И после пет години, клучката Брвеница уште во доизградба

Исклучување и вклучување можно само кај Универзитетот на ЈИЕ, отспротива ништо. Фото: Google Maps скриншот.

47.ПРОЕКТ: ДОИЗГРАДБА НА КЛУЧКАТА БРВЕНИЦА

Доизградбата на оваа клучка ќе ја олесни мобилноста на населението од општина Брвеница кон автопатот Мајка Тереза и ќе овозможи услови за побрз регионален економски развој. Средствата се од буџетот на ЈП за државни патишта. (Буџет: околу 1 милион евра, РОК: 2014–2015 ГОДИНА)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Во „Проверено“, изборната програма за парламентарните избори во 2014 година, на 60. страница,  ВМРО-ДПМНЕ ветува доизградба на клучката Брвеница. Според сегашната состојба, за која ни посведочи жител на Брвеница, но и отчетот на Министерството за транспорт и врски (ресор на ВМРО-ДПМНЕ) за 2015 година, реализиран е половина од проектот, односно делот на клучката за правецот Тетово – Гостивар на автопатот, а спротивниот не е, па ова ветување се смета за делумно исполнето.

Ова ветување, всушност, е „подгреано“, со  оглед на тоа што проектот првпат е наведен уште пред пет години. Имено, доизградбата на клучката е ветување што ВМРО-ДПМНЕ го дала и во претходниот изборен циклус, односно на 71. страница на „Манифест за реформи и развој“, програмата со којашто настапи на предвремените парламентарни избори во 2011 година. Притоа како рок за завршување е наведен ноември 2012 година, а вредноста на проектот е проценета на 700.000 евра.

ДОИЗГРАДБА НА КЛУЧКАТА БРВЕНИЦА

Доизградбата на оваа клучка ќе значи целосно имплементирање на сообраќајното решение предвидено со проектот Автопат Скопје–Тетово. Со оваа клучка ќе се подобри комуникацијата за населението од Брвеница кон Тетово.

Вредност на проектот се проценува на 700 илјади евра, а средствата се планира да бидат обезбедени од Буџетот на Република Македонија. (Рок: ноември 2012 година)

Сепак, како што ќе видиме, тој рок целосно се пробива. Имено, првите конкретни чекори за реализацијата на проектот се прават во декември 2012 година, кога се распишува тендерот за изградба, при што како краен рок за завршување на проектот се наведени 36 месеци. Распишувањето на тендерот пак паѓа на истекот на рокот за завршување наведен во „Манифест“.

Договорот за изградба на клучката е потпишан со градежната компанија Бетон на 24 јуни 2013 година, за сума од 59.657.723 денари (967.000 евра според денешниот курс), но рокот за завршување во ова известување до Македонска берза не е наведен.

Градежните работи се започнати во мај 2014 година, според Отчетот на ВМРО-ДПМНЕ на стр.  85.

Доизградба на клучката Брвеница.
Градежните работи се отпочнати во мај 2014 година. Инвестицијата е во
висина од околу 1 милион евра.

Во однос на ветувањето за доизградба на клучката кај Брвеница дадено во „Проверено“ пред парламентарните избори во 2014 година, на страница 21 од Отчетот на Министерството за транспорт и врски за 2015 година се објаснува дека имотно-правни проблеми го попречиле довршувањето, а во тек е судска постапка за надминување на ситуацијата, по што работите ќе продолжат. И во оваа презентација, инаку, се наведува дека инвестицијата е милион евра, исто како во ветувањето во „Проверено“.

Клучката во непосредна близина на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, е наведена како проект и на веб-сајтот на Јавното претпријатие за државни патишта, каде исто така како рок на завршување е наведена 2015 година.

Со оглед на сè досега забележано за овој проект, односно дека клучката е реализирана само со пристап кон автопатскиот правец Тетово – Гостивар и излез од него, но не и пристапот и излезот на правецот Гостивар – Тетово – а во две изборни програми на ВМРО-ДПМНЕ се ветува доизградба на оваа клучка, при што се пробиени наведените рокови – ова ветување е делумно исполнето.

 

ИЗВОРИ

  • Проверено“ – Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ за парламентарните избори во 2014 година (стр. 60) [Пристапено на: 13.4.2016]
  • Манифест за реформи и развој“ – Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ за парламентарните избори во 2011 година (стр. 71) [Пристапено на: 13.4.2016]
  • Вистиномер – ВМРО-ДПМНЕ: Доизградба на клучката Брвеница (27.12.2012) [Пристапено на: 13.4.2016]
  • СЕИ Нет – Известување од Друштво за градежништво „Бетон“ АД – Скопје (24.6.2013) [Пристапено на: 13.4.2016]
  • Отчетно – Отчет на ВМРО-ДПМНЕ (Стр. 85) (20.3.2016) [Пристапено на: 13.4.2016]
  • Отчет на Министерството за транспорт и врски за 2015 година (Стр. 21) (25.12.2015) [Пристапено на: 13.4.2016]
  • Јавно претпријатие за државни патишта – Изградба на клучка Брвеница на државниот пат А2, делница Тетово – Гостивар [Пристапено на: 13.4.2016]

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција