Битола сè уште без ветените подземни гаражи

Владимир Талески, Фото Скриншот

 

Во центарот на Битола ќе изградиме подземни гаражи со капацитет од 340 паркинг-места. (Средства: 6.000.000 евра Извор на финансирање: ЈПП Рок: 2016 година) 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Во предизборната програма на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Владимир Талески  за локалните избори во 2013, наведени се 10 приоритетни проекти за Општина Битола. Еден од тие проекти е и изградбата на подземна гаража, досега  нема информација дека овој проект е започнат.

Изградбата на катни гаражи во Битола беше приоритетен проект и во претходната програма на ВМРО-ДПМНЕ за период 2009 – 2013. Степенот на реализацја на оваа програма беше предмет на анализа на Вистиномер, објавена на 22.03.2013 година. Според податоците од оваа анализа ова изборно ветување не беше исполнето ниту тогаш.

Сообраќајниот хаос во Битола е проблем кој се провлекува веќе подолг период. Проблемот е особено изразен во централното градско подрачје. Во моментов паркирањето во Битола е регулирано со три паркинг зони кои нудат на располагање околу 2000 места за паркирање, управувано од Друштвото за посебна намена „Градски Паркинзи” Битола.

Електронското пребарување не дава никакви резултати дека во изминатиот период се спроведени активности за реализација на овој проект. Електронската архива на општина Битола, не дава никакви информации околу статусот на имплементација на овој проект. Во годишниот план за набавки за  општината за 2016 година нема ставка која се однесува на подготовка на проекти или други поврзани активности кои би се однесувале на изградба на подземни гаражи.

Во Стратегијата за локален развој на општина Битола за период 2014 – 2018, се споменува изградба на подземни гаражи како планиран проект, но без повеќе податоци за тоа кога би се спровела имплементацијата. Во годишните извештаи за 2013 и 2014 година, вклучително и завршните годишни сметки кои се ставени на увид на веб – страната на Општина Битола, нема информација за потрошени средства или активности за подготовка на проекти или други релевантни трошоци поврзани со реализација на овој проект.

Со оглед на оваа анализа, а имајки предвид дека досега не се започнати активности за реализација на проектот, може да се заклучи дека ветувањето на градоначалникот Владимир Талески за изградба на подземни гаражи во Битола е неисполнето.

ЛИНКОВИ:

Оценето од: Mилена Јосифовска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција