталија

Не е точно дека Заев и Филипче биле во Дубаи и не патувале за приватни, туку за професионални потреби. Како што потврди и поранешниот министер Филипче за Вистиномер, станува збор за посета на дипломатски форум во Анталија, Турција каде земјава имаше и официјална делегација

Не е точно дека поранешниот премиер Зоран Заев и ексминистерот за здравство Венко Филипче биле во Дубаи и тие не патувале за приватни, туку за професионални потреби. Како што потврди и Филипче за Вистиномер, станува збор за посета на дипломатски форум во Анталија, Турција, каде земјава имаше и официјална делегација

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се известува за екс премиерот Зоран Заев и поранешниот министер за здравство Венко Филипче.

Насловот на текстот е „Заев и Филипче заминаа за Дубаи преку Истамбул” а објавата е исклучително вирална, со 27 споделувања, над 260 коментари и над 280 допаѓања до моментот на пишувањето на оваа рецензија.

Целиот текст се базира на една фотографија на која од грб се сликани Заев и Филипче, како што се тврди „како се качуваат на авион во правец кон Истанбул, на линија кон Дубаи”. Потоа, патувањето се опишува како приватно и се потсетува дека Заев и Филипче возеле мотори заедно во минатото, се скијале во Швајцарија а се напоменува и дека во моментот во Дубаи се одржува саем за јахти и „Дубаи Волрд Експо”.

Meѓутоа, не е точно дека Заев и Филипче на споменатото патување биле во Дубаи и тие не патувале за приватни, туку за професионални потреби.

Поранешниот министер за здравство Венко Филипче за Вистиномер потврди дека патувал, но само до Анталија, а не во Дубаи.

Посетата не била од приватен карактер, туку станува збор за посета на дипломатски форум во Анталија, каде земјава имаше и официјална делегација. На форумот беше и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Итен прекин на војната во Украина, враќање на мирот и воспоставување дијалог наместо агресија – ова е главната порака од Форумот за дипломатија во Анталија каде деновиве заедно со Венко Филипче учествувам на покана на Претседателот на Турција, Ердоган и на МНР на Турција, Чавушоглу. Го искористив учеството на форумот за придонес кон одржувањето на пријателството и унапредување на соработката со највисоки претставници на земјите од регионот и земјите членки на ЕУ со кои разговаравме за европската иднина на Северна Македонија, за безбедноста на нашата држава која ја обезбедивме преку нашето рамноправно членство во НАТО, за поддршката на регионалните соработки како што е иницијативата Отворен Балкан и за билатералните пријателски соработки на Северна Македонија со своите соседи, напиша поранешниот премиер Заев на Фејсбук по посетата и објави низа фотографии. 

Оттука оценуваме дека не е точно објавеното во постот што го рецензираме, дека Заев и Филипче отпатувале во Дубаи. Патувањето било од професионален карактер во Анталија, Турција.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција