Жителите на Карпош не добија екопаркинзи

Фото: Изборна програма на Богоев

 

ВЕТУВАЊЕ: Изградба на екопаркинзи на повеќе локации низ Карпош

[Извор: Изборна програма на Стефан Богоев, градоначалник на Општина Карпош  Рок: 2018 – 2020 година]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето за изградба на екопаркинзи на повеќе локации низ Карпош е неисполнето ветување на градоначалникот Стефан Богоев. Ветувањето е дел од неговата програма за локалните избори (2017-2020) „Живот во Карпош! За сите!“ (стр.18).

Главен проблем на општината Карпош е нивото на загаденоста на воздухот. Ветуваме системски пристап кон решавањето на овој проблем, опфаќајќи го решавањето и на проблемот со паркирањето. На повеќе локации низ Карпош, низ следниве урбани заедници: Влае – 2 екопаркинга, Карпош – 4, Владо Тасевски, Карпош 1 и Козле, каде што ќе бидат изградени овие екопаркинзи.

Граѓаните ќе имаат шанса бесплатно да ги паркираат своите возила, но новината е во тоа што овие екопаркинзи ќе бидат, всушност, зелени „кутии“, бидејќи нивниот надворешен изглед ќе биде прекриен со зеленика/зелена површина и со систем за наводнување „Капка по капка“. Со покривање на второто ниво на овие екопаркинзи, ќе се добие можност за поставување соларни панели, а воедно, и можност за јавно приватно партнерство, се наведува во програмата на Богоев.

Градоначалникот Богоев, во интервју за „Слободен печат“, дадено на 20.05.2019 година, посочи дека во план е во текот на летото, општината да спроведе маалски референдум за проблемите со паркинзите. На прашањето, како рамислува да го реши проблемот со паркирањето, Богоев одговара:

Во летниот период ние сме спремни да направиме нешто што досега не било направено, а тоа е маалски референдум, односно изјаснување на ниво на населба, на ниво на урбана заедница. Досега имало референдумски изјаснувања на ниво на општини, проблемот со ГТЦ во Општина Центар пред неколку години, изјаснувањето за рудниците во јужниот дел на државата, но ова би било баш на микро ниво, маалско или изјаснување на населено место, каде што граѓаните ќе се изјаснат дали се согласуваат вака да се регулира паркингот под тие услови или вака да биде паркингот под тие услови. Практично таа е тема која може да предизвика одредени финансиски импликации, затоа треба граѓаните да се изјаснат и да си го кажат својот став без притоа јас како општина и градоначалник да се мешам со службите, напротив, нашата цел би била во такво сценарио целосно да оставиме и да обезбедиме демократски процес за граѓаните сами да си одлучат. Што ќе одлучат мнозинството граѓани тоа ќе се почитува, меѓутоа секако проактивно настапуваме во делот со проблемот со паркирање. По мене, не сметам дека е во ред да се узурпираат зелени површини за изградба на нови паркинзи.

Жители на Карпош, во изјава за „Вистиномер“, велат дека таков референдум летото не бил спроведен, а дека проблемите со паркирањето и понатаму се исти.

На 11.07.2019 година, градоначалникот Богоев најави дека размислува да воведе зонско паркирање во Карпош, ако на тоа се согласат граѓаните.

Планираме овој проблем да го решиме преку анкетирање на граѓаните. Анкетата ќе се реализира од врата на врата, во секој дом, и само така ќе знаеме дали граѓаните ќе се согласат проблемот со паркирањето во Карпош да се реши преку воведување на наплата.

Ако на анкетата граѓаните се согласат за опцијата зонско паркирање, ќе ја воведеме зоната Д. Тоа ќе значи дека сите станари ќе добијат можност бесплатно да паркираат, а останатите кои ќе се паркираат, да плаќаат 35 денари, изјави Богоев за „Слободен печат“.

Според него, анкетирањето, ќе се спроведе во ноември.

„Вистиномер“ се обрати до Општина Карпош, со цел да добиеме одговор на прашањето, дали ќе бидат изградени екопаркинзите кои Богоев ги најави во својата програма за локалните избори, и ако не, дали е најдено друго решение за проблемот со паркирањето во Карпош. Од Одделението за односи со јавност  ни одговорија дека Општина Карпош сериозно работи на  решавање на паркирањето како актуелен проблем, во смисла на потреба од дополнителни или недостаток на нови паркинг места.

За негово темелно решавање, Општината веќе сериозно работи, со вклучување на граѓаните и нивните мислења, потреби и сугестии, на тоа како заеднички да ги усогласиме нивните потреби и можностите на локалната самоуправа. Поточно, во моментот во Општината се работи на подготвување на анкета за мапирање на интересот на граѓаните, дали се за регулација на паркирањето или не (воведување на платени паркинг зони н.з.). Од исходот на граѓанското изјаснување преку анкетите ќе се модифицираат и идните инфраструктурни решенија, се наведува во одговорот.

Што се однесува до изградбата на екопаркинзите, оттаму велат дека „до крајот на мандатот, Општина Карпош ќе се потруди да изгради барем една монтажна платформа, онаму каде што е „најтесно грло“ односно каде што е инфраструктурно најизводливо“.

Имајќи предвид дека досега не се изградени екопаркинзи и дека од Општината нагласуваат дека во тек се консултации како да се реши проблемот со паркирањето во Карпош, може да се заклучи дека ветувањето на Богоев за изградба на екопаркинзи, е неисполнето.

 

ИЗВОРИ:

Оцени: Ана Анастасовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.