Здравствената грижа за осудените лица е лоша
Во Отчетот на ВМРО ДПМНЕ 2016 година се наведуваат тврдења и за реновирање на дел од казнено поправните установи, при што, конкретно се вели:
Во КПД Идризово, преземени се низа активности за целосно реновирање и опремување на повеќе одделенија во Домот, со што во голема мера се подобрија условите за престој на осудените лица пред изградбата на целосно новите објекти која е во тек. Како најзначајни активности се издвојуваат: … За подобрување на условите за здравствена заштита на осудените лица комплетно беа опремени стоматолошка и гинеколошка амбуланта…Во 2012 е извршено комплетно реновирање на Медицинско одделение за пациенти (амбуланта), со што во значителна мерка се подобрени условите за престој и во ова одделение.
[ Извор: Отчет на ВМРО ДПМНЕ 2016 – Датум, март 2016 (стр.204)]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Оваа изјава, односно тврдење во Отчетот на ВМРО ДПМНЕ е недоследно, бидејќи работите со условите за престој на затворениците во оваа установа, не се точни во делот на здравствената заштита на осудените лица.
Можеби е точно дека во 2012 било извршено целосно реновирање на медицинското одделеније за пациенти (амбулантата) и можеби комплетно се опремени стоматолошката и гинеколошката амбуланта. Но тоа не се сите предуслови за обезбедување квалитетна здравствена заштита на осудените лица. Она што пред се недостига во затворите во државата, вклучувајќи го и најголемиот „Идризово“, се доволен број на лекари и други медицински лица.
Неодамна беа објавени податоци за оваа состојба, во рамките на истражувачка сторија за БИРН, која се базира на официјални податоци. Оваа сторија ја потврди лошата грижа за затворените и осудени лица низ затворите во земјава, а една од главните причини е токму недостигот од здравствен кадар.
И покрај постојаните препораки да се зајакне здравствената заштита во затворите, статистиката покажува дека бројот на вработени постојано опаѓа. Па така, од Управата ни одговорија дека во овој сектор се пополнети 17 работни места, девет лекари и осум вработени како медицински персонал, а според систематизацијата се предвидени 30 работни места. – се наведува во текстот.
Но тоа не е се. Постои огромна разлика во проценката колку медицински персонал е потребен и тоа од самата Управа за извршување на санкции. Во 2010 имале проценка дека се потребни 78 лекари и медициснки персонал, во една нивна Стратегија за здравствена заштита од 2012 – 2014, процениле дека се потребни дури 124 вакви работни места, а пак според нивните најнови правилници, за сите затвори во државата се потребни само 30 лекари и медицински персонал.
Но дури и да се 30, сега имаме актуелна состојба со 17 вработени, што значи недостига кадар за остварување на добра здравствена заштита на осудените лица.
За ова забелешки има и Народниот правобранител, кој состојбата со лекарската грижа ја оцени алармантна:
Состојбата е алармантна, бидејќи здравствениот систем е лош, нефункционален и надвор од секаков разум. Недозволиво е во овие установи да нема вработено лекар, па од јавното здравство да дојде еднаш неделно и да врши групни прегледи – вели правобранителот во истиот текст.
Народниот правобранител слична оценка има и во годишниот извештај за проблемите од неговиот делокруг на работа во 2015 година:
Системот на здравствена заштита во казнено-поправните установи е лош и нефункционален. Имено, Народниот правобранител уште во 2013 година ја критикуваше измената на Законот за извршување на санкциите, како неприменлива одредба, според која здравствените служби на затворите треба да бидат преземени од страна на здравствените домови како дел од јавното здравство. Меѓутоа, и по изминати три години оваа трансформација не е спроведена, така што здравствената заштита на осудените лица се уште е надвор од системот на примарното здравство организирано во јавните здравствени установи. Од друга страна, нефункционалниот систем на здравствена заштита во казнено-поправните установи беше причина за доставување на претставки од поголем број осудени лица во кои се укажуваше на недостаток на неопходни лекарства, лоши услови во затворските амбуланти и недоволна опременост со неопходните медицински апарати и сл. (стр.40).
Слични забелешки има и Комитетот за превенција од тортура на Советот на Европа во својот годинешен извештај за Македонија, во кој е потенциран недостиг на лекари и 24 часовна покриеност нвропа во својот а затворите, а како особено сложена ја оцениле состојбата во КПД Идризово, не само од овој аспект.
Поради погоре наведените аргументи, тврдењето На ВМРО ДПМНЕ во однос на условите во КПД Издризово ги сметаме за недоследни.
ЛИНКОВИ:
- (март 2016) ВМРО ДПМНЕ – Отчет 2016 – [Пристапено на 16.06.2016]
- (јуни 2016) БИРН – Вистината за здравството во затворите е удавена во кофа – [Пристапено на 16.06.2016]
- (2015) Народен правобрнител – Годишен извештај за степенот на обезбедувањето, почитувањето, унапредувањето и заштитата на човековите слободи и права— [Пристапено на 16.06.2016]
- (2016) CPT – Резиме од Извештајот за посетата на РМ во 2014 – [Пристапено на 16.06.2016]
Оценето од: Тео Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар