Аква паркот во Кавадарци остана пуста желба на кавадарчани

Базенот не прерасна во Аква парк. Фото: Принтскрин

 

Изградба  на  аквапарк  во  рамките  на  градскиот  базен  по  пат  на  концесија  или ЈПП
Проектот  ќе  се  реализира  по  пат  на  давање  на  базенот  под  концесија  или  преку јавно-приватно партнерство. (Рок на реализација: 2015-2016 година)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Александар Панов, кој на локалните избори во 2013 година како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ се бореше за втор мандат како градоначалник на Општина Кавадарци, на страница 52 од неговата изборна програма, во делот Туризам,  вети и изградба на Аква парк во Кавадарци во рамките на Градскиот базен. Тој посочи дека зафатот ќе се изведе со давање на базенот под концесија на фирма која ќе изгради базен, или како јавно – приватно партнерство. Рокот што го наведе во ветувањето е 2015 или 2016 година, а при некои обраќања подоцна, тој како рок прецизно ја наведуваше 2015 година. Факт е дека сме на безмалку месец и половина од истекот на најдолгиот рок даден од Панов (крајот на 2016 година), а од Аква паркот, како што утврдивме истражувајќи, ниту трага, ниту глас, па ветувањето го сметаме за неисполнето.

Во рамките на кампањата, на предизборен митинг во Кавадарци на 19 март 2013 година, Панов образложувајќи го ветувањето, кажува дека базенот е веќе вратен во владеење на Општина Кавадарци и дека по волја на граѓаните, ќе биде трансформиран во Аква парк.

„Во време на мојот мандат успеавме овој објект, градскиот базен, кој повеќе од 20 години беше даден на користење на некои луѓе од Скопје да му го вратиме на градот. Оваа локална самоуправа по пат на тужба го врати во владение. По волја на граѓаните ќе го трансформираме во мини аква парк. Тоа е дел и од  нашата програма и ќе го реалзираме во наредниот период.“ рече Панов.
Околу идниот мини аква парк тој информира дека засега имало само идејно решение, а бидејќи проектот ќе се реализира преку јавно-приватно партнерство , Панов најави многу содржини кои ќе биле во функција на рекреација на кавадарчани.

Истото ветување можеме да го слушнеме и во видеозапис од изјава, поставен на Јутјуб каналот на Александар Панов на 20 март 2013 година. Во изјавата Панов ветува многу содржини, како тобогани, базени за деца, кафулиња и ресторани, како и други содржини за рекреација.

На 28 декември 2013 година е донесен буџетот на општина Кавадарци за следната, 2014 година, при што Панов најавува дека ќе гради и аква паркот. Една година од почетокот на вториот мандат, во интервју на 5 март 2014 година, Панов кажува дека е при крај изработка на економска исплатливост за претворање на олимпискиот базен во Аква парк.

Во очекување на први чекори на овие најави, наоѓаме вест од 30 јуни 2014 година дека во текот на летната сезона таа година градскиот базен ќе работи нормално, а веќе во годината потоа, односно 2015, тој ќе биде преуреден во Аква парк, и ќе биде почната постапка за јавно-приватно партнерство. Ова всушност е вториот прецизен рок за исполнување на ветувањето што Панов го дава.

Пресметавме дека ова година ќе ја испуштиме сезоната доколку влеземе уште од сега во јавно приватно партнерство и поради тоа последната одлука на советот беше базенот да се издаде на стопанисување на спортската сала Јасмин, односно таа да го издаде на одреден интересент. Некаде во септември, откако ќе заврши сезоната, ќе се започне и со реализација на проектот за јавно приватно партнерство, рече градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов и  најави дека концептот за аква парк останува.

Но и летната сезона во 2015 година во Кавадарци минува без ветениот аква парк. На 10 август 2015, Панов во разговор за една телевизија кажува дека се планира базенот и аква паркот да бидат покриени, за да може да се користи во текот на целата година, а средношколците ќе може бесплатно да го користат. Панов притоа кажува и интересен детал – дека сè уште не е распишан тендерот за јавно-приватно партнерство, а Советот на општина Кавадарци ја усвоил Студијата за јавно-приватно партнерство.

Неодамна донесовме одлука на совет со која ја усвоивме студијата за јавно приватно партнерство , Во моментов оваа студија и целата постапка ни е пред советот за јавни набавки. Со првото одобрение ние ќе го распишеме тендерот за наоѓање на партнер кој од сегашниот олимписки базен ќе направи аква парк , односно базен кој ќе се користи во текот на целата година , а со тоа и средношколците би одржувале бесплатни часови –  изјави Панов.

Во вест за свечената седница на Советот на општина Кавадарци, одржана на 7 септември 2015, по повод Денот на ослободувањето на Кавадарци, е пренесена изјава на кавадаречкиот градоначалник дека е во тек тендерската постапка за аква паркот.

Тој воедно пред присутните најави фронт за работа и ангажман на изградбата на нова детска градинка, изградба на Аква-Парк чија тендерска постапка е во процес, продолжување на изградбата на кејот на реката, изградба на НВО Центар која е во тек, лифтови за хендикепираните како прва општина во Македонија и завршување на реконструкцијата во неколку основни и средни училишта.

Потоа веќе тешко се наоѓаат информации за ветениот аква парк. Во деловите „Подготвени проекти“, „Реализирани проекти“ и „Тековни проекти“ на веб-сајтот на Општина Кавадарци не наоѓаме ниту една информација за аква паркот. Прелистувањето на делот Настани наназад до 2 јули 2015 не нè доведе до информација за Аква паркот.

Но во Електронскиот систем за јавни набавки најдовме известување за поништување на постапка за Договор за воспоставувaње јавно приватно партнерство за реконструкција и изградба на затворен олимписки базен, оти на повикот не се јавил ниту еден понудувач. Известувањето е од 11 јули годинава. Други информации во системот не пронајдовме.

Прелистувањето на броевите на „Кав’даречки весник“, информатор на Општина Кавадарци, од 1 јули 2016 година до 4 ноември 2016 година исто така не нè доведе до информација за Аква паркот.

Рокот за исполнување на ова предизборно ветување на Александар Панов е на малку повеќе од месец и половина, а досега не е преземено ништо конкретно, освен што е објавен оглас за Договор за јавно приватно партнерство, кој е поништен, па затоа ветувањето го оценуваме како неисполнето.

 

ИЗВОРИ

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција